Општество
МОСТ: Сеопфатно ќе се набљудува периодот пред распишувањето на изборите
Сеопфатно набљудување на периодот пред распишувањето на предвремените парламентарни избори предвидени за април 2016 година, најави Граѓанската асоцијација „МОСТ“.
Граѓанската асоцијација „МОСТ“, Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар, Центарот за економски анализи, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Младинскиот културен центар – Битола, од една страна и Народниот правобранител од друга страна, во петок потпишаа Меморандум за соработка за реализација на проектот „Патоказ кон слободни и фер избори“.
„Набљудувањето ќе опфати неколку сегменти како што е политичкиот контекст, вклучувајќи го исплаќањето на субвенции, меѓуетничките односи, активностите на политичките партии, централната и локалната власт и евентуалната злоупотреба на државни ресурси и администрацијата, како и евентуалните притисоци врз вработените во администрацијата, граѓаните, младите и злоупотребата на деца во политички цели“, рече извршниот директор на Граѓанската асоцијација МОСТ, Дарко Алексов.
Тој уште појасни дека набљлудувачите на МОСТ веќе се распоредени во сите 80 општини низ Македонија и покрај другото ќе ги следат и јавните настани организирани од страна на политичките партии, но и промотивните активности на јавните институции и ќе информираат за потенцијалните злоупотреби на овие настани, односно за злоупотреби на државните ресурси.
Алексов исто така посочи дека дополнително ќе се набљудува и проверката на Избирачкиот список, кога истата ќе се спроведе, а ќе биде спроведена и национална кампања за подигнување на свеста на гласачите која ќе се фокусира на слободата на избор, тајноста на гласот и заштитата на избирачкото право.
Тој уште истакна дека со потпишувањето на овој Меморандум во Република Македонија за првпат се креира ваква платформа од граѓански организации и Народниот правобранител со цел набљудување на овој многу важен транзициски период.
„Со овој проект секој од партнерите во проектот од свој аспект ќе помогне во остварување на избирачкото право, втемелено како основно политичко право, кое треба да се остварува на слободни избори со тајно гласање. Исто така, оваа соработка ќе придонесе и за контрола над работата на изборните органи и државната администрација, како и за поголема информираност на граѓаните за заштита на нивното избирачкото право“, рече Алексов.
МОСТ, во соработка со Првата детска амбасада во светот “Меѓаши” и Народниот правобранител денес ги промовираше и бесплатните телефонски линии за пријавување на повреди на правото на глас и злоупотреба на малолетни лица во политички цели.
Народниот правобранител преку отворањето на бесплатната телефонска линија, а согласно неговите надлежности ќе ги штити правата на граѓаните. На оваа телефонска линија тие ќе може да пријават какви било повреди на избирачкото право, вклучувајќи и притисоци закани и злоупотреби поврзани со претстојните избори.
„Ако слободните избори со тајно гласање се столбот на демократијата, тогаш обврска на институциите е да обезбедат услови за спроведување на фер избори, без притисоци и заплашувања пред, за време и после изборите“, истакна Народниот правобранител, Иџет Мемети.
Народниот правобранител ќе постапува и по поплаките кои по претходна писмена согласност на пријавувачите, ќе му бидат доставени од страна на Граѓанската асоцијација „Мост“ и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
„Политичките партии треба да се грижат за потребите и интересите на децата и да ги вградат во своите предизборни платформи, но не смеат да ги злоупотребуваат децата со тоа што ќе ги вклучат во своите видеоспотови, билборди и митинзи. Политичките партии не смеат да си дозволат униформираност меѓу децата со обележјата на одредена политичка партија (маички, капи, беџови, знаменца и сл.), рече директорот и основач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши Драги Змијанац.
Во соработка со Центарот за економски анализи – ЦЕА, МОСТ ќе го следи трошењето на јавните средства од буџетот во предизборниот период, а кои се однесуваат на трошењата за исплаќање на директна финансиска помош во земјоделството, од аспект на следење на календарот на субвенции и реализирање на исплатите.
Соработката, пак, со Младинскиот културен центар – Битола, ќе придонесе кон обезбедување увид во работата на администрацијата, односно во можните злоупотреби во овој сегмент, како што е на пример трансформацијата на работните односи од привремени во трајни во предизборниот период – честа појава во изминатите изборни циклуси.
Токму затоа, потписниците на овој Меморандум ги повикуваат и охрабруваат граѓаните да ја искористат оваа соработка и да го пријават секое поединечно прекршување на нивните права.
Проектот ќе го имплементира Граѓанската асоцијација МОСТ преку своите 18 регионални канцеларии во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар, Центарот за економски анализи, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Младинскиот културен центар – Битола, а во соработка со Народниот правобранител.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија Националниот демократски институт и Националниот фонд за демократија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.
Македонија
Заедничка иницијатива на засегнатите од неспроведувањето на новиот закон за бришење на застарени долгови
Во понеделник, 11 март 2024 во 12 часот пред Министерство за правда во Скопје, може да дојде секој од засегнатите граѓани од извршители, а кој сака да поднесе барање за застарување на долг – 10 години од издавање на извршна исправа – или да поднесе приговор за нерегуларности од извршувањата (пренаплатеност, лихварење, рекет, измама, фалсификат…), информира преку Фејсбук статус Ана Глигорова.
Глигорова вели дека ќе има подготвени, испечатени теркови со барања до Министерството кои ќе може да се пополнуваат на лие место и потоа да се поднесат во пријавницата на Министерството за правда.
Овие барања ќе се однесуваат за сите оние кои биле одбиени од извршителите да го спроведат новиот закон кој е во сила, но и за сите оние кои не поднеле никакво барање до сега, информира Глигорова.
-Ако поднесувате приговор за други нерегуларности составете го сами, според предметот за кој сте засегнати, но и тие документи ќе бидат предадени истиот ден, – додава таа.
Глигорова порачува засегнатите да земат слободен ден или час од работа, за да дојдат лично да ги пополнат и предадат поднесоците за што ќе им биде потребна лична карта и фотокопија од документите.