Општество
Тодоров: Во 2004 имаше еден компјутерски томограф, денес има 18 во цела Македонија
Сликата за здравствениот систем во Македонија од аспект на опременост, кадровски потенција, но и структурна организираност е темелно променета од периодот пред 2006, и потоа. Министерот за здравство Никола Тодоров во интервју за Прес24, вели дека за тоа колку е сменета сликата за здравствениот систем покажувa фактот дека околу 55 отсто од опремата која во моментот се користи во јавните здравствени установи во државата е набавена во периодот од 2011 година досега.
„Всушност, најдобар показател се примерите од секојдневната практика. На пример, во 2004 година во државата имало само еден апарат за компјутерска томографија (КТ), а денеска има вкупно 18 апарати за компјутерска томографија низ целата држава“, вели Тодоров во интервјуто.
Министерот за здравство потенцира дека реформите во овој сектор се видливи во сите сфери, од намалување на цените на над 4.800 лекови, преку отворањето на аптеки во рурални средини, воведување на специјалистички услуги во помалите градови.
„Во здравството се реализираат инвестиции какви што досега немало во историјата на здравствениот систем во Македонија, како што е за првпат отворената Клиника за државна кардиохирургија, која работи со полн капацитет и одлично се развива, формираната мрежа за интервентна кардиологија со повеќе центри низ државата, за првпат воведените поливалентни вакцини. Отворивме околу 70 аптекарски станици и воведуваме Подвижни аптеки во населени места каде претходно жителите патуваа и по неколку часа до најблиската аптека, фактот дека ги намаливме цените на над 4.800 лекови, фактот дека со проектот Наш специјалист воведовме специјалистички услуги во помалите градови за кои досега жителите патувале и по стотина километри само за еден преглед“, вели натаму во интервјуто за Прес24 министерот за здравство.
Тодоров потенцира дека системот МојТермин е еден од темелите на оваа коренита реформа во здравствениот систем, а периодов министерството е фокусирано и на унапредување на работата и функционирањето на шалтерите во јавните здравствени установи
„Во мај 2016 година се дефинирани за 12 проценти повеќе термини во споредба со истиот период лани, a во некои установи бројот на термини е зголемен и за 50 отсто во споредба со минатата година“, прецизира Тодоров.
Огромен успех има и проектот за едукација на лекарите во светските реномирани медицински центри. Досега над 2.200 здравствени работници се едуцирани во реномирани медицински центри и универзитетски клиники во повеќе земји во Европа, Сад, Кина, Јапонија, Австралија и многу други земји.
„Исто така, во делот на специјализации на кадарот, постојано работиме на зголемување на бројот на специјализации, така што годишно над 300 доктори се упатуват на специјализација во голем број медицински области. Ова е значително поголема бројка на специјализации, за разлика од пред десетина години, кога се доделувале околу 30 специјализации годишно, и тоа по сопствена желба на докторите. Тоа значи дека порано немало државна стратегија за упатување на специјализација, односно докторите се упатувале на специјализација по сопствена волја“, вели министерот за здравство Никола Тодоров во интервјуто за Прес24./крај/мф
Целото интервју прочитајте го тука
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.
Македонија
Заедничка иницијатива на засегнатите од неспроведувањето на новиот закон за бришење на застарени долгови
Во понеделник, 11 март 2024 во 12 часот пред Министерство за правда во Скопје, може да дојде секој од засегнатите граѓани од извршители, а кој сака да поднесе барање за застарување на долг – 10 години од издавање на извршна исправа – или да поднесе приговор за нерегуларности од извршувањата (пренаплатеност, лихварење, рекет, измама, фалсификат…), информира преку Фејсбук статус Ана Глигорова.
Глигорова вели дека ќе има подготвени, испечатени теркови со барања до Министерството кои ќе може да се пополнуваат на лие место и потоа да се поднесат во пријавницата на Министерството за правда.
Овие барања ќе се однесуваат за сите оние кои биле одбиени од извршителите да го спроведат новиот закон кој е во сила, но и за сите оние кои не поднеле никакво барање до сега, информира Глигорова.
-Ако поднесувате приговор за други нерегуларности составете го сами, според предметот за кој сте засегнати, но и тие документи ќе бидат предадени истиот ден, – додава таа.
Глигорова порачува засегнатите да земат слободен ден или час од работа, за да дојдат лично да ги пополнат и предадат поднесоците за што ќе им биде потребна лична карта и фотокопија од документите.