Македонија
Планинар ја оставил девојката да умре на највисоката планина во Австрија
Хаштагот „алпски развод“ експлодираше во последните месеци на социјалните мрежи како Тикток и Инстаграм, каде што многу жени споделуваат трауматски, понекогаш и опасни по живот искуства.
Овој термин се користи за да се опише ситуација во текот на планинарење или некоја друга авантура во природа, кога едниот партнер, најчесто мажот го напушта другиот, кој обично е помалку искусен и поранлив, во оддалечена и потенцијално опасна средина, пишува Си-ен-ен.
Дебатата беше делумно поттикната од случај во Австрија претходно оваа година, кога еден планинар беше осуден за убиство од небрежност и доби условна казна откако ја остави својата девојка сама на Гросглокнер, највисоката планина во земјата, тврдејќи дека отишол да побара помош. Во меѓувреме, таа замрзнала.
Обвинителството го обвини мажот, идентификуван како Томас П., дека не се јавил кај спасувачите иако имал сигнал и дека навреме не испратил сигнал за помош.
Во текот на судењето, поранешната девојка сведочела дека ја оставил на истата планина во 2023 година затоа што ја сметал за премногу бавна, пренесува германски „Билд“.
Таа му рекла на судот дека имал навика да станува „намќорест“ кога таа имала тешкотии со планинарењето.
Во текот на судењето, жените ги споделиле своите лични искуства преку интернет.
„Гледна точка: одиш на планинарење во планините со него, но тој те остава сама и сфаќаш дека всушност, никогаш не те сакал“, напишала една жена во видеото на Тикток на кое покажува како оди сама по планинска патека и кое има речиси пет милиони прегледи.
Во објавата на социјалната мрежа Икс, друга жена споделила видео на кое оди сама во дивината, коментирајќи:„Ова е видео од мене како планинарам во шкотските висорамнини и се обидувам да го искористам максимумот од патувањето додека момчето со кое бев во некаква врска е километри пред мене“.
Видеото има 1,9 милиони прегледи.
Терминот „алпски развод“ доаѓа од кратката приказна од шкотско-канадскиот писател Роберт Бар од 1893 година за маж кој планира да ја убие својата сопруга во швајцарските Алпи. Тоа не е ниту правно ниту официјално признат термин. Сепак, психологот за однесување и советничка за врски, Џо Хемингс, за Си-ен-ен рекла дека моделите на однесување што стојат зад тоа се препознатливи.
„Веројатно им недостасува емпатија и сочувство и избегнуваат конфликти – тие претпочитаат да се повлечат. Често го гледам ова однесување во советувањето – партнер, обично маж со жена како партнерка, се повлекува кога се соочува со прашања или дури и ја напушта собата или се откажува од терапијата“, рекла таа.
Иако „алпскиот развод“ можеби не е честа појава, Хемингс верува дека на многу жени основниот концепт ќе им биде познт.
„Не поради планинската средина, туку затоа што емоционалното повлекување или дури и напуштањето во врската е релативно честа појава“.
Планинското опкружување, меѓутоа, додава дополнителна димензија на овој образец на однесување, што го прави потенцијално опасен. Ваквите активности веднаш создаваат хиерархија – кој води, кој се движи и кој го одредува темпото.
„Одењето напред и одбивањето да се прилагодите може да биде суптилен начин за покажување авторитет или контрола“, рекла Хемингс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Средба Мицкоски-Ердоган: Потврдена блиската и стратешка соработка меѓу Македонија и Турција
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која била потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете држави.
Според објавата на премиерот, на средбата било изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа.
Продлабочување на економската соработка и нови инвестиции
„Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната. Ја нагласив важноста на Турција како значаен економски и политички партнер, истакнувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за нови турски инвестиции и отворање нови работни места.“, стои во статусот на Мицкоски.
Како што напиша македонскиот премиер, претседателот Ердоган ја потврдил поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Македонија, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес.
Во рамки на разговорите биле разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што била нагласена потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот.
На крајот од својата објава, премиерот Мицкоски изрази уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува.
Македонија
Николоски: Почнуваме изградба на нов автопат, Скопје – Блаце ќе биде главна артерија за поврзување со Косово и Црна Гора
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, оствари работна средба со Фатих Туркменоглу, директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која се разговараше за изградбата на автопатот Скопје – Блаце.
На средбата, претставниците на ЕБОР информираа дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта успешно е завршена постапката за избор на Изведувач. Изведувачот на автопатот е конзорциумот предводен од македонската градежна компанија Гранит. После подолг временски период една домашна градежна компанија целосно ќе изведува автопат.
Автопатот Скопје – Блаце претставува витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. Неговата изградба ќе придонесе за поефикасен транспорт и побезбеден сообраќај , ќе ја подобри поврзаноста со соседните земји и ќе создаде нови можности за економски развој, трговија и инвестиции.
Реализацијата на овој проект има големо значење за регионалното поврзување и за унапредување на транспортната инфраструктура, со што Македонија дополнително ќе ја зацврсти својата улога како важна транзитна и транспортна врска во регионот.
По завршувањето на сите административни процедури и обезбедување на соодветни банкарски гаранции ќе започне изведбата на терен и градежни активности.
На средбата беше потврдена и одличната соработка помеѓу Владата, Министерството и ЕБОР, при што беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на партнерството и поддршка на идните инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за државата.
Македонија
Битола сака да стане велоград, ќе набавува електрични велосипеди за граѓаните
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски на седницата на која се носеше ребалансот на Буџетот за 2026 година кажа дека во Програмата за животна средина планирани се 4.8000.000 денари за набавка на електрични велосипеди, што ја потврдува тенденција за Битола да стане вело град, преку создавање на вело инфраструктура, но и набавка на велосипеди кои ќе можат да ги користат граѓаните.
Како што објасни претседателот на Советот Бојан Бојкоски новите електрични велосипеди ќе бидат на принципот изнајмување преку апликација по симболични цени на изградените велосипедски патеки, односно на неколку пунктови граѓаните ќе имаат можност да ги изнајмуваат со цел да ги користат велосипедските патеки.
