Политика
Груевски: Прифаќањето на платформата на албанските партии ја отвора Пандорината кутија

ВМРО-ДПМНЕ нема да потпише платформа која нема да донесе мир во државата, бидејќи нејзиното прифаќање бои претставувало отворање на Пандорината кутија во смисла на меѓуетничките односи, рече челникот на оваа партија и поранешен премиер Никола Груевски во опширното интервју во саботата вечерта на телевизијата ТВ НОВА, одговарајќи на прашањето за декларацијата на четирите албански партии во Македонија која ја наложија како услов за поддршка на една од двете македонски партии со најмногу мандати во Собранието.
На предвремените парламентарни избори на 11-ти декември ВМРО-ДПМНЕ освои 51 мандат и со десетте пратеници кои ги освои неговиот досегашен албански коалиционен партнер во владата ДУИ, можеше да формира натполовично мнозинство за формирање министерски кабинет. Но партиите во предвидениот ток не успеаја да се договорат, па започнаа преговорите меѓу „интегративците“ на Али Ахмети и СДСМ кој обезбеди 49 пратеници, но ја има поддршката и на другите досега опозициски албански партии.
Ахмети на челниот на социјалдемократите Зоран Заев му порача дека очекува писмен предлог во односна споменатата платформа за добивање на потписите на десетте пратеници на ДУИ, а во саботата од СДСМ најавија дека веќе ги составиле писмените материјали, без да наведат поединости од нивната содржина.
„Ние (ВМРО-ДПМНЕ) на ДУИ им кажавме дека не можеме да прифатиме платформа потпишана во друга држава и да разговараме. Ние препознавме дека станува за обид за репреговарање на охридскиот Рамковен договор. А ние знаеме дека многупати имавме сугестии од сите страни дека тој договор е тешко издоговаран и дека не треба да се мисли за негово репреговарање, зошто и другите заедници би излегле со свои барања како и мнозинската заедница. Така отвораме една пандорина кутија која не сум сигурен дека може лошо да заврши, рече челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Сé треба да има логика во политиката. На Албанците на овие избори им се нудеше нешто што нема да им донесе подобро. Што имаат тие ако има двојазичност во Берово, Штип, Демир Капија… Ние рековме да се зборува за тоа во општини каде има најмалку 20 од некоја етничка заедница, за ако треба и другите да добијат нешто. Да видиме дали има нешто логично и што оставрува некои човекови права односно да им го подобри животот на луѓето, а не само да се фалат политичарите дека нешто направиле“, додаде Груевски.
Исткана дека во преговорите со ДУИ не се согласиле со платформата и двојазичност на цела територија
„Преговорите со ДУИ пропаднаа и не беше искористен првично мандатот за создавање на влада бидејќи главен проблем беше барањато за воведување на двојазичност на целата територија на Македонија што е неприфатливо“, изјави Груевски.
„Откако не успеаја плановите за постизборен инжинеринг стана јасно дека тежиштето на борбата се префрла со притисоци врз преговорите за формирање на влада со коалициониот партнер ДУИ што на почеток одеше во позитивна насока. Со оглед на распоредот на пратеници знаевме дека ќе биде тешко да се формира влада, но не одевме веднаш да бараме нови избори. Со ДУИ од старт видовме обиди за одложување на преговорите поради внатрепартиски несогласувања. Потоа бевме соочени со барањата на ДУИ со конкретен закон доставен на хартија за двојазичност на цела територија за изедначување на албанскиот со македонскиот јазик. Им кажавме дека е нелогично да има двојазичност каде Македонците се 65, а Албанците се 25 отсто. кои живеат пред сé во северозападна Македонија каде веќе уживаат голем број на етнички права, особено со Рамковниот“, рече Груевски.
„На маса беше ставена и платформата која ја одбивме, бидејќи е составена со други партии и во друга држава. Препознавме дека станува обид за репреговарање на охридскиот Рамковен договор. Тој е тешко постигнат и не треба да се менува, што ако помалите етнички заедници, па дури и македонската заедница излезат со свои барања. Со тоа ќе отвориме една Пандорина кутија која нема да донесе нешто добро. Им кажавме дека не сакаме да разговараме за платформата, туку за поединечни конкретни разговори“, Груевски во интервјуто за ТВ Нова.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто порача дека нема да се откажат од работење за доброто на граѓаните.
„Ако СДСМ го направи тоа и ја прифати платформата, ние сме подготвени да одиме во опозиција и ќе направиме сé што е во наша моќ да не се прифатат такви барања кои ќе го нарушат мирот. Сакаме да им помогнеме на сите граѓани да имаат подобар живот, преку економија, работни места, пензии, плати и подобри можности за сите. Ние сме луге кои држиме до даден збор и нелогични работи нема да прифаќаме. Ние не сме против Албанците иако медиумите на Сорос нé оцрнија и создадоа лоша перцепција за нас“, рече Груевски.
Тој заборуваше и за тоа дека по дознавањето на изборните резултати, како и во започнувањето на политичката криза во земјата имало мешање на дипломати и странски држави, кое го забележале и обичните граѓаните.
„Нема граѓанин што не го препозна тоа дека одредени дипломатии и одредени држави се обидуваа со сите сили да ѝ помогнат на СДСМ да биде попосакувана од македонските гласачи, а ВМРО-ДПМНЕ да биде што пооцрнета и ставена во што понепријатна ситуација, граѓаните да почнат да размислуваат поинаку, да гледаат на ВМРО-ДПМНЕ со други очи и тоа беше видливо“, истакна Груевски во интервју на ТВ НОВА.
„Велиме дека изборите беа фер, чисти, демократски и слободни, но не можеме да го изоставиме делот дека државата две години беше под тешка пресија, а ние како владејачка партија под уште потешка пресија од надворешни фактори. СДСМ на овие избори извади многу пари. Сето тоа не е прикажано во нивните извештаи. Беше видливо дека потрошија многу повеќе пари од ВМРО-ДПМНЕ, иако тоа не се рефлектира во извештаите, па изгледа дека ние сме потрошиле повеќе пари. Времето ќе покаже од каде се тие средства и ништо нема да остане скриено. По тој двегодишен период на организирано торпедирање на ВМРО-ДПМНЕ од сите страни, организирана хајка против ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство, организирана криза во земјата, не беше случајна. Оваа криза ѝ беше наметната на земјата, долго подготвувана и СДСМ немаа ни процент капацитет самите да организираат таква криза, тие беа инструмент во целата ситуација“, заклучи Груевски.
Во изборната кампања Груевски од гласачите бараше мандат со 63 пратеника, предупредувајќи дека во спротивно ќе има тешкотии при формирањето влада, но и за декемврискиот резултат на ВМРО-ДПМНЕ вели дека неговата партија го освоила речиси истиот број на гласови како и во 2014 година, што како што рече, покажува „кристална победа како и пред три години“.
„Во 2014-та се зборуваше дека сме вршеле притисок, победата не била чиста, СДСМ излезе од парламентот со такви објаснувања, иако немаше релевантни докази. Сега кога СДСМ доби министер за внатрешни работи, министер за труд и социјала, тројца заменици министри со право на вето, директор на информативната програма на државната телевизија, измени на закони, на изборниот закон и редица други работи, кога го доби сето тоа, се испостави дека бројот на гласачи што ВМРО-ДПМНЕ ги добивал е безмалку ист, практично ги задржавме гласовите од 2014 година и дојдовме до победа. Десетта победа по ред, без пораз“, констатираше Груевски.
Додаде дека победата на последните парламентарни избори е последица на многу работа, а народот тоа повторно го препозна. Нно победата, рече, воопшто не била лесна, имајќи предвид дека на овие избори им претходеле многу опструкции со цел да се влошат позициите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Свесни сме дека нашата победа е последица на сработеното, победата не паѓа од небо. Ја заработивме со многу труд и многу работа, додека мнозинството граѓани тоа го препозна и награди. По победата имаше обид за рекомпонирање на гласовите, но морам да напоменам дека иако сиве овие избри беа чисти и демократски, претходеше година на сериозно влијание однадвор во правец на тоа да се влошат позициите на ВМРО-ДПМНЕ и да се подобрат на СДСМ. Одредени фактори правеа се за да му помогнат на СДСМ“, рече Груевски.
Груевски во разговорото категорички ги отфрли тврдењата дека иднината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кој според ткн Пржинскиот договор на најголемите четири партии има 18-месечен мандат, и неговото продолжување било пречка за договор со партијата на Али Амети.
„СЈО беше спомнато во самиот почеток на преговорите и беше укажано дека сакаат да биде продолжен мандатот, а од наша страна рековме дека не сакаме и тоа беше аргументирано. За СЈО се зборуваше еден само еден ден од сите денови на преговори“, тврди Груевски
„Се затвори прашањето констатирајќи дека имаме различни гледишта. Јас мислам, и сум убеден, и дека ДУИ нема да признае дека и нивното мислење е изнудено, но нема да навлегувам во тоа. Тие претставија дека сакаат да се продолжи (мандатот на СјО), ние кажавме аргументи. Прво, дека имаме договор од Пржино кој е потпишан од четири партии во присуство на меѓународни претставници и требаше да биде излез од кризата. Тој договор ние го почитувавме со сите рокови обврски повлекување на премиер …смена на министри, закони,заменици министри и ред други работи. Вклучително и СЈО. За СЈО беше договорено од сите присутни дека 18 месеци се доволни за да се истражат сите работи дека ако се оцени да отворат обвинение и потоа да има рок за судски рочишта. Сите беа свесни за колкав материјал е тоа од креирани материјали. Се согласивме сите, и ние тоа го почитувавме. На 30-ти јуни завршуваат 18 месеци, иако стана јасно во меѓувреме дека СЈО е инструмент на надворешни центри и за остварување на други цели тоа го гледаат и помачлите деца кои не разбираат политика. СЈО покажа дека е крајно селективно на таргет е само една политичка партија, за дуи нема ништо за СДСМ нема ништо иако тие велеа дека за нив има најмногу материјали. Се е сконцентрирано на една партија. Но е толку очигледно дека се алатка на СДСМ и странски центри што тоа не може да се премолчи. Нивните прес-конференции се исто како на СДСМ“, одговори Груевски.
Според него, станува збор за тим кој е „исклучително на своја политичка агенда“ а тоа е уривање на раководството и паријата по секоја цена без елементарни докази. „Тие се чувствуваат силни затоа што сметаат дека некој ги штити. И така зборуваат меѓу себе и знаат дека се дел од своја мисија, мисијата има име – тоа е ВМРО-ДПМНЕ“, рече лидерот на оваа партија.
За Груевски многу видлив бил и обидот на СДСМ и нивните сојузници преку тн „изборен инжинеринг“ да ги променат резултатите од изборите, но тоа сепак не им успеало.
„Ги вложија сите максимални напори, но и тука коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За подобра Македонија’ успеја само поради поддршката на народот. Главна карактеристика на нашето работење во изминатиот период беше тоа што се потпиравме на народот. И кога се потпирате на народот, тоа го правите откако претходно сте убедени дека сте на таа позиција за да му помогнете на тој народ. Поради тоа во изминатите години бев фокусиран на економијата, инвестициите, отворањето нови работни места, земјоделието, образованието, апарати за здравството“, рече Груевски.
Додаде дека како партија секогаш ја сфаќале политиката како можност да ги услужат граѓаните, за разлика од СДСМ кои на неколку наврати го изневерија народот и како последица на тоа тој тешко тешко им возвраќа со поддршка. Поради тоа, според Груевски, СДСМ е губитник, но прават обиди тоа да го прикажат поинаку.
„На граѓаните во многу наврати им предочив дека доколку нема јасна победа со 63 пратеници тоа ќе биде можност кризата да биде продолжена, тоа го сакаат некои сили“, рече Груевски на Тв Нова.
„Тоа не се случи затоа што некои работи се изместија со многу фактори. Сега кризата продолжува само се менуваат одредени фази има одредени разлики но продолжува и тоа не е добро. Нам ни требаат пред избори со јасна победа. Ако изгубиме со еден пратеник ние нема да играме како СДСМ со националните интереси, затоа што така и државата ќе губи. Ние тоа нема да го правиме како СДСМ, ќе се бориме во парламентот но нема да бидеме како нив. Изгубија па излегоа на прослава и до ден денес тоа го зборат. Колку треба да немаш интегритет за секој ден да зборуваш дека си победник. Нека има избори да видиме кој ќе победи нека одбере народот. Но потоа да се овозможи да се формира влада и да се остварат целите“, продолжи Груевски
Речи и дека кога се ставил во одбрана го националните интереси, многу добро знаел дека ќе биде политички нападнат, но оти народот му „дава сила“.
„Како политичар имам опоненти, тие се од земјата, но некогаш ако земјата е мала и ако некој друг од надвор, личности или земји, имаат поинакви планови тие стануваат ваши противници и својата големина и можат да ја користат за да ги променат тековите за да ве отстранат од власт и да ги остварат нивните интереси. Тие нема да ја кажат вистинската цел, туку ќе се обидат да ве направат криминалци, корумпирани, лоши луѓе, монструми, дека сте убивале луѓе, дека сте краделе, за народот сам да ве смени. Многу е јасна ситуацијата. Македонија не е прв. Секој политичар кој ќе застане цврсто зад интересите на народот треба да биде свесен за ова. Јас бев подготвен на тоа. Кога ги бранев националните интереси свесен бев дека ќе бидам нападат и затоа на нозе го издржав ова и имам уште сила, рече Груевски, кој додаде дека силата ја црпи од народот./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стојановски: Со законот за данок на солидарност власта воведува арач за успешните компании

Солидарниот данок е новото економско промашување. Власта на СДСМ и ДУИ внесува нестабилност во работењето на бизнисот во Република Македонија. Имено, со донесениот закон за таканаречен данок на солидарност власта воведува арач за успешните компании наместо да се бори со сивата економија, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Сведоци сме, вели тој, дека одредени делови од Македонија претставуваат даночен рај, а се врши трговија и во странски валути, што е исто така казниво.
Тој потсети дека со овој закон за солидарност секоја фирма што работела успешно во 2022 година ќе плаќа дополнителен еднократен данок од 30 % покрај веќе постојните 10 % данок на добивка. Ова, според Стојановски, не е солидарност, ова е арамилак.
„Власта го злоупотреби европското знаменце за да донесе закон со кој фирми од сите сектори, а не само фирми од енергетскиот сектор, како што е во Европа, ќе го плаќаат овој данок. Дополнително, овој закон уште со денот на негово објавување во ‘Службен весник’ ќе биде обжален од сите стопански комори во државата.
ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа овој закон од повеќе причини:
1. Воведува правна несигурност кај компаниите. Непредвидливоста во даночните политики го намалува инвестирањето на постојните компании, внесува дополнителен ризик кај потенцијалните инвеститори, а за ваквата појава стопанските комори секојдневно реагираат, но власта никако да се коригира веќе 6 години;
2. Не постои ваков закон во рамките на Европа. Како што кажав и погоре, постои закон за дополнително даночење на екстремните добивки кај енергетските компании што стекнаа огромни добивки поради нарушувањата на пазарите на енергија поради војната во Украина;
3. Владата не е солидарна со бизнисот. Ова најдобро се потврдува ако го разгледате буџетот за 2023 година и како се трошат парите на даночните обврзници. Секојдневно гледаме скандали, каде што фирми блиски до функционери од власта добиваат тендери во милионски износи;
4. Сериозно нарушување на ликвидноста кај компаниите. Во услови кога сè повеќе компании имаат проблеми со наплата на своите побарувања, кога се соочуваат со зголемени каматни стапки на кредитите, а со тоа и повисоки рати за исплаќање, власта одлучи да им одземе голем дел од ликвидните средства и со тоа ќе им нанесе сериозни последици во работењето;
5. Новоформираните компании не се опфатени. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ побараа и компании формирани во 2022 година да бидат опфатени со овој закон, но власта тоа не го прифати. По едно ТВ-гостување на најмоќниот партиски претседател од владината коалиција, ни стана јасно зошто мнозинството го одби нашиот предлог, со кој претприемачките способности на овој политички бизнис-клан ќе беа опфатени;
6. Се дестимулираат инвестициите. Со вака поставениот закон сите компании што остваруваат поголеми добивки поради свои поранешни инвестиции во машини, опрема, во дополнително надградување на своите вработени, ќе бидат сериозно обесправени, а како резултат на тоа ќе размислат добро дали повторно да инвестираат.
Ова се само некои од причините поради кои сметаме дека законот за данок на солидарност ќе влијае лошо врз целокупната економија. Власта планира со овој закон да собере дополнителни 76 милиони евра за да може да ги подели на тендери во четири очи со свои компании. Власта прави прераспределба на средства со која крати од заштитата на животната средина и зелениот развој, модернизација во Министерството за одбрана, урбанизам и градежништво, водостопанство, изградба и реконструкција на основни и средни училишта и студентски домови итн.“, нагласи Стојановски.
На Македонија ѝ е неопходно граѓаните да одлучат дали сакаат да се продолжи со моментните штетни политики или силна и просперитетна Република Македонија, заклучи Стојановски.
Македонија
МВР со превентивни активности: полицајци ги едуцираа и советуваа граѓаните

Превенцијата од имотни деликти, заштитата на шумите од пожари и сообраќајната безбедност беа во фокусот на вчерашните (21.09.2023) превентивни активности одржани на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Битола, Велес, Штип, Тетово.
Така, на подрачјето на СВР Битола, поточно во општина Новаци полициски службеници ги едуцираа и советуваа граѓаните во врска со заштитата и превенирањето на разните облици имотни деликти (кражби, разбојништва, измами) додека, пак, во Ресен во содејство со Шумската полиција се реализираа средби со граѓани околу заштитата на шумите од пожари, а во Крушево полициските службеници акцентот го ставија на превенцијата од употреба на оружје и недозволени пиротехнички средства при веслеби и прослави.
И на подрачјето на СВР Штип, односно во Кочани беше спроведена превентивна активност во рамки на кампањите „МВР за граѓаните“ и „Сигурноста и безбедноста на граѓаните-наша обврска“, а со цел запознавање и едуцирање на граѓаните за заштита од имотни деликти. Идентично на ова, и во Тетово од страна на полициски службеници при СВР Тетово на локации околу Градскиот пазар беа спроведени активности, односно разговори со продавачи, сопственици на колонијални дуќани и граѓани околу начините на заштита и препознавање на имотните деликти и важноста од соработка и комуникација со полицијата.
На подрачјето на СВР Велес, поточно во Кавадарци за второодделенците од основното општинско училиште „Страшо Пинџур“, во соработка со општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата беше одржана едукативна работилница, а во насока на заштита на децата како пешаци – учесници во сообраќајот.
Македонија
МОН со поддршка од ЕУ креира нов електронски дневник, кој ќе се применува во второто полугодие

Со финансиска поддршка од ИПА-фондовите на Европската Унија, Министерството за образование и наука изработи нов интегриран систем за електронска работа на училиштата. Во новото софтверско решение интегрирани се сугестиите на наставниците, родителите на учениците и сите институции што имаат пристап до системот и се очекува досегашните предизвици целосно да бидат надминати.
Првичните тестирања на новиот систем се веќе спроведени, во координација на МОН со Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и со наставници од училиштата.
Од МОН велат дека паралелно се спроведуваат и обуки за примена на новиот електронски дневник, при што тие досега се посетени од страна на 40 училишни ИТ-администратори, каде што најпрвин софтверското решение ќе пилотира како втора фаза од процесот на тестирање во текот на оваа учебна година. Обуките ќе продолжат во следниот период, со опфат на сите училишни ИТ-администратори.
Новиот систем, како што се наведува, ќе биде официјално применет во сите училишта кога ќе бидат исполнети сите услови предвидени во процесот на тестирање и по миграцијата на податоците од постојниот систем во новиот. Очекувањата се тоа да се случи во текот на второто полугодие на тековната учебна година или на почетокот на следната.