Политика
Партиите на Албанците со единствени барања во преговорите за новата влада
Документ што ќе ги содржи потребите на Албанците во Македонија ќе усвојат политичките партии на Албанците со освоени мандати на последните предвремени парламентарни избори на 11-ти декември, изјави во петокот челникот на ДУИ Али Ахмети, пред почетокот на конститутивната седница на Собранието на која беа верификувани мандатите на новите пратеници.
Како што информираше Али Ахмети, за содржината на најавениот документ било разговарано во четвртокот на средбата што лидерите на ДУИ, Движењето БЕСА и Алијансата на Албанците ја имале во Тирана со албанскиот претседател Еди Рама, што е нивна втора средба во овој формат.
Таквиот документ не претставувал „црвена линија, ниту, пак, неговата содржина се услови за разговори за формирање на новата влада“ дополни Ахмети. Рече дека станува збор за „основни начела и реални потреби на Албанците во Македонија.“
Тој на новинарско прашање одговори дека во документот „не видел такво нешто“, како што е условот за коалицирање во новата влада да бидат бинационалниот карактер на државата и менување на нејзиниот Устав. Ахмети порача дека најголемиот дел од барањата веќе ѝ се познати на македонската јавност.
„Преговорите за нова влада не се почнати, а тоа ќе се случи кога ќе биде доверен мандатот од страна на Претседателот на државата. Документот ќе биде објавен и за него ќе се разговара по објавување на мандатот“, рече Ахмети.
Рече и дека главните барања што ќе содржи документот произлегуваат од програмите на партиите за последните избори, а се однесуваат на јазична и економска рамноправност, реформи во судството, расветлување на некои судски процеси, членство на земјата во ЕУ и НАТО, како и продолжување на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Ахмети изрази очекување средбите на лидерите на парламентарните партии на Албанците да продолжат и во Скопје и на нив да им се приклучи и ДПА, бидејќи тоа биле и нивни барања.
На забелешката на новинарите дека позицијата на партиите на Албанците во Македонија се доредува во Тирана, Ахмети одговори дека „ниту Албанија, ниту Косово не се тие кои ја изготвуваат политиката за Албанците во Македонија“ и оти тие имаат свои цели и своја програма, но оти секоја помош со истомислениците е добредојдена, како и од меѓународната заедница.
Ахмети, покрај тоа, не одговори на прашањето дали Македонија нема да добие влада и ќе се оди на нови избори, доколку не бидат прифатени споменатите барања на албанските партии./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Чаир: На Македонија ѝ треба обединување и единство, а не поделби, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи 1 милијарда евра за проекти во сите општини
Се чувствува победничка атмосфера и енергија, тоа е важно за сите нас и ни дава мотив да продолжиме посилно да се бориме. Овие денови кои ни преостануваат треба максимално да се мобилизираме, а најновите анкети кои ги добив утрово велат дека ќе биде голема победата и на 24 април и на 8 мај, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Чаир.
Мицкоски истакна дека сега во Македонија имаме политичка гарнитура која повеќе од две децении е на власт, тоа се ДУИ чија суштина се поделби и грабеж на народот.
– Кога ќе анализирате која е суштината на ДУИ, Али Ахмети и Артан Груби, Бујар Османи, Талат Џафери и останатите, кај нив нема ништо посебно тие само го делат народот по етничка основа и така опстојуваат. Дали некој може да се сети некоја добра работа која Али Ахмети и Артан Груби ја имаат направено, но можам да кажам десетици лоши работи, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека сега ДУИ сериозно ќе бидат изненадени на овие избори, а им се познава нервозата затоа што после 8 мај треба да одговараат за сето она што му го направија на народот, за целиот грабеж.
Мицкоски се осврна на проектите кои ги планира идната влада од ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека се планира да се инвестира 250 милиони евра секоја година во општините, 1 милијарда во 4 годишен мандат.
– Во Чаир ќе има висока сума, еден од проектите е проширување на булеварското решение на влезот од Бит Пазар кон Чаир и тоа мора да се направи и го повикувам градоначалникот да се пријави со повеќе проекти. Тоа ќе додаде вредност во квалитетот на живеење. На Македонија и треба обединување и единство не поделба, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ планира да отвори нови 55.000 работни места, да функционира со владеење на правото на целата територија и нема да има територии каде ќе владејат шерифи.
Да обезбедиме пристојни услови за поголем инвестициски бран и од странство и од домашни инвеститори за да може децата да останат тука. Мораме и тие кои си отидоа да ги вратиме назад. Да обезбедиме надеж. Ве повикувам на 24 април сите да се обединиме околу број 2 и да гласаме за Гордана Силјановска Давкова, а потоа да се обединиме и заедно на 8 мај да испишеме историја за коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.
Македонија
Доц. д-р Бобан Карапејовски: Ќе обезбедиме вработување на најдобрите 200 студенти, како и стипендии од 500 евра месечно
Носителот на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 1, Бобан Карапејовски на денешната прес конференција рече дека во програмата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за парламентарните избори, наречена „Проглас за достоинствена Македонија“ еден од приоритетите се образованието и науката, кои се суштински за градењето силна и просперитетна држава.
„Во Прогласот за достоинствена Македонија на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, предвидовме два сегменти: зголемување на достоинството на вработените во образованието и во науката и поставување нов систем, со кој овој сектор ќе се врати во фокусот и ќе помогне во создавањето функционално писмен и високообучен кадар, како и продлабочување на
научните истражувања“, рече Карапејовски и додаде: „Во однос на првиот постулат, достоинството на вработените во образовниот сектор, е предвидено платите на наставниците и на професорите да се зголемат до 100 % од актуелните. И, тоа е најмалку што можеме да направиме за да му го вратиме угледот на учителот и да ги привлечеме најдобрите да бидат
даскали на нашите деца“.
Тој потенцира дека за најдобрите студенти ќе се обезбедат стипендии во износ од 500 евра месечно, а за најдобрите двесте студенти вработување во научните и во институциите на системот.
„Партиските вработувања мора да запрат! Не смее партиската книшка да биде услов за вработување. На универзитетите и во државните институции треба да работат најдобрите за најдоброто за сите нас. Ни треба научен подмладок веднаш, како и
ревизија на условите и зголемување на квалитетот на акредитираните универзитети, кои се множат на секој чекор, а не даваат квалитет“, рече тој.
Карапејовски рече дека наставните програми и планови ќе се усогласат со модерните технологии и достигнувања и појасни дека ќе се изгради систем што ќе поттикнува креативно, аналитичко и логичко размислување кај учениците, но и ќе поттикнува креативност во областа на бизнисот и на финансиската едукација. Учебниците ќе бидат усогласени со новите наставни планови и програми и напишани од најдобрите автори, навреме доставени до учениците.
Тој исто така рече дека издвојувањата од буџетот за науката ќе се зголемат, а ќе има и посебни стимулации за оние што успеваат да објавуваат во најпрестижните списанија и да соработуваат со колегите од најдобрите светски универзитети, како и посебни субвенции за таканаречните национални дисциплини.
Македонија
Пендаровски: Ги знам нивните лажни анкети, ги знам и реалните анкети и реално ви кажувам дека на 8 мај победуваме!
На само неколку дена пред првиот круг на гласање, од Скопје кандидатот за претседател Стево Пендаровски искажа верување дека по повеќе од три децении независност, македонските граѓани многу добро знаат да препознаат чија програма е реална, а која е во расчекор со времето во кое живееме.
„Овој претседател и оваа политичка гарнитура никогаш не давале лажни надежи и ветувања за брза реализација на стратешките цели на државата. И денес пред вас, не велам дека Македонија за само неколку години ќе биде најразвиената држава во Европа, не ветувам дека целиот тој процес ќе трае само неколку месеци, но, говорам и повторувам секаде дека најголемиот ризик е ако на изборите им дадеме шанса на оние за кои претходно веќе видовме како владеат со луѓето цели 11 години“, истакна Пендаровски.
Пендаровски денеска повика на масовна излезност на 24 април и на 8 мај, за како што рече, да не се враќаме во режим.
„Ги знам нивните лажни анкети, ги знам и реалните анкети и реално ви кажувам дека победуваме на 8 мај. Со заокружување на бројот 1 продолжуваме кон Европа и кон развиениот свет и дефинитивно не се враќаме назад во режим и заробена држава“, рече Пендаровски.