Општество
Жените во политиката се пообразовани од мажите
Клучните наоди од истражувањето на „Реактор – Истражување во акција“ идентификуваат низа родови разлики кои ги попречуваат жените да се кандидираат и да бидат избрани на функција, но и утврдуваат дека жените сè уште се дискриминирани на патот до политичката кариера.
Ова произлегува од „Реактор – Истражување во акција“ кое ги презентираше резултатите од истражувањето за влијанието на жените во политиката на локално ниво, финансирано од Француската амбасада во Скопје и поддржано од Националниот Демократски Институт. Студијата „Жените во политиката: Патот до политичките функции и влијанието на локални ниво во Македонија” ги опфаќа прашањата за политичките амбиции на жените и мажите, процесот на регрутирање и патот кон политичките функции како и родовата еднаквост во политичката кариера.Со истржувањето се заклучува дека политичките партии ги попречуваат и дискриминираат жените. Така, ограничен е бројот на предложени кандидатки и построг е списокот на потенцијални кандидатки. Процесот на регрутација во рамките на политичките партии во случајот на советничките е построг отколку кај регрутацијата на мажите. Жените треба да имаат повисоки работни позиции: 58 отсто од вработените советнички се експерти, научници или едукатори, а само 37 отсто од мажите советници се експерти. Две третини (64 отсто) од советничките имаат универзитетски дипломи, но тоа важи само за приближно половината мажи советници (45 отсто). Конечно, 15 отсто од советничките споредено со 9 отсто од мажите советници имаат постдипломско образование.Истражувањето покажува дека мнозинството од советничките (69%) се вработени. Покрај тоа, 70 отсто од жените на функција работат во јавната или државната администрација (споредено со 43% на национално ниво). Ова укажува на фактот дека партиите регрутираат жени од само многу мала група на професии. Понатаму скоро една третина од мажите советници (31%) веруваат дека всушност мажите во политиката се тие што ги држат жените на страна. Ова е најголема причина од страна на советничките – 40 отсто од нив веруваат дека мажите доминираат во политичките партии и не сакаат да се откажат од нивните позиции или дека политичките партии не им веруваат на жените. Двојниот товар од работата (дома и на работното место), заедно со долгите и нефлексибилни ангажмани кои се дел од политичкиот и јавниот живот спречуваат повеќе жени да бидат поактивни. Жените на функција е помалку веројатно да бидат во брак отколку нивните машки колеги, и малку поверојатно е жените да немаат деца, т.е. во просек да имаат помалку деца. Втората најчеста причина кај советничките (дадена од повеќе од една четвртина од советничките – 28%) беше традиционалната улога на мажот и жената во нашето општество, особено товарот од домашните обврски. Оваа причина за пресудна ја сметале само 16% од мажите советници, што укажува на тоа дека се „слепи“ за „нееднаквиот терен“ заради товарот што несразмерно повеќе ги погодува жените.Мажите, општо земено, не се вклучени во реформите и постои непропорцијална незастапеност на мажите во локалните комисии за родова еднаквост, како и меѓу координаторите за родова еднаквост во рамките на националните и локалните тела. Ситуацијата е слична и кај политичките партии. Истражувањето откри дека кога се зборува за тоа што би требало да биде приоритет, жените непропорционално повеќе даваат приоритет на родовата еднаквост и на зголемувањето на учеството на жените во политиката во споредба со мажите, додека кај другите наведени приоритети не постојат родови разлики. Реактор – Истражување во акција ја нагласи потребата за сеопфатни промени кои ќе влијаат врз намалување на родовиот јаз во политиката. Дел од препораките произлезени од истражувањето се: зајакнување на законската рамка преку финансиски и човечки ресурси, финансиски стимулации за женските ограноци во политичките партии, воведување на посебни мерки (квоти) таму каде што не постојат, вклучување на мажите во агендата за родовата еднаквост и континуирана поддршка на жените политичарки од страна на граѓанските организации./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.