Политика
Филиповска-Грашкоска: Инспекторите извршиле 12.799 контроли, уредбите и протоколите мора да се почитуваат или следи соодветна санкција

Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат имаат реализирано најголем број, односно 11.504 контроли, што е и разбирливо, ако се земе предвид дека нивните надлежности во овој период се и најобемни, особено во деновите по започнувањето со работа на кафетериите и угостителските објекти, за кои беа усвоени посебни протоколи, но контроли на други трговски објекти на големо и мало, аптеки, бензински станици, обложувалници, банки и пошти, изјави претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција.
„Државниот пазарен инспекторат беше особено активен. Само во првиот ден по воведувањето на протоколите за угостителите, на 28 мај, се направени 676 контроли и поради утврдени недоследности во почитувањето на протоколите, првиот ден се изречени само усни укажувања и опомени. Поради многу пропусти во првиот ден, важно е да се истакне дека се премина на подрастично санкционирање на прекршувањата и изминатите неколку дена предложено е поведување на повеќе од 25 кривични пријави за флагрантно кршење на Законот и протоколите.
Воедно се затекнати и нерегистрирани угостителски објекти во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Куманово. Вчера сите бевме сведоци за флагрантното кршење на протоколот од еден угостителски објект во Скопје, кој работеше во затворен простор и каде беше затекнат претседател на опозициска партија, ДПИ постапува по овој случај и ќе биде преземена соодветна санкција“, кажа претседателката на Инспекцискиот совет.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, се надоврза на актуелната ситуација со почитување или непочитување на протоколите за отворање и работа на кафетериите и угостителските објекти, при што истакна дека инспекторите ја извршуваат својата работа потполно професионално и неселективно, во насока на заштитата на јавното здравје, а секое прекршување соодветно се санкционира.
„Одреден број на угостители и трговци го прекршуваат добриот тек на почитување на мерките. Од минатиот четврток до сега поднесени се 28 кривични пријави, како и 38 прекршочни пријави, а затекнати се и 47 нерегистрирани даночни обврзници од областа на угостителството. Апелирам инспекторите да бидат оставени ревносно да ја вршат својата работа, да не ги вплеткуваме во политички игри. Институциите се формирани од државата и тие се институции на државата, инспекторите треба да се остават професионално и неселективно да ја работат својата работа“, потенцираше директорот на пазарниот инспекторат, Пауновски.
Претседателката на Инспекцискиот совет посочи дека Државниот инспекторат за труд, во горенаведениот период реализираше вкупно 504 контроли кај работодавачи.
„Фокусот во изминатите неколку дена беше ставен на компании од Штип, но и во Тетово, каде се појавија определени кластери на заболени. За периодот од 27 мај до 3 јуни од страна на овој инспекторат донесени се 4 решенија и 20 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата“, рече Филиповска- Грашкоска.
Таа додаде дека Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 229 надзори. При тоа изречени се вкупно 13 решенија заради лоши општи хигиенски услови во објектите и неспроведување на дезинфекција и чистење во работни простории, санитарни јазли, неселективност во текот на складирање на прехранбените производи по видови (одвоено чување на производите по вид и категорија), неводење записи за дезинфекција и следење на температурата на складирање на производите, како и вкупно 17 казнени мерки едукации поради тоа што не се воспоставени и имплементирани процедури за добра хигиенска пракса, засновани на HACCP принципите и неводење на записи за истите.
„Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 27 мај до 3 јуни, направи вкупно 290 надзори. Констатирано е дека меѓуопштинскиот сообраќај сè уште е намален за околу 90%, но со релаксација на мерките за движење полека се враќаат одредени меѓуградски линии во функција. Транспортниот инспекторат забележа вкупно 7 прекршувања на уредбите и протоколите и тоа 3 прекршувања кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработените во правни лица во Општина Штип и уште 4 прекршувања кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработените во правни лица во Брвеница“, кажа Филиповска-Грашкоска.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат, спроведе вкупно 225 надзори во субјекти во нивна надлежност, односно во приватни и јавни здравствени установи, домови за стари лица и други правни субјекти во нивна надлежност, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот Ковид-19. Исто така, во овој период издадени се 55 дозволи на транспортери професионални возачи, со кои дозволи се овозможува непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус. Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие седум дена изврши вкупно 47 контроли. При тоа е констатирано дека нема специфични отстапувања.
„Сакам да потенцирам дека инспекторите ќе бидат строги во контролите на сите објекти и дека мора да се почитуваат протоколите, инаку следува соодветна санкција за сите кои ќе се осмелат да ги прекршат. Нашата задача е системот да продолжи да функционира и во новите услови, а притоа здравјето на граѓаните да не биде загрозено“, заврши претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба Османи – Џејн

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џејн.
Во фокусот на средбата беа повеќе теми, пред сè, актуелните претседавања на Шведска со Европската Унија и на Република Северна Македонија со ОБСЕ, зачленувањето на Шведска во НАТО и безбедносната состојба на европскиот континент, претседавањето на Шведска со ИХРА и соработката во билатералната и мултилатералната сфера, како и најновиот развој на состојбите во регионот на ЈИЕ.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот Османи информира за приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и се заблагодари за шведската продуктивна соработка и поддршка во рамките на ОБСЕ-тројката.
Министерот Османи се заблагодари за шведската континуирана поддршка за интеграција на Северна Македонија и на Западен Балкан во целина во EУ.
Потсетувајќи дека при последното претседавање на Шведска со Советот (во втората половина на 2009 година), нашата земја ги доби визната либерализација и првата препорака на ЕК за почеток на пристапните преговори, изрази уверување дека со својата прагматична и политика ориентирана кон резултати сегашното претседавање на Шведска исто така ќе остави позитивен белег во европската траекторија на нашата земја.
Македонија
(Видео) Николова: Новите инвестиции и работни места доказ за успешните политики на СДСМ

„Владата предводена од СДСМ преку навремени и одговорни економски политики успеа да се справи со последиците од глобалната економска и енергетска криза. Во најкризната година во Европа платите продолжија да растат, продолжи и зголемувањето на нови странски инвестиции и нови работни места“, рече на денешната прес-конференција Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
Таа напомена „2022 година ја завршивме со 2.300 нови работни места и над 430 милиони евра нови инвестиции во ТИР-зоните, каде што добиваат плати, кои, генерално, се повисоки од државниот просек. Речиси 16.300 наши сограѓани работат во компаниите во индустриските зони во целата држава. Извозот од ТИР-зоните во 2022 година достигна 3,7 милијарди евра, што, меѓу другото, се должи и на новоотворените работни места“.
„Според првичните анализи, на секој 1 денар вложен од државата компаниите вратиле 4 денари назад во буџетот, што значи дека за разлика од претходно, сега имаме инвестиции што носат поголема додадена вредност и за државата и за граѓаните. Со одговорен пристап овој тренд треба да продолжи и во оваа 2023 година за што показател е новата инвестиција од 400 милиони евра на компанијата ‘Магна мехатроникс’, која почна со подготовки за изградба на нова фабрика. Оваа, но и другите странски инвестиции предвидени за периодот, позитивно ќе влијаат врз раст на просечната плата, која првпат во историјата изнесува над 33.000 денари“, рече Николова.
Македонија
Таравари повикува на смирување на тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, повика да се дејствува смирено и да се смират тензиите во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, кои ескалираа по несаканите инциденти во Охрид.
Истакнувајќи дека овие настани се следат со големо внимание и загриженост, Таравари преку објава на „Твитер“ ги повика институциите да се воздржат од изјави што водат кон дополнителни тензии.
„Вознемирен од зголемувањето на политичките тензии меѓу Северна Македонија и Бугарија, ги повикувам нашите институции да се воздржат од изјави што водат кон дополнителни тензии и да се ангажираат конструктивно да придонесат во спроведувањето на договорот за добрососедство и европската интеграција на земјата“, пишува Таравари.
Concerned about rising political tensions between 🇲🇰-🇧🇬. I call on our institutions to refrain from statements that lead to further tensions and to engage in a constructive way that contributes to the implementation of the agreement on good-neighbourliness and 🇪🇺 integration. pic.twitter.com/wqwdtJvuCe
— Arben Taravari (@TaravariArben) January 27, 2023