Македонија
Полицаец во Прилеп пукал со службен пиштол во својот двор, куршумите завршиле во соба кај соседите
Полицаец приправник во Прилеп пукал со службен пиштол во својот двор, но куршумите завршиле во соба кај соседите. Тој сакал да го прикрие делото и ги зел проектилите од кај соседите и ги ставил во неговиот двор. Исто така, со негов колега, кој му го задолжил пиштолот, по пораки на мобилен телефон се договориле да го негираат делото. Двајцата ќе добијат отказ.
Министерството за внатрешни работи до надлежното Основно јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против В.Ј. поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и „попречување на правдата“ и против А.Л. поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „помагање“ во врска со „предизвикување на општа опасност“ и „попречување на правдата“.
На 08 декември лани, околу 23:40 часот В.Ј., на работно место приправник во Надворешната канцеларија за криминалистички работи во ОВР Прилеп, во дворот на семејната куќа испукал два пати од службен пиштол на МВР, задолжен од второпријавениот А.Л., на работно место полицаец во Полициската станица Прилеп, кој претходно му го дал на располагање.
Притоа, проектилите завршиле во соба од соседната семејна куќа, а откако на местото пристигнале полициски службеници, првопријавениот со намера да го спречи и отежне докажувањето го земал едниот од испуканите проектили од соседната куќа и го преместил во дворот од својата семејна куќа.
Двајцата полицајци, со намера да го спречат и отежнат докажувањето, со пишани пораки преку телефон се договориле да го негираат настанот во целост.
Одделот за внатрешна контрола против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР и ТАВ Македонија: Успешно спроведена вежбата „Сигурен хоризонт 2026“ – тестирана подготвеноста за одговор на сложени безбедносни закани
Денеска на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид успешно беше реализирана симулациската вежба „Сигурен хоризонт 2026 – двојна закана“, во организација на Секторот за полициски работи од општа надлежност при Бирото за јавна безбедност, во соработка со ТАВ Македонија.
На вежбата присуствуваа директорот на Бирото за јавна безбедност, Александaр Јанев и заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, како и претставници од повеќе институции вклучени во системот за безбедност и управување со кризни состојби.
Симулациската вежба се спроведе согласно Националниот план за постапување во вонредни состојби предизвикани од незаконско постапување против безбедноста на цивилното воздухопловство и имаше за цел тестирање на подготвеноста и координацијата на сите надлежни служби во услови на сложени безбедносни закани.
Сценариото на вежбата опфати повеќе фази, вклучително и диверзија со импровизирана експлозивна направа во ВИП зоната, координиран терористички напад со заложничка криза во терминалната зграда, активирање на кризен штаб, како и синхронизиран одговор на специјалните единици, евакуација, преговори и неутрализација на сторителите, проследени со медицинска интервенција и стабилизација на состојбата.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александaр Јанев истакна дека ваквите вежби се од исклучително значење за безбедносниот систем.
„Целта на оваа вежба е сеопфатно тестирање на системот за одговор во услови на сложени безбедносни закани, преку симулација на реални сценарија. Преку вакви активности ја проверуваме оперативната подготвеност на полициските службеници, нивната способност за брза и ефикасна реакција, како и нивото на координација и комуникација меѓу сите инволвирани субјекти“, потенцираше Јанев.
Заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, нагласи дека безбедноста на патниците и персоналот е врвен приоритет.
„Денешната симулациска вежба на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ ја потврди високата подготвеност на безбедносните служби на ТАВ Македонија и одличната координација со Министерството за внатрешни работи.Преку вакви вежби ја зајакнуваме способноста за брза и ефикасна реакција во услови на сложени безбедносни предизвици.“, изјави Лупевски.
Со реализацијата на вежбата беа тестирани капацитетите за брза реакција, интер-институционалната координација и комуникација, како и способноста за ефикасно управување со кризни ситуации, со посебен акцент на заштита на патниците, персоналот и аеродромската инфраструктура.
МВР се заблагодарува на сите учесници кои учествуваа во подготовката и реализацијата на вежбата, ТАВ Македонија, Противпожарната служба и службата за итна медицинска помош при ТАВ Македонија.
Министерството за внатрешни работи и ТАВ Македонија и во иднина ќе продолжат со заеднички активности и вежби, со цел континуирано унапредување на безбедноста и подготвеноста за справување со сите видови закани.
Македонија
Меџити: Над 8 милиони денари инвестиција за улицата 157
Во Гази Баба се финализира инфраструктурен проект што на оваа зона ѝ дава нов, модерен изглед и значително ги подобрува условите за граѓаните.
Работите опфаќаат асфалтирање на улицата 157, на делницата од џамијата до скалите кон булеварот, со што оваа улица се претвора во функционален и уреден простор.
Проектот е реализиран од почеток, вклучувајќи изградба на нова водоводна мрежа, функционална атмосферска канализација, јавно осветлување, квалитетен асфалт и уредени тротоари кои ја зголемуваат безбедноста и стандардот на живеење за жителите.
„Ова е инвестиција што директно се враќа кај граѓаните. Со над 8 милиони денари инвестиција создаваме модерна инфраструктура и подобри услови за живот за жителите од оваа зона“, изјави Меџити.
Вкупната вредност на проектот изнесува над 8 милиони денари, од кои 2,8 милиони денари се обезбедени од Министерството за животна средина за водоводната мрежа, додека околу 5,2 милиони денари се инвестиција на Општината за останатиот дел од проектот.
Македонија
Работилница на ЗНАМ и ИФЕС: Спречување на насилство врз жените во политичкиот живот
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), организираше еднодневна работилница на тема „Одговорна, инклузивна и резистентна организација: Справување со насилството врз жените во политиката“.
Работилницата обедини претставници од скопските општински организации, со цел зајакнување на капацитетите за препознавање, превенција и справување со различните форми на насилство врз жените во политичкиот живот.
Учесниците имаа можност да разменат искуства и практики, како и да дискутираат за унапредување на внатрепартиските механизми за заштита, поддршка и промоција на родовата еднаквост.
На работилницата се обрати Мирослав Лабудовиќ, претседател на Градската организација на ЗНАМ, кој ја истакна важноста од системски пристап во справувањето со насилството врз жените во политиката и потребата од континуирано јакнење на организациските капацитети. Обучувач на настанот беше Каролина Леаковиќ, меѓународна консултантка за родова и социјална инклузија, која преку интерактивен пристап ги презентираше современите стандарди и алатки за градење инклузивни и отпорни политички организации.
