Политика
Шилегов: Потребни се итни промени на власта, бизнисот за Кочан во Ѓорче е уште една потврда на тоа

Деловниот простор Емпорио Мол што го гради фирмата Трансмет во сопственост на Сеат Кочан, медиумскиот и бизнис партнер во бегство на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, е класичен пример за тоа како власта на ВМРО-ДПМНЕ, независно дали на општинско или на државно ниво, се интересира само за сопствените бизнис интреси, а не за интересите на граѓаните, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
„Првичниот проект предвидувал деловен простор од 15.000 квадратни метри од коишто, во најголем дел, 11.400 квадратни метри деловен простор за Трансмет. Беше предвиден простор од само 3.600 квадратни метри за општина Ѓорче Петров, односно за потребите на граѓаните“, рече Шилегов.
„Власта на ВМРО-ДПМНЕ во општина Ѓорче Петров прави измена на ДУП и му овозможи на Трансмет нови 15.000квадратни метри деловен простор. предвидените 3.600 метри квадратни за општината остануваат непроменети“, додаде тој.
„Граѓаните се излажани, законите се изиграни. Наместо да добијат 25 проценти од комплексот, согласно договорот, Општината и државата сега имаат двојно помалку простор, додека просторот за Кочан двојно расте. Потребни се итни промени на власта, бизнисот за Кочан во Ѓорче е уште една потврда на тоа. Дополнително, со промените Кочан и Трансмет добиваат дури 40 отсто попуст за комуналии“, изјави Шилегов.
„Ова е само еден од многуте бизниси што ги доби Кочан од власта на Груевски во заминување. Ваквите зделки се уште една потврда дека што побрзо мора да се спроведе мнозинската волја на граѓаните за промени и да се овозможи да функционира правдата. Криминалците не смеат да бегаат од државата и ни ден повеќе да раководат со парите на граѓаните и со Р.Македонија. На Македонија и е итно потребна нова реформска Влада којашто ќе се грижи за граѓаните и ќе обезбеди функционална држава“, порачуваат од СДСМ./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Мицкоски нема чувство за државност и одговорност

„Предлогот на француското претседателство е објавен и граѓаните можат да се уверат дека имаме чист македонски јазик во ЕУ, идентитетските прашања се заштитени, историските прашања не се дел од преговарачкиот процес. Ова Мицкоски упорно не сака да го види и заради политички интерес се обидува да претстави нешто различно“, соопштуваат од владејачкиот СДСМ.
Од партијата велат дека „Мицкоски сака отворениот процес на широки консултации да го попречи на самиот почеток, преку протести. Со месеци Мицкоски бараше предлозите да се консултираат со него и опозицијата, а сега кога ја има можноста тој од тоа бега“.
„Повеќе од јасно е дека Мицкоски никогаш не сакал и немал интерес за конструктивен дијалог, туку го интересирал само личниот интерес. Тој не сака јавноста, политичките партии, експертите, граѓанските организации да го искажат својот став за предлогот, туку да го наметне својот недржавнички став. Неговата цел никогаш не била државата ниту иднината на граѓаните. Неговата цел никогаш не бил македонскиот идентитет, македонскиот интерес. Единствено Мицкоски сака да предизвика некоја штета, ако може да за закочи државата, да доживеа некаков неуспех, да биде заглавена“, велат од СДСМ како реакција на денешната прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на која тој посочи дека предлогот што е на маса, а Владата го криеше, всушност е истиот што веќе еднаш беше одбиен.
Македонија
Мицкоски: Предлогот што е на маса, а Владата го криеше, всушност е истиот што веќе еднаш беше одбиен

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на протест пред Владата. По објавувањето на предлогот, Мицкоски рече: „Предлогот што е на маса, а Владата го криеше, всушност, е истиот што веќе еднаш беше одбиен. И со жалење морам да констатирам дека овој предлог ги содржи сите барања во делот на историјата, јазикот, идентитетот“. Според него, прифаќањето на предлогот значи менување учебници и пишување како што тие сметаат, прифаќање дека Гоце Делчев, Јане Сандански, Даме Груев биле Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
„Она што го слушате од Ковачевски не е битка за идните генерации, туку срам, пораз и капитулација за сите идни генерации бидејќи некој како Ковачевски и Маричиќ се охрабриле да го погазат македонскиот идентитет за кој жртви паѓале, животи се губеле, за кого мајка од дете се делела. За кого мајка од ќерка се делела. Ете тоа нè убедуваше Ковачевски. Тоа не е визија, туку срам и предавство. Тоа е она за што ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати и ќе се бори со сè што располага, да го објасни пред граѓаните. Ваков ултиматум за Македонија е неблагодарен. Сакам да се знае дека сега е моментот кога треба да се биде јасен и гласен, да се заземе вистинска страна. Владата прави огромна штета бидејќи одобрувањето ваква преговарачка рамка значи: или во ЕУ како асимилирани и бугаризирани или секогаш да останеме надвор од ЕУ. Јас ултиматуми по цена на достоинство на народот не прифаќам и нема никогаш да се согласам на тоа“, посочи Мицкоски.
Тој е дециден дека Димитар Ковачевски лаже дека францускиот предлог е успех.
„Повикувам на сенароден протест. Заборавете дека се обраќам од говорницата на ВМРО-ДПМНЕ. Секој нека ни се придружи утре, во 19 часот, пред Владата. Јас таму ќе бидам како ваш сограѓанин, како човек со име и презиме. Го повикувам целиот народ да се приклучи и да застане со нас рамо до рамо. Да го спасиме процеост на преговори, овој преседан ќе им се прави на сите земји во регионот. Членството за ЕУ ќе стане цел што нема да ја достигнеме. Цел што за сите нас ќе биде недостижна. Само аматер може да мисли и да верува дека ова е добар договор, освен ако нема задни намери. Повикувам на висока свесност за тешки удари што оваа Влада ѝ ги прави на Македонија. Или сега ќе кажеме гласно ‘не’ или ќе немаме право да бидеме гласни“, посочи Мицкоски.
Македонија
ДУИ: Земјата има историскa можност за европска иднина и за затворање на сите прашања со соседите

Демократската унија за интеграција ја поздравува конструктивната улога на француското претседателство за изнаоѓање прифатливо решение за спорот на нашата земја со соседна Бугарија и цени дека предлогот даден во форма на идеи за решение е добра основа за завршување на спорот и за деблокирање на нашиот европски пат.
„Нашата земја е пред историска одлука, онаа на отворање на преговорите со Европската Унија и затворање на сите спорни прашања со соседите, затоа цениме дека ваквите шанси за компромис, кои не ги загрозуваат идентитетот, јазикот и националното достоинство на нашите македонски сограѓани, не треба да се пропуштаат заради сигурната и прогресивна иднина на државата и регионот“, велат од оваа партија.
ДУИ апелира до сите страни вклучени во овој историски процес рационално да пристапат кон содржината на предлогот и заедно да ја донесеме долгоочекуваната одлука за деблокирање на интегративниот пат на земјата.
„Заедно со партнерите од владината коалиција, опозицијата, Собранието, претседателството, државните институции, како и медиумите, граѓанското општество, академскиот свет, врз принципите на транспарентност го почнуваме процесот на консултации во кои како никогаш досега се бара зрелост и рационалност, а не субјективен протагонизам за тесни интереси. Демократската унија за интеграција останува доследна на своите позиции за решавање на спорот со Бугарија и поради оваа причина цениме дека францускиот предлог е во дозволените рамки на рационален компромис“, се посочува во партискиот став на ДУИ.
Овој предлог, овој пат, оваа европска иднина, додаваат од партијата на Ахмети, ја има поддршката од Вашингтон, Брисел, Париз, Лондон, Рим, другите западни престолнини, а сите достигнувања ги имаме постигнато заедно со евро-американската заедница.