Општество
Младитe иноватори претставија нови начини за промени за децата
УНИЦЕФ и Младинскиот образовен форум организираа во четвртокот средба со шест носители на промени од Македонија на манифестацијата UNICEF Activate Talks, на теми од областа на учество на младите и децата. Со осврт на вклученоста на децата со попреченост во различните општествени сфери, вклученоста на девојки во информатиката, младите во создавањето на јавни политики, како и на други теми, овие активисти ги претставија нивните особени начини на активен ангажман за остварување на промени во нивните животи и заедници.
Одбележувајќи ја 25-годишнината на Конвенцијата за правата на детето, УНИЦЕФ ја прогласи 2014-та за Година на иновации за правичност. Во текот на целата година во земји од разни делови од светот се организираат манифестации наречени „Activate Talks“, каде на едно место се собираат носители на промени од различни сегменти на општеството со цел да се обмислат и разработат начини за остварување на резултати за најмаргинализираните деца.
Манифестацијата во Скопје е најновата од серијата глобални манифестации од овој вид, кои претставуваат собир на иноватори, експерти и активисти здружени во дискусии за нови начини на остварување на правото на децата да учествуваат – не само да бидат слушнати мислењата на децата, туку тие на содржаен начин да учествуваат во донесувањето на одлуки што ги засегаат нивните животи и заедници.
„Ова е вистински момент за да се упати силен повик за да се преточи визијата на Конвенцијата во реалност за сите деца, како и да се размисли за иновативни пристапи кои можат да го трансформираат животот на децата насекаде во светот ”, рече амбасадорот Аиво Орав, шеф на делегацијата на Европската унија. „Денешниот настан на кој се зборува за учеството на децата оди токму во таа насока”, додаде.
„Учеството на децата е еден од четирите водечки принципи на Конвенцијата за правата на детето и основа за другите права”, рече др. Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ.
„За да можат да учествуваат младите и децата треба да имаат содржинска улога преку којашто ќе се види дека луѓето ги ценат и дека ги остваруваат своите права на достоинство и заштита”, порача Демулен.
Шесте говорници со своите шест посебни стории ја инспирираа публиката и поттикнаа дискусија за улогата што може да ја имаат младите и децата во справувањето со дискриминација, недостатокот од почит за различностите и толеранцијата.
Александар Матовски – Цако, активист за човекови права, ја заинтересира целата публика кога го раскажа своето лично искуство во кршење на бариерите со кои се соочува како млад човек со попреченост. Тој ги поттикна сите да се замислат за начините на кои општеството покажува сожалување кон лицата со попреченост наместо да ги гледа нивните можности.
„Кој од вас би станал во автобус за да седне лице со попреченост?“праша Матовски а на потврдните одговори едноставно реплицираше „Зошто? Ние не сме различни, и ние можеме да стоиме во автобус“.
На само четиринаесетгодишна возраст Марко Видачек веќе е член на локалниот младински совет, актер, фотограф, блогер и активист, активности во кои тој е ангажиран од својата седма година.
Жива дискусија се разви и на темата дали младите имаат свое место за вистинско осмислено учество, откако Марија Мирчевска од Младинскиот образовен форум и Арбен Ристеми од Националниот младински совет говореа за учеството во училиштата и во општинските совети.
„Младите почнуваат да сфаќаат дека промената тргнува од нив самите и дека тие пред се треба да создадат свој сопствен простор“, рече Ристеми.
Една од ретките жени што успешно работи во информатичката и комуникациска технологија Валентина Тасева и Јасмина Чашуле која е вклучена во Trash Fashion исто така имаа свои излагања на ActivateTalks./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.