Политика
Костовски со отворени писма до Димовски и Шилегов
Македонскиот бизнисмен и поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски во вторникот упати отворени писма до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Илија Димовски и Петре Шилегов во кои се осврнува на нивната дебата од понеделникот во Собранието, а во која беше споменат и тој самиот.
„Ние сме сограѓани, вие по место на раѓање и живеење, а јас како почесен. Многу добро ви се познати критериумите за да се добие таквиот статус на почесен граѓанин во еден град. За прв и последен пат ви укажувам, јас сум Македонец и за мене, кој било Македонец, на која било точка на земјината топка, е мој Македонец. Не импутирајте нешто кое не постои во моето дејствување и карактер и не ја негирајте љубовта кон мојот народ“, вели Костовски во писмото до Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Потекнувате од градот на врвни македонски дејци, а со вашето однесување, му го сквернавите името, запишано со големи букви, ВЕЛЕС. Лично не ве познавам, ниту пак имам желба да ве запознаам. За вас, кои се сметате за високи интелектуалци, местото не ви е во пратеничка, туку во магарешка клупа“, додава Костовски.
„Поседувате статус од највисок ранг во Република Македонија. А дали го заслужувате? Што воопшто знаете за Трифун Костовски? Многу малку или поточно кажано ништо! Бев Градоначалник на Град Скопје, не бев ничиј кандидат. Самостоен, како што впрочем бев и носител на листата во 2-ка на историските за СДСМ парламентарни избори во 2002 година. Запомнете, САМОСТОЕН! Не сум изгубил ниту еден изборен циклус, напротив, партиите кои ме поддржуваа, од мене профитираа. А впрочем, знаете ли нешто за мојот придонес во градот? Ништо! Површноста ве убива“, вели пак Костовски во писмото до пратеникот и портпарол на СДСМ, Петре Шилегов.
„Никогаш повеќе не си дозволувајте да го ставате моето име во пресметките со вашите политички противници. Ако не знаете кој сум, тогаш погледнете ја мојата биографија, погледнете што е сработено за време на мојот мандат, како градоначалник и каков бил односот кон финансиските средства на граѓаните. Има многу што да научите како се води главниот град. Не очекувам извинување, зашто тоа е доблест“, порачува Костовски во отвореното писмо до Шилегов./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
