Општество
Презентирана Стратегијата за развој на полицијата
Стратегијата за развој на полицијата 2016-2020, еден од клучните документи изработени во рамките на проектот за институционална надградба на полицијата, претставен е во средата пред јавноста во ЕУ Инфоцентарот.
Овој стратешки документ ги идентификува потребите и потенцијалите, и ги дефинира развојните приоритети на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) за периодот 2016-2020 година.
Според Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се работи за стратешки документ со долгорочна развојна визија во кој фокусот е ставен на практичната имплементација и постигнувањето оптимални резултати.
„Полицијата е столб на безбедноста, мирот и благосостојба на нашето општество. Токму затоа наша заедничка цел е изградба на Полиција која е ориентирана кон афирмација на општествените вредности во функција на граѓаните и која ќе овозможи подобaр квалитет на живот, заштита на правата и мир и хармонија на сите граѓани,“ рече Спасовски.
Стратегијата предвидува развој на проактивен модел на полициско работење, поедноставување на организациската структура и унапредување на методологијата на работа, која ќе е компатибилна со најдобрите практики на европските полициски служби, со цел најефективно искористување на ресурсите според принципот на ефикасно финансиско управување.
Следствено, СРП се темели на четири главни столбови и тоа: управување со ресурсите, работа на полицијата со заедницата, успешно справување со криминалот, и учење и развој. Нејзиното спроведување ќе биде регулирано со Акциски план со утврдени финансиски средства потребни за реализација на целите.
„Полицијата е организација која ние сите ја гледаме секој ден на улица, во одредени објекти, во установи. Тоа е организација на која треба да ѝ веруваме, да ја врши својата работа на заштита и помагање. Европската унија е ангажирана во поддржување на овие реформи од 2002 година и нашата поддршка ќе продолжи и понатаму. Концептот на ЕУ за модерна полиција значи јавна услуга на граѓаните,“ рече Лукаш Холуб, Раководител на Одделот за политички прашања, правда и внатрешни работи во Делегацијата на ЕУ. /крај/мф/ап/
.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.
Македонија
Заедничка иницијатива на засегнатите од неспроведувањето на новиот закон за бришење на застарени долгови
Во понеделник, 11 март 2024 во 12 часот пред Министерство за правда во Скопје, може да дојде секој од засегнатите граѓани од извршители, а кој сака да поднесе барање за застарување на долг – 10 години од издавање на извршна исправа – или да поднесе приговор за нерегуларности од извршувањата (пренаплатеност, лихварење, рекет, измама, фалсификат…), информира преку Фејсбук статус Ана Глигорова.
Глигорова вели дека ќе има подготвени, испечатени теркови со барања до Министерството кои ќе може да се пополнуваат на лие место и потоа да се поднесат во пријавницата на Министерството за правда.
Овие барања ќе се однесуваат за сите оние кои биле одбиени од извршителите да го спроведат новиот закон кој е во сила, но и за сите оние кои не поднеле никакво барање до сега, информира Глигорова.
-Ако поднесувате приговор за други нерегуларности составете го сами, според предметот за кој сте засегнати, но и тие документи ќе бидат предадени истиот ден, – додава таа.
Глигорова порачува засегнатите да земат слободен ден или час од работа, за да дојдат лично да ги пополнат и предадат поднесоците за што ќе им биде потребна лична карта и фотокопија од документите.