Општество
Постхумно признание „Креатори за векови“ за Трајче Мукаетов
Бизнис платформата за средна и југоисточна Европа „Претприемништво – Перспективи 2050“, постхумно во понеделникот вечерта го додели признанието „Креатори за векови“ на Трајче Мукаетов, поранешен генерален директор и еден од креаторите на модерниот македонски и регионален фарамцевстски гигант „Алкалоид“.
Оваа престижна награда за животно дело се доделува за постигнувања во текот на целокупниот животен век, со цел јавно да се оддаде признание на големите визионери, лидери и креатори на иднината, чиии труд, храброст, знаење, креативност и врвни резултати се темел и главен двигател на напредокот на заедницата и на развојните предизвици кои ги налага новото време.
Трајче Мукаетов својата кариера ја започнува по дипломирањето на Електротехничкиот факултет во Белград, по што како дипломиран експерт е назначен за прв директор во организацијата за процеси и информатика при Македонската државна канцеларија за информатика.
Работниот стаж го продолжува во „Алкалоид“, каде во 1974 го основа компјутерскиот центар на компанијата. Набрзо, под негово водство, овој центар е прогласен за водечки компјутерски центар во Македонија. Од 1985, Трајче Мукаетов ја извршува функцијата Генерален директор на „Алкалоид АД“ Скопје. Од 33 години во „Алкалоид“, на чело на компанијата е цели 22. Периодот на неговото раководење е обележан со најголемиот инвестициски циклус во компанијата. Како голем стратег и визионер, тој во 1996 го иницира создавањето на нови фармацевтски погони, опремени со нови автоматизирани производни линии и зголемен капацитет на производство.
„Не ми беше најважно да трупам имот и да купувам фирми, туку напротив, најголем предизвик ми беше да го издигнам ‘Алкалоид’ во современа и успешна компанија, компанија која ќе биде регионален лидер и која ќе продолжи успешно да работи и после моето заминување од челната позиција. ‘Алкалоид’ е компанија за сите времиња и мора да мислиме и за нашата иднина“, истакна своевремено Трајче Мукаетов.
За секој менаџер, највисок дострел е зад себе да остави здрава и просперитетна компанија. Такво нешто, во вистинска смисла на зборот, направи Трајче Мукаетов, се вели во образложението. Постхумната награда за животно дело во претприемништвото, претставниците на организацијата „Креатори за векови“ му ја врачија на актуелниот Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Изборот на лауреати се одвива во пет фази, под водство на независен меѓународен Комитет за доделување награди и признанија „Креатори за векови“, составен од 16 истакнати имиња од областа на економијата, маркетингот и финансискиот сектор, од 10 европски земји. Свеченото прогласување на лауреатите за 2015 година се одвиваше паралелно со одржувањето на Регионалниот самит на претприемачи на Средна и Југоисточна Европа – „300 Најдобри“ во Дубровник, додека пригодната церемонија за постхумно доделување на наградата на Трајче Мукаетов се одржа во Скопје, во присуство на неговите некогашни соработници и семејството./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.