Општество
Ременски: Младите да се усовршуваат за да станат поконкуретни на пазарот на труд
Младинската невработеност во Република Македонија е 47% проценти, што укажува на потребата на вклучување на сите чинители во креирањето на политиките и на централно и на локално ниво со цел да се создадат услови за отворање нови работни места.
Ова во четврток на конференција во организација на УСАИД, проектот Мрежа ЈЕС , којшто подолго време работи на прашањето на конституирање на локални економско социјални совети во соработка со општините во Република Македонија, го изјави техничката министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски.Според неа, потребно е и младите да се поттикнуваат да се усовршуваат за да можат да станат поконкуретни на пазарот на труд.„За таа цел во Република Македонија, преку проектот мрежа ЈЕС се формирани неколку успешни приказни на локални економско – социјални совети коишто даваат резултати и општините во коишто тие функционираат и од којшто се подржани покажуваат значителни резултати во делот на намалување на невработеноста, меѓутоа и отворање на нови профили во образовните институции за потребите на пазарот на труд“, рече Ременски.Таа додаде дека целта на проектот, но и на министерството на труд и социјална политика и на националниот социо-економски совет е да ги поттикне сите општини да ги прифатат добрите практики, особено на две општини во Република Македонија, со цел преку таква добра практика и научени лекции да можат да ги развијат овие совети со цел да помогнат и на процесот на децентрализација во Република Македонија, но и да ги унапредат условите за работа и вработување на младите. „Целта на проектот и нашата заложба како Министерство за труд и социјална политика, во контактите коишто ги имавме по однос на овој проект, се однесуваат на воспоставување механизми за комуникација помеѓу националниот економско – социјален совет и локалните економско – социјални совети, со цел економско – социјалниот совет да го гарантира опстојувањето на локалните економско – социјални совети, меѓутоа и да ги поттикне општините финансиски да ги подржат советите за да можат да функционираат на локално ниво и да не зависат од донаторска помош и од проекти како во случајот на УСАИД, за којшто сме многу благодарни што воспостави еден таков проект во Македонија, што на подолг рок ќе ги даде резултатите по однос на намалување на невработеноста, особено кај младите“, рече Ременски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.