Општество
Регионална конференција Заштита на просторот за мирен јавен собир во југоисточна Европа

Првата регионална и национална конференција „Заштита на просторот за мирен јавен собир во Југоисточна Европа“ ќе се одржи следните два дена (понеделник и вторник, 25-ти и 26-ти август) во Скопје во хотелот „Холидеј Ин“.
Конферецијата ќе овозможи претставниците на граѓанските организации од Балканот, претставници од ОБСЕ/ОДИХР, Европската унија, експерти и претставници на институциите, да ги истражат и дискутираат можностите и предностите поврзани со правните и практичните аспекти на примената на слободата на јавен собир во Југоисточна Европа. Постојната законска рамка и заштитните механизми кои го гарантираат правото на јавен собир во практиката ќе бидат разгледувани. Исто така, на конференцијата ќе се идентификуваат начините за подобра соработка помеѓу граѓанското општество, медиумите и властите, со цел унапредување на правото на јавен собир во регионот. Конференцијата ја организира „Реактор – Истражување во акција“ во соработка со Европскиот центар за непрофитно право (ECNL), ОБСЕ/ОДИХР, и е дел од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија. На неа учество ќе земат низа клучни говорници, вклучително и претставници од ОБСЕ/ОДИХР, ECNL, Уставниот суд на Република Македонија, претставници на релевантни институции, како и проминентни организации на граѓанското општество од регионот ќе учествуваат на конференцијата.Конференцијата ќе се осврне на темите за стандардите и практиките од областа на јавните собири, како и можностите за правна заштита; експертски ставови за предизвиците кои произлегуваат од глобалните трендови од остварувањето на правото на јавен собир; прецизен увид на потребите и перспективите на различните релевантни чинители; и за јавните собири во дигиталната ера: нови технологии за организирање и следење јавни собири. Една од главните цели на конференцијата е да понуди можности за вмрежување и да поттикне дебата меѓу учесниците од државите од југоисточна Европа и Македонија./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уставниот суд укина 3 правилници, а поведе постапки за 8 прописи за кои беа поднесени иницијативи од Министерот Кренар Лога и МП

Во врска со 20-те иницијативи кои беа доставени до Уставниот суд за поведување на постапки за оценување на уставноста на повеќе прописи објавени во спротивност со членот 52 од Уставот, од страна на Уставниот суд донесени се Одлуки со кои се укинати 3 Правилници за кои од страна на судот е “оценето дека при објава на истите недвосмислено произлегува дека е пречекорен уставниот рок за објавување предвиден во член 52 од Уставот, односно од страна на судот е оценето дека оспорените Правилници не се во согласност со членот 51 и членот 52 од Уставот”.
Oд страна на Уставниот суд донесени се и решенија со кои се поведени постапки за оценување на уставноста на 8 прописи за кои беа поднесени иницијативи, а во кои судот оценил “дека е пречекорен уставно пропишаниот рок од седум дена за објавување во Службен весник на Република Северна Македонија поради што основано се поставува прашањето за уставноста на овие прописи односно нивната согласност со членот 52 од Уставот”.
Воедно, Министерството за правда и Министерот Лога ја поздравуваат објективноста и ефикасноста на Уставниот суд во врска со овие прашања, се вели во соопштението од Министерството за правда.
Македонија
Порака од претседателот Пендаровски по повод 5 Ноември – Светскиот ден на ромскиот јазик

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 5 ноември – Светскиот ден на ромскиот јазик, упати порака до припадниците на ромската заедница во Република Северна Македонија.
– Ромскиот јазик е значаен дел од идентитетот на ромскиот народ. Тој претставува сведоштво за историјата на ромската заедница и придонесува во зачувувањето на нивната уникатна култура којашто со своите карактеристики ја збогатува севкупната културна ризница во нашата држава. На Светскиот ден на ромскиот јазик, го истакнуваме значењето на негувањето на ромскиот јазик како чувар на традицијата, фолклорот и културата. Прикажувајќи ја суштината на ромскиот начин на живот, нивните приказни и нивните вредности, ромскиот јазик претставува мост до разновидното наследство на ромската заедница. Поддршката за негувањето на ромскиот јазик е важна не само за зачувување на културното наследство на ромската заедница, туку претставува и начин за јакнење и збогатување на нашето мултикултурно општество. Унапредувањето на севкупниот образовен процес на децата Роми и обезбедувањето на соодветните услови е од клучно значење за натамошното негување на ромскиот јазик. Во таа насока, особено се значајни заложбите и посветеноста кон обезбедување услови за поголема институционална поддршка за изучување, употреба и зачувување на ромскиот јазик. Честит 5 Ноември – Светски ден на ромскиот јазик, се вели во честитката од претседателот Пендаровски.
Македонија
Џафери: Помирувањето и соработката значат успех во трансформацијата на регионот

Парламентарната соработка на земјите од Западен Балкан е уште еден камен на зајакнување во обезбедувањето на инклузивниот напредок за регионот со посветеност кон главните европски вредности на демократијата, владеењето на правото и фундаменталните права, смета претседателот на Собранието Талат Џафери, кој се обрати на сесијата „Перспективите за мир и помирување во Западен Балкан” во рамки на регионалната конференција „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ – предизвици и перспективи“ што денеска се одржува во Скопје.
Според него, Интерпарламентарната унија со право заклучила дека „пратениците имаат уникатно поимање за диверзитетот меѓу луѓето и се во подобра позиција да ги артикулираат аспирациите на луѓето и да објаснат што навистина им е важно.”
-И ова е предуслов за работата на ООН низ сите земји и нејзиниот клучен принцип да не остави никој зад себе, што го прави Парламентот еден од клучните партнери. Помирувањето и соработката се заедничкиот именител на успехот на трансформацијата на регионот. Тие се фундаменталниот фактор за нашите партнери и за нас како земји на нашиот пат кон членство во Европската Унија и иднината на целиот регион е токму во нив. И оваа конференција е доказ дека ние како регион, продолжуваме да градиме мостови на соработка и приближување помеѓу нашите народи, нашите држави и целиот регион на Европската Унија. Така создаваме доволен простор за развој и напредок на овој дел на континентот, координирајќи се за заеднички проекти започнати во рамките на Берлинскиот процес, Одржливите цели на Обединетите нации и политиките на Унијата, истакна Џафери.
Нагласи дека Република Северна Македонија работела и дека ќе продолжи да работи во насока на постигнувањето на стратешките цели, односно полноправното членство во ЕУ.