Политика
Османи до Димовски: Наше е сега дали ќе се одлучиме да го затвориме прашањето за јазикот во ЕУ, еднаш засекогаш
Не се отворените писма начин, но еве нека биде тоа почеток, напиша министерот за надворешни работи Бујар Османи на социјалните мрежи како одговор на отвореното писмо кое му го напиша поранешниот пратеник до ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
„Илија, не сум имал никогаш проблем да те разберам, иако ретко сум се согласувал со твоите ставови и мислења. Така е и овој пат – те разбирам ама не се согласувам ниту со начинот на кој ги делиш прашањата на „албански“ и „македонски“, наместо како што доликува, да ги третираме како заеднички предизвик на кој заеднички му пристапуваме.
За жал морам да почнам со деманти: ниту сме прифатиле со договорот од Преспа, ниту било кој може да прифати кои Македонци, каде и да живеат, какво им е етничкото потекло. Фактот што сме прифатиле во името на добрососедските односи, да не се мешаме во уредувањето на колективните права кај нашите соседи, не го менува фактот за тоа како се чувствува или како се изјаснува било кој Македонец на планетата земја. Напротив, еднаш засекогаш ја затворивме дилемата што значи зборот Македонец, и тоа веќе никој никогаш не може да го смени.
Неправедно е да ја вмешуваме историјата како да е дел од современите политички текови, наместо да им ја оставиме на историчарите да нѐ ослободат од историските митови кои ни ја заматуваат иднината. Тоа е добар начин да се ослободиме од овие стеги, за да ја затвориме расправата кој и што е Илија, кој и што е Бујар и каков јазик зборуваат.
Јас Илија, постојано барам дијалог затоа што имам потреба да разговараме за важни прашања:
За тоа како ќе обезбедиме заедно никогаш повеќе никој да не го спори македонскиот јазик, и како тој да стане официјален и службен јазик на Европската Унија, на Обединетите нации, на оваа организацијата со која од следната година претседаваме – ОБСЕ инт.
За тоа како ќе обезбедиме зборот Македонец да ја означува етничката припадност на нашите сограѓани Македонци, и никогаш повеќе никој, никаде да не може да го спори тоа
За тоа како ќе обезбедиме македонските ора, македонските села, македонскиот фолклор, македонската песна, македонскиот еп, да бидат дел од македонската етничка посебност, и никој никогаш никаде да не може да го спори тоа.
За тоа како ќе обезбедиме сето ова да не остане само во нашите глави, ами да стане дел од светската номенклатура и комуникација.
За тоа како ќе им обезбедиме на нашите сограѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, европска иднина, и зошто тоа да не го направиме на ист начин и за оние наши сограѓани кои себе си се сметаат за Црногорци, Бугари и Хрвати.
За тоа како ќе го зачуваме, негуваме и промовираме нашиот автентичен модел на успешна мултиетничка демократија
За тоа како ќе обезбедиме европска перспектива, европски стандард и европски вредности овде дома, за сите нас.
Ова треба на маса да го зборуваме, но еве и пред да седнеме, да расчистиме со митовите и невистините кои за жал доминираат во јавниот дискурс а се поврзани со предлогот кој треба да го прифатиме.
Правата е за јазикот. Се тврди дека со предложената рамка, заклучоци итн, македонскиот јазик на различни начини ќе биде загрозен. А фактите се токму спротивното: И во рамката, и во предлог заклучоците и во сите документи, во моментот на старт на преговорите – македонскиот јазик станува официјален јазик на кој Европската Унија ќе комуницира, и тоа без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања, астерикси, без било што. Овој официјален јазик подоцна, со нашето членство во Унијата, станува чист службен јазик на Унијата, на ист начин како што се и Германскиот, Францускиот, па и Бугарскиот и сите други јазици. Значи Унијата ја усвојува рамката каде стои дека европското Аки (Acquis), европското законодавство, ќе се преведе на Македонски јазик без никаква додавка – и тоа станува затворено прашање за Унијата.
Наше е сега дали ќе се одлучиме да го затвориме прашањето за јазикот во ЕУ, еднаш засекогаш, или ќе го оставиме на менито на бугарските партии кои после следните избори ќе ни ги дефинираат правилата за влез во ЕУ
Втората е за рамката, и за некакво нејасно објаснување дека во оваа рамка се внесени билатералните прашања, билатералните договори, историските прашања итн.
Прво околу фамата за „билатерализација“. Добрососедските односи претставуваат еден од фундаментите на Унијата, и оттука не треба да нѐ чуди фактот што се тие дел од постулатите во голем број документи, извештаи, рамки кои Унијата ги изготвува. Како што во секој извештај на Европската комисија, секоја земја се оценува и по напредокот кој го остварува во добрососедските односи, исто така, повторно секоја земја која преговара, во преговарачката рамка има посебен дел каде на различен начин се спомнуваат добрососедските односи.
Не во оваа рамка, туку во секоја предлог рамка која било кога сме ја добиле како драфт – и оние кои сме ги прифаќале како добри, и они кои сме ги отфрлале како несоодветни – секогаш стоеле и Договорот од Преспа со Грција, и Договорот за пријателство со Бугарија, како репери по кои ќе се следи дали земјата остварува опипливи резултати. Нема ништо различно и овојпат, и сѐ што се шири по ова прашање претставува лага. Нема дополнителни услови, нема дополнителни обврски, нема нови документи како Протоколи, туку само цитирање на Двата договори како што тоа отсекогаш било така.
Трето е самиот почеток на преговорите и лагите дека се одложува стартот на преговорите, се одложува усвојувањето на рамката, сѐ се одложува за кога ќе се извршат промените во Уставот.
А фактичката состојба е следна: Со усвојување на заклучоците, се усвојува и содржината на рамката, пред почетокот на преговорите и одржување на Првата меѓувладина седница – и тоа се случува сега и веднаш! Преговарачката рамка се дефинира сега, се усвојува сега – и тоа е завршен процес!
По одржувањето на Првата меѓувладина седница, во полн капацитет го почнуваме процесот на скрининг, задолжителен процес кој го минуваат сите земји, и кој во просек трае една година. Нема одложување, нема застој, нема поместување, нема ништо – ги почнуваме преговорите онака како што сите претходно тоа го правеле, исто како што тоа ќе го направи и Албанија.
Тоа е сосема доволен период ние да ги завршиме и нашите уставни промени, обврски кои секако ги преземаме. Ако сме искрени дека немаме проблем да ги внесеме Хрватите, Бугарите и Црногорците како прифатени етнички заедници во земјава, тогаш не треба тоа да го одложуваме до бескрај. Имаме доволно време во овој период да си ги завршиме обврските и потоа, онака како што е предвидено за секоја земја, по завршувањето на скринигот да почнеме со отворање на кластерите и поглавјата“, напиша Османи на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Македонија е одземена од народот од страна на ДУИ и измеќарите од СДС, поради нивните политики луѓе гореа живи, се случуваа трагедии и иселување
„Македонија е одземена од народот, за жал наместо државата да му припадне на суверенот, а тоа е народот на кој што и треба да му припаѓа, државата во нашиот случај е украдена од народот од страна на една мала група на луѓе кои од денеска уште неколку недели ќе бидат во владата на Република Македонија. Таа група на луѓе ја предводат првенците од ДУИ на чело со Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и малкумина измеќари од СДСМ кои сеуште се таму слепи послушници на политиките на ДУИ и Али Ахмети“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Зрновци.
Претседателот Мицкоски потенцираше дека овие луѓе се виновни за неправдата, криминалот, опустошувањето, понижувањето, за целото зло кое и е нанесено на Македонија во изминатите 6 и половина години.
„Ќе ве потсетам, сетете се поради нивната неодговорна политика живи луѓе гореа во модуларната болница во Тетово; поради нивната криминална политика и начин на кој ги издаваат дозволите за да туристичките агенции управуваат со возилата десетици луѓе за жал го загубија својот живот не далеку од главниот град на нашиот источен сосед во трагедијата на „Беса транс“, се сеќавате колкумина од нив ветуваа дека ќе донесат живот какви ти се не знам услови за работа на земјоделците, загарантиран откуп по загарантирана цена, а 6 и половина години нивите ни останаа неорани, младите си заминаа, земјоделците се помалку се занимаваат со земјоделието затоа што не само што нема загарантиран откуп туку и тоа малку што денес се обработува и произведува нема кој да го купи“, дециден е Мицкоски.
Претседателот Мицкоски истакна дека дури и на СДСМ им е јасно дека победник на следните претседателски и парламентарни избори ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија и Гордана Силјановска Давкова,
„Затоа ни е потребно ова обединување, затоа ни е потребна масовна излезеност. Сите заедно најпрво на 24 април да ја направиме Македонија горда, а потоа на 8 мај да ја направиме и горда и твоја со победа на Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Твоја Македонија“, рече Мицкоски.
Македонија
Пендаровски: Тие ја сакаат Македонија само кога се на власт, ние ја сакаме и кога сме и кога не сме, бидејќи таа ни е единствената мајка
Во рамки на изборниот караван, кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска се сретна со граѓаните на село Белчишта, општина Дебрца и со граѓаните на општина Вевчани.
Говорејќи за начинот на владеење на опозицијата кога беше на власт, Пендаровски во село Белчишта истакна дека во нивно време имаше две групи на граѓани, односно нивни и наши, симпатизери на ВМРО и останати. И дека за разлика од сегашната владејачка структура која не направи крупни стратешки грешки со кои би била загрозена државата, ВМРО – ДПМНЕ и крупни и ситни грешки.
„На опозицијата и пречи што Македонија оди напред, кон развиените земји бидејќи ние сме заслужни за тие успеси, а не тие. Тие ја сакаат Македонија, само кога се на власт, а ние ја сакаме и кога сме и кога не сме на власт, бидејќи таа ни е единствената мајка“, рече Пендаровски.
Од Вевчани, кандидатот за претседател Стево Пендаровски порача дека луѓето знаат да проценат дали некој мисли само на себе и на својот џеб или мисли на нашата иднина. Зборувајќи за неговата против кандидатка, која не се појавила на митингот во Вевчани најавен за пред два дена, Пендаровски истакна дека не ни треба претседател кој има некој над себе.
„Не можам да замислам да кажуваш дека си претседател на сите, а да има некој над тебе, некој кој ќе ти кажува како да работиш. Таков е случајот со Силјановска и со Мицкоски. Овој што ја поддржува сака да биде и претседател и премиер. Ајде да го промениме уставот и да му овозможиме да биде и претседател на Собрание истовремено. Барем ќе заштедиме пари, а за ефектите понатаму ќе видиме“, додаде Пендаровски.
Денеска е предвидено Пендаровски да се обрати на митинзи и пред граѓаните на Струга и на Охрид.
Македонија
Димитриевски од Струга: Во Македонија има луѓе што можат да ги обединат граѓаните за суштестените прашања
Претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска беше во Струга.
„Струга е град сличен на градот од кадешто доаѓам. Мултиетничка средина, во која треба да се сакаме и почитуваме и да живееме заедно. Но притоа не смееме да дозволиме политиката да ги дели граѓаните и да создава чувство на граѓани од втор ред. Сведоци сме дека во нашата држава се случуваат големи неправди, а особено спрема припаданиците на македонскиот народ. Се случува еден феномен на партизација на целиот систем од оние што со пушка влегоа во Собрание, па потоа во извршната власт, а сега гледаме како ја запоседнуваат и судската власт и ги користат останатите, наводно големи партии, како привезок во коалиција, кои притоа се ставааат во целосна функција на ДУИ“.
„Токму затоа не сакам да ја оставам државата да расте и да се развива така. Затоа се одваживме да се вратиме таму каде што припаѓаме, на крушевските и АСНОМ-ските корени. Ние сакаме во суштина да ги промениме работите во
Македонија “.
Димитриевски рече дека Движењето ЗНАМ е нов политички субјект којшто сака да ги обединува, а не да ги дели граѓаните. Првенствено Македонците, а потоа и сите етнички заедници заедно. Тој посочи дека треба да се научиме како да живеме и да градиме реален соживот. Бидејќи, како што рече, соживот е да имаш права, но и обврски. Потребно е да има взаемна почит.
Тој нагласи дека целиот систем е креиран така за да биде поделен на два блока, кај македонскиот и два во албанскиот блок. И додека албанскиот блок, односно политичките субјекти, за националните прашања е секогаш единствен, македонскиот пука по сите шавови.
„Мора да се најдат луѓе коишто ќе го обединат народот. И затоа ќе ви кажам, Максим не може тоа да го направи сам. Вие сте ми потребни и не ме оставајте сам.“ потенцира тој.
„Доколку ја добијам поддршката од граѓаните на овие претстојни избори, ќе бидам Претседател на сите граѓани на Македонија. Првото нешто што ќе го направам е ќе понудам на сите политички субјекти коишто ќе ја сочинуваат идната власт, а дополнително и на опозицијата, да потпишат национална платформа за македонските национални интереси, бидејќи нам ни е тоа повеќе од потребно во овој момент“.
Тој додаде дека доколку биде избран за Претседател на државата, согласно неговата предизборна програма ќе работи на формирање на едно независно тело од експерти од Европската унија коишто ќе треба да се посветат на работење и анализа на сите пресуди од Стразбур против Република Бугарија за обесправеноста на македонските организации таму“’.
Димитриевски, исто така, рече дека согласно Програмата ќе формира и експертски тим, од наши и надворешни експерти кој ќе има за задача да поработи и на времената рамка којашто е во сила во моментот и на нејзина адаптација на општо прифатливите и општествените услови во Македонија, согласно желбата на македонските граѓани.
„Недозволиво е како народ и како држава да бидеме негирани. Ние постоиме во континуитет и како народ и како јазик, со сопствена историја, култура и тоа е одраз на заложбите и борбите на нашите претци. Недозволиво е некој во 21 век, којшто е член на Европската унија да не негира во континуитет. Затоа сметам дека следната политичка елита, која и да е на власт, а ќе биде таа на којашто граѓаните ќе и дадат мандат, треба сериозно да се посвети на ова поле, дополнително да ја разработи оваа преговарачка рамка и со Европската унија и ова билатерало прашање да го решиме на релација Скопје- Софија. Македонија мора да продолжи на патот на евроинтеграциите, но не по секоја цена, бидејќи мора да влеземе во Европската унија со крената глава, како Македонци и како засебна нација“, потенцира Димитриевски.
Караванот на ЗНАМ денеска беше и во Вевчани, каде што Димитриевски имаше средби со граѓани, а вечерва ќе биде во Охрид.