Општество
Посебен закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство
Посебен закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство усвои Владата на седница во понеделник. Ова е прв закон во Македонија со кој се регулира оваа материја, а се очекува да понуди нови механизми и концепти за сузбивање на семејното насилство.
Предлог законот во вторник го презентираа министрите за труд и социјална политика и за внатрешни работи, Диме Спасов и Гордана Јанкулоска. Следен чекор е достава на предлогот на јавна расправа во која учество ќе можат да земат невладините организации, експертите, институциите.
Овој предлог на закон ги дефинира начелата на кои ќе се заснова почитувањето на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права.Како основни начела се предвидуваат и начелото на итност и одговорност на надлежните институции, интерсекторско постапување и координирање.
„Со цел да се спроведуваат сеопфатни интегрирани политики Владата на Република Македонија ќе донесува Национална стратегија за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, за период од пет години. Владата исто така ќе формира Национално координативно тело за семејно насилство со мандат од пет години, во кое ќе бидат опфатени претставници од сите надлежни институции како и претставници од здруженија кои се регистрирани за работа со семејно насилство, а со кое ќе раководи министерот за труд и социјална политика“, рече Спасов.
Со овој предлог-закон се дефинира дека Центрите за социјална работа ги преземаат следниве мерки за заштита на жртвите: сместување во Центар за лица-жртви; соодветна здравствена заштита; соодветна психо-социјална интервенција и третман; психо-социјален третман во советувалиште; помош на семејството за редовно школување на дете; правна помош и застапување, и економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот и активните мерки и политики за вработување.
Се прецизираат и надлежностите на здравствените работници, преку утврдена должност веднаш да извршат преглед и друг медицински третман на жртвата и за истото да и издадат соодветна медицинска документација за констатираната повреда.
„Во делот на судските постапки, како новина е предвидено кога постои основано сомнение за сериозна опасност по животот и здравјето на жртвата или на член од семејството, судот во рок од 24 часа ќе изрече привремена мерка за заштита, врз основа на стручен наод и мислење на центарот за социјална работа, како и ќе изрече привремена мерка за заштита, отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот во период од најмалку 14 дена“ истакна Спасов.
Министерката Јанкулоска во изјава за медиумите посочи дека новата законска регулатива обезбедува проширување на овластувањата на службените лица за итна интервенција при МВР за отстранување на сторителот на насилството од живеалиштето на жртвата.
„Овластениот полициски службеник, секогаш кога има пријава за семејно насилство, а заради спречување на непосредна опасност по физичкиот интегритет и животот на жртвата веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот е должен да ги преземе следниве дејствија:да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај, да обезбеди жртвата веднаш да добие соодветна здравствена заштита, да изготви предлог за изрекување на привремена мерка за заштита отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот и заедно со полицискиот извештај да го достави и до надлежниот основен суд, да го извести надлежниот центар за социјална работа заради преземање на мерки за заштита на жртвата”, посочи Јанкулоска.
Двајцата министри заклучија дека наредниот период претстои една конструктивен процес на јавна расправа, во кој што се очекуваат сите релевантни фактори да земат учество и да го помогнат носењето на овој закон со квалитетни предлози и видувања и дека кога е во прашање спречувањето на семејното насилство, мора да се градат партнерски односи и да нудат најповолни решенија.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.
Македонија
Заедничка иницијатива на засегнатите од неспроведувањето на новиот закон за бришење на застарени долгови
Во понеделник, 11 март 2024 во 12 часот пред Министерство за правда во Скопје, може да дојде секој од засегнатите граѓани од извршители, а кој сака да поднесе барање за застарување на долг – 10 години од издавање на извршна исправа – или да поднесе приговор за нерегуларности од извршувањата (пренаплатеност, лихварење, рекет, измама, фалсификат…), информира преку Фејсбук статус Ана Глигорова.
Глигорова вели дека ќе има подготвени, испечатени теркови со барања до Министерството кои ќе може да се пополнуваат на лие место и потоа да се поднесат во пријавницата на Министерството за правда.
Овие барања ќе се однесуваат за сите оние кои биле одбиени од извршителите да го спроведат новиот закон кој е во сила, но и за сите оние кои не поднеле никакво барање до сега, информира Глигорова.
-Ако поднесувате приговор за други нерегуларности составете го сами, според предметот за кој сте засегнати, но и тие документи ќе бидат предадени истиот ден, – додава таа.
Глигорова порачува засегнатите да земат слободен ден или час од работа, за да дојдат лично да ги пополнат и предадат поднесоците за што ќе им биде потребна лична карта и фотокопија од документите.