Општество
Ташевска-Ременски: Реформите ќе придонесат за подобра инклузија на лицата со попреченост во општеството
Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски се обрати на одбележувањето на 3 декември, Меѓународниот ден на лица со инвалидност пред присутните на Институтот за дефектологија на Филозофскиот факултет во Скопје.
“Правото на работа е едно од фундаменталните права кое произлегува од универзалната декларација на човековите права. Повеќето луѓе кои живеат во сиромаштија сакаат да работат. Обезбедувањето на пристојна работа на овие лица ќе им овозможи излез од кругот на сиромаштијата–ќе им обезбеди стабилен приход, вклучување во општествените текови и ќе им создаде можност да стекнат пријателства и да обезбедат социјална интеракција. Правото на работа ќе им обезбеди на овие лица да бидат третирани како луѓе, лица со свои права, вредности, потенцијали и способности, а не само како бројка или инструмент на економијата”, рече Ташевска-Ременски.
Таа додаде дека кога станува збор за вработување на социјално исклучени лица, Република Македонија е потписник на најважните меѓународни документи-Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на Обединетите нации и Европската социјална повелба.
Министерката говореше и за идните заложби и насоки на делување на Министерството за труд и социјална политика.
Имено, и во иднина, според зборовите на министерката за труд и социјална политика нема да изостанува поддршка на процесот на плурализација и децентрализација на социјалната заштита.
Сите овие реформски чекори, рече министерката за труд и социјална политика, ќе придонесат до подобра инклузија на лицата со попреченост во општеството и до овозможување на остварување на човековите права за работа, слободно движење и право на слободен избор.
“Системот ќе понуди поголем избор на услуги, прилагодени на потребите на лицата со попреченост, со што и ќе се подигнат потенцијалите за работа, а со тоа и можноста за вработување”, заклучи Ташевска-Ременски.
На одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност се обратија и ректорот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”-Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски, како и деканот на Филозофски факултет проф. д-р Горан Ајдински. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.
Македонија
Заедничка иницијатива на засегнатите од неспроведувањето на новиот закон за бришење на застарени долгови
Во понеделник, 11 март 2024 во 12 часот пред Министерство за правда во Скопје, може да дојде секој од засегнатите граѓани од извршители, а кој сака да поднесе барање за застарување на долг – 10 години од издавање на извршна исправа – или да поднесе приговор за нерегуларности од извршувањата (пренаплатеност, лихварење, рекет, измама, фалсификат…), информира преку Фејсбук статус Ана Глигорова.
Глигорова вели дека ќе има подготвени, испечатени теркови со барања до Министерството кои ќе може да се пополнуваат на лие место и потоа да се поднесат во пријавницата на Министерството за правда.
Овие барања ќе се однесуваат за сите оние кои биле одбиени од извршителите да го спроведат новиот закон кој е во сила, но и за сите оние кои не поднеле никакво барање до сега, информира Глигорова.
-Ако поднесувате приговор за други нерегуларности составете го сами, според предметот за кој сте засегнати, но и тие документи ќе бидат предадени истиот ден, – додава таа.
Глигорова порачува засегнатите да земат слободен ден или час од работа, за да дојдат лично да ги пополнат и предадат поднесоците за што ќе им биде потребна лична карта и фотокопија од документите.