Политика
Шекеринска: Доаѓа нова демократска влада во Македонија
Се отвораат светли перспективи за Република Македонија и за граѓаните, со демократските промени што се случуваат и носат нова демократска влада, рече во четвртокот заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, на средбата со државниот министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Алан Данкан, придружуван од британскиот амбасадор во Р.Македонија, Чарлс Гарет.
Тема на состанокот, на кој Шеќеринска беше придружувана од генералниот секретар на социјалдемократите, Оливер Спасовски, потпретседателот Дамјан Манчевски и претседателката на Комисијата за европски прашања на СДСМ, Лидија Димова, беа промените што се случуваат на политички план во Македонија, како и економските предизвици за обезбедување квалитетен живот, информираат од партијата.
„Очекуваме дека новата влада ќе биде брзо формирана и силно ќе се посветиме на сите предизвици. Најтешкиот период за граѓаните и за државата е зад нас“, информирала заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.
На средбата била нагласена „мнозинската волја на над 612.000 граѓани кои на изборите избраа правда за сите, наместо неправди, заедништво наместо поделби и Македонија која оди напред, наместо изолација од светот“.
„Оваа мнозинска поддршка на концептот за Македонија едно општество за сите, земја на еднакви граѓани, со еднакви права и должности пред Уставот и законите е факторот на стабилност во државата. Се покажа дека сета пропаганда за некакви федерализации или редефинирања на државата била лажење и манипулација на јавноста. Најдовме решение во согласност на Уставот“, рекла заемник претседателката на СДСМ
Шеќеринска притоа истакнала дека партијата во моментов е посветена на следните чекори, а тоа се Македонија да биде правна држава, да се обезбеди непречена работа на Специјалното јавно обвинителство и независни институции коишто ќе работат во интерес на граѓаните.
„Определбата на граѓаните за концептот на заедништво и живот за сите е голем капитал за Македонија и ги отвора вратите на новата влада, да се посвети на она што најмногу и реално ги засега граѓаните, а тоа е излез од огромната сиромаштија во земјата и квалитетен живот за сите“, заклучила заменик претседателката Шекеринска на средбата со британскиот државен министер за Европа и Америка, Данкан./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
