Општество
Ременски обвинува дека не се исплаќаат социјалните давачки, финансии демантира
Од средината на март во трезорот во министерството за финансии стојат нереализирани исплати кон граѓаните за породилно отсуство, цивилна инвалидност, мобилност и слепило, парична помош за студирање и други социјални давачки, обвини во понеделник, Фросина Ременски, министерка за труд и социјална политика, во оставка, а од Министерствтоо за финансии демантираат
x„И покрај уредно и навремено потпишаните и доставени за исплата и обврски кон граѓаните и други субјекти, од средината на март во трезорот во министерството за финансии стојат нереализирани исплати кон граѓаните за породилно отсуство во висина од 195.069.448 денари, цивилна инвалидност 6.517.066 денари, мобилност и слепило 59.676.000 денари, постојана парична помош 30.132.282 денари, сместување во згрижувачко семејство 3.313.027 денари, парична помош за студирање 4.026.311 денари, детски додаток 10.291.042 денари, еднократна парична помош за новороденче 3.562.070 денари, родителски додаток за трето дете 207.723.161 денар, родителски додаток за четврто дете 11.729.412 денари, посебен додаток 35.783.890 денари, или за правата од социјална и детска заштита за месец март, вкупно 375.051.571 денар“, вели Ременски.
Во трезорот стојат неисплатени и средствата за заштитните друштва кои вработуваат инвалидизирани лица, за здраствено осигурување, за бањите кои даваа услуги за бањско- климатска рекреација на пензионерите, паричната помош за граѓаните за опожарени куќи или за лекување и други, или вкупно неисплатени близу 12.000.000 евра, додава Ременски. Таа го повика министерот за финансии, Зоран Ставревски, веднаш да ја одблокира исплатата на неисплатените права на граѓаните и да престанат манипулациите со ранливите категории на граѓани на кои овие средства, можеби им се единствени месечни примања.„Во однос на тврдењата од техничкиот министер за труд и социјала дека повеќе од месец дена не се исплаќаат налози за социјална помош и други социјални надоместоци, Министерството за финансии соопштува дека тврдењата на техничкиот министер за труд и социјала Ременски се неточни и очигледно станува збор за уште еден обид да се манипулира“, демантираат од Министерството за финансии.Појаснуваат дека налозите за социјални надоместоци и другите категории за кои Ременска тврди дека се доцни еден месец со исплата, ги има доставено во Трезорот дури во петокот минатата недела. „Значи техничката министерка која се жали дека доцни исплатата од Трезорот, задоцнила со доставување на налозите за исплата. Веќе денеска сите се пуштени за исплата, освен оние кои се со технички грешки и кои се вратени на Труд и социјала на исправка“, велат од Министерството за финансии./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.
Македонија
Заедничка иницијатива на засегнатите од неспроведувањето на новиот закон за бришење на застарени долгови
Во понеделник, 11 март 2024 во 12 часот пред Министерство за правда во Скопје, може да дојде секој од засегнатите граѓани од извршители, а кој сака да поднесе барање за застарување на долг – 10 години од издавање на извршна исправа – или да поднесе приговор за нерегуларности од извршувањата (пренаплатеност, лихварење, рекет, измама, фалсификат…), информира преку Фејсбук статус Ана Глигорова.
Глигорова вели дека ќе има подготвени, испечатени теркови со барања до Министерството кои ќе може да се пополнуваат на лие место и потоа да се поднесат во пријавницата на Министерството за правда.
Овие барања ќе се однесуваат за сите оние кои биле одбиени од извршителите да го спроведат новиот закон кој е во сила, но и за сите оние кои не поднеле никакво барање до сега, информира Глигорова.
-Ако поднесувате приговор за други нерегуларности составете го сами, според предметот за кој сте засегнати, но и тие документи ќе бидат предадени истиот ден, – додава таа.
Глигорова порачува засегнатите да земат слободен ден или час од работа, за да дојдат лично да ги пополнат и предадат поднесоците за што ќе им биде потребна лична карта и фотокопија од документите.