Општество
Студентски Пленум: Нејасноста на термините „екстерно тестирање“ и „државен испит“ е вина на МОН
Немањето на јасен модел и прецизна дефиниција што доведе до терминолошка нејасност, екстерно тестирање или државен испит, е вина единствено на Министерството за образование и наука, како ресорно тело во чија надлежност е предложената реформа. Апелираме до владините претставници да не ја сведуваат дебатата на игра на зборови, туку истата да се насочи кон суштинска дискусија за начините на подобрување на квалитетот во високото образование.
Ваква реакција дојде од Студентски Пленум, по изјавите на премиерот Никола Груевски дадени овој викенд, во кои рече дека државниот испит што ќе се спроведува на факултетите е со цел да се реши проблемот со добивање преодни оценки без знаење, додека екстерното тестирање е нешто сосема различно со кое се оценуваат наставниците во средното и основното образование.
Од студентската иницијатива велат дека се „уморни од излишната реторика, која се обидува да даде партиска конотација на иницијативата и со тоа да ја делегетимира“.
„Студентскиот пленум не е инструиран од ниедна опозициска партија или други видови на политички организации. И конечно, ако ја напуштиме реториката на меѓупартискиот конфликт и се сконцентрираме на проблематиката ќе воочиме дека оваа мерка претрпе суштински промени. Очигледно е дека институциите го прифатија нашиот аргумент дека со неможноста да се продолжат студиите, се ограничува правото на образование на студентот, инаку немаше да се повлечат од нивната првична намера и да воведат можност да се полага испитот неограничен број пати. Тука всушност излегува на виделина неконзистентноста во целите на оваа мерка: она што на почетокот беше најавено како обид да „се исклучат од системот послабите студенти стана обид да се изземат точките на отпор кај студентите, без да се признае дека самата мерка нема да придонесе за подобро образование. Во исто време примената на мерката се одложи до 2017 година, и со тоа се амнестираа 4 генерации студенти, што е свесен обид да се демотивира оваа критична маса. Меѓутоа, како студенти – партнери во високото образование (а не корисници), ние не сме амнестирани од одговорноста за тоа какво образование ќе им оставиме во аманет на генерациите што доаѓаат“, велат од Студентски пленум.
Во однос на серијата на изјави на премиерот, велат од студентската иницијатива, повторно е евидентен недостаток на релевантни анализи за тоа каде и како потфрлува високото образование.
Од таму потенцираат дека предлог реформата беше изменета ненајавено, без никаква консултација на засегнатите страни, иако неколку пати беше истакнато дека мерката е во фаза на јавна дебата.
„Конечно, би сакале делумно да се сложиме со премиерот кога вели „политиката ги извади студентите на улица“. Точно, но владината политика во високото образование нѐ извади на улица! И доколку не се направи напор за конструктивна дискусија и оваа мерка не се повлече, ние повторно ќе бидеме на улица“, велат во писменото соопштение од Студентски пленум.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.