Политика
СДСМ: Здравјето на граѓаните е врвен приоритет за новата Влада, итно да се овозможи формирањето

„Новата реформска Влада на граѓаните вистински ќе се грижи за здравјето на граѓаните. Здравјето на граѓаните е врвен приоритет. Тоа е предвидено во Програмата на новата Влада на Република Македонија“, велат од СДСМ.
Здравствениот систем нема да се базира на тендер политики како досега, туку исклучиво на потребите на граѓаните. Квалитетно и ефикасно здравство достапно за сите граѓани е неопходна потреба на граѓаните, порачуваат од партијата.
Никогаш повеќе да не се повторат случаите на смртност поради криминални интереси, што донесоа неисправни и несоодветни апарати и несовесни политики поради што пациенти се оперираат по ходници, бебиња и мајки умираат од недостиг на гинеколози, нема завои за рани по болниците, луѓето се лечат во руинирани здравствени установи, граѓани губат животи во расипани возила на Брзата помош, потенцираат од СДСМ.
Во рамките на здравствените политики, новата Влада на граѓаните ќе основа нова самостојна јавна здравствена установа на итна медицинска помош, којашто ќе ги обедини сите служби на итна медицинска помош и ќе ги поврзува сите болници во Република Македонија, додаваат од партијата.
„Медицинскиот кадар од јавното здравство ќе добие нормални услови за работа и повисоки плати, за да не заминува од државата туку да остане во јавното здравство и мотивирано да се посвети на грижата за здравјето на граѓаните. Болничкото лекување ќе биде бесплатно и достапно за сите“, велат од СДСМ.
За сето ова да може да се рализира, итно е потребно да се овозможи формирањето на новата реформска Влада, којашто ќе биде посветена исклучиво на потребите и на здравјето на граѓаните на Република Македонија, заклучуваат од СДСМ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стојановски: Со законот за данок на солидарност власта воведува арач за успешните компании

Солидарниот данок е новото економско промашување. Власта на СДСМ и ДУИ внесува нестабилност во работењето на бизнисот во Република Македонија. Имено, со донесениот закон за таканаречен данок на солидарност власта воведува арач за успешните компании наместо да се бори со сивата економија, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Сведоци сме, вели тој, дека одредени делови од Македонија претставуваат даночен рај, а се врши трговија и во странски валути, што е исто така казниво.
Тој потсети дека со овој закон за солидарност секоја фирма што работела успешно во 2022 година ќе плаќа дополнителен еднократен данок од 30 % покрај веќе постојните 10 % данок на добивка. Ова, според Стојановски, не е солидарност, ова е арамилак.
„Власта го злоупотреби европското знаменце за да донесе закон со кој фирми од сите сектори, а не само фирми од енергетскиот сектор, како што е во Европа, ќе го плаќаат овој данок. Дополнително, овој закон уште со денот на негово објавување во ‘Службен весник’ ќе биде обжален од сите стопански комори во државата.
ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа овој закон од повеќе причини:
1. Воведува правна несигурност кај компаниите. Непредвидливоста во даночните политики го намалува инвестирањето на постојните компании, внесува дополнителен ризик кај потенцијалните инвеститори, а за ваквата појава стопанските комори секојдневно реагираат, но власта никако да се коригира веќе 6 години;
2. Не постои ваков закон во рамките на Европа. Како што кажав и погоре, постои закон за дополнително даночење на екстремните добивки кај енергетските компании што стекнаа огромни добивки поради нарушувањата на пазарите на енергија поради војната во Украина;
3. Владата не е солидарна со бизнисот. Ова најдобро се потврдува ако го разгледате буџетот за 2023 година и како се трошат парите на даночните обврзници. Секојдневно гледаме скандали, каде што фирми блиски до функционери од власта добиваат тендери во милионски износи;
4. Сериозно нарушување на ликвидноста кај компаниите. Во услови кога сè повеќе компании имаат проблеми со наплата на своите побарувања, кога се соочуваат со зголемени каматни стапки на кредитите, а со тоа и повисоки рати за исплаќање, власта одлучи да им одземе голем дел од ликвидните средства и со тоа ќе им нанесе сериозни последици во работењето;
5. Новоформираните компании не се опфатени. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ побараа и компании формирани во 2022 година да бидат опфатени со овој закон, но власта тоа не го прифати. По едно ТВ-гостување на најмоќниот партиски претседател од владината коалиција, ни стана јасно зошто мнозинството го одби нашиот предлог, со кој претприемачките способности на овој политички бизнис-клан ќе беа опфатени;
6. Се дестимулираат инвестициите. Со вака поставениот закон сите компании што остваруваат поголеми добивки поради свои поранешни инвестиции во машини, опрема, во дополнително надградување на своите вработени, ќе бидат сериозно обесправени, а како резултат на тоа ќе размислат добро дали повторно да инвестираат.
Ова се само некои од причините поради кои сметаме дека законот за данок на солидарност ќе влијае лошо врз целокупната економија. Власта планира со овој закон да собере дополнителни 76 милиони евра за да може да ги подели на тендери во четири очи со свои компании. Власта прави прераспределба на средства со која крати од заштитата на животната средина и зелениот развој, модернизација во Министерството за одбрана, урбанизам и градежништво, водостопанство, изградба и реконструкција на основни и средни училишта и студентски домови итн.“, нагласи Стојановски.
На Македонија ѝ е неопходно граѓаните да одлучат дали сакаат да се продолжи со моментните штетни политики или силна и просперитетна Република Македонија, заклучи Стојановски.
Македонија
МВР со превентивни активности: полицајци ги едуцираа и советуваа граѓаните

Превенцијата од имотни деликти, заштитата на шумите од пожари и сообраќајната безбедност беа во фокусот на вчерашните (21.09.2023) превентивни активности одржани на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Битола, Велес, Штип, Тетово.
Така, на подрачјето на СВР Битола, поточно во општина Новаци полициски службеници ги едуцираа и советуваа граѓаните во врска со заштитата и превенирањето на разните облици имотни деликти (кражби, разбојништва, измами) додека, пак, во Ресен во содејство со Шумската полиција се реализираа средби со граѓани околу заштитата на шумите од пожари, а во Крушево полициските службеници акцентот го ставија на превенцијата од употреба на оружје и недозволени пиротехнички средства при веслеби и прослави.
И на подрачјето на СВР Штип, односно во Кочани беше спроведена превентивна активност во рамки на кампањите „МВР за граѓаните“ и „Сигурноста и безбедноста на граѓаните-наша обврска“, а со цел запознавање и едуцирање на граѓаните за заштита од имотни деликти. Идентично на ова, и во Тетово од страна на полициски службеници при СВР Тетово на локации околу Градскиот пазар беа спроведени активности, односно разговори со продавачи, сопственици на колонијални дуќани и граѓани околу начините на заштита и препознавање на имотните деликти и важноста од соработка и комуникација со полицијата.
На подрачјето на СВР Велес, поточно во Кавадарци за второодделенците од основното општинско училиште „Страшо Пинџур“, во соработка со општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата беше одржана едукативна работилница, а во насока на заштита на децата како пешаци – учесници во сообраќајот.
Македонија
МОН со поддршка од ЕУ креира нов електронски дневник, кој ќе се применува во второто полугодие

Со финансиска поддршка од ИПА-фондовите на Европската Унија, Министерството за образование и наука изработи нов интегриран систем за електронска работа на училиштата. Во новото софтверско решение интегрирани се сугестиите на наставниците, родителите на учениците и сите институции што имаат пристап до системот и се очекува досегашните предизвици целосно да бидат надминати.
Првичните тестирања на новиот систем се веќе спроведени, во координација на МОН со Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и со наставници од училиштата.
Од МОН велат дека паралелно се спроведуваат и обуки за примена на новиот електронски дневник, при што тие досега се посетени од страна на 40 училишни ИТ-администратори, каде што најпрвин софтверското решение ќе пилотира како втора фаза од процесот на тестирање во текот на оваа учебна година. Обуките ќе продолжат во следниот период, со опфат на сите училишни ИТ-администратори.
Новиот систем, како што се наведува, ќе биде официјално применет во сите училишта кога ќе бидат исполнети сите услови предвидени во процесот на тестирање и по миграцијата на податоците од постојниот систем во новиот. Очекувањата се тоа да се случи во текот на второто полугодие на тековната учебна година или на почетокот на следната.