Политика
Ефтов: Митингот на 17 мај е последна шанса за Зоран Заев
Најавениот протестен митинг на опозицијата за 17-ти мај е последната шанса за Зоран Заев, вели новинарот Васко Ефтов.
Тој во интервју за Прес24, очекува до 17-ти мај, Заев да повлече серија ризични потези, кои најверојатно ќе бидат на негова штета.
„Реално тој митинг на 17 мај му остана последна шанса на Зоран Заев. Сега има на располагање две недели со бомбите да го радикализира македонското милје, албанската јавност и меѓународната заедница. Но во исто време со таа радикалност да не ги исплаши неопределените кои не се подготвени премногу да ризикуваат. Тие би протестирале и би ризикувале но тоа да биде во умерени дози“, вели Ефтов, потенцирајќи дека од почетокот на обелоденувањето на телефонските разговори, досега има значајно поместување на позициите на СДСМ.
„Според мене имаме значајно ’омекнување’ на барањата на опозицијата и сега целата опозициска стратегија се сведува на најавениот голем митинг на 17 мај во Скопје. Во овие две недели ќе бидат влечени брзи и рискантни потези, бидејќи Заев веќе нема ниту време, ниту голем маневарски простор. Мора да покаже сила на теренот. Тоа е веќе партија шах во која Заев игра со црни фигури и се наоѓа во цајтнот“, вели Ефтов.
Ефтов и денеска, како и пред две години по изборот на Заев за лидер на СДСМ, смета дека партијата е во фаза на распаѓање. Во такви услови, вели Ефтов станува јасно зошто Заев се решил да се поврзе со Верушевски и тие стари удбашки структури.
„Бидејќи тоа беше единствен спас за неговата лидерска кариера. Бомбите имаа тројна улога: Заев да се пазари со Груевски за можни политички отстапки со цел да биде обезбедено негово останување на чело на СДСМ; Да влезе во ризичен процес со помош на бомбите да ја руши владата на Груевски со реална можност од тие бомбашки акции да излезе самиот политички и судски егзекутиран и масакриран; И бомбите да бидат користени во тие внатрепартиски пресметки во СДСМ за да биде обезбедено останување на Заев на чело на партијата“, потенцира Ефтов, чија забранета неодамнешна емисија „Во центар“ на АЛСАТ М се покажа како предвидување на настаните во Гошинце.
„Забранетата емисија беше предвидување на тоа што може да ни се случи. Но многу поопасна беше емисијата за тоа кој е вистинскиот Џорџ Сорос. Таа емисија го запали алармот. Беше чекан само моментот за егзекуција. И гледате како беше стимулирана таа реакција во албанското милјe. Беше создаден амбиент за забранување на емисијата. Амбиентот беше создаван од една соросоидна-фундаменталистичка група. Дел од нивните имиња ќе ги најдете меѓу членовите на Управниот одбор на фондацијата Сорос, а дел во структурите на таа новинарска Фабрика број 2. Затоа немаше реакции ни на ЗНМ, ни на новинарскиот Синдикат, ни на Дуња Мијатовиќ“, вели Ефтов, кој потенцира дека денешното новинарство му личи на Џубокс.
„Кој ќе стави паричка во џубоксот потоа ја нарачува песната која ја сака“, вели Ефтов во интервјуто за Прес24.
Ефтов понатаму во интервјуто ги анализира причините поради кои се случува кризата во Македонија.
„Срцевината на денешните случувања е Турскиот тек или трасата на носење руски гас во Средна Европа. Се нацртаа сите можни траси и на крај пак се вратија на Вардарско-Моравската Долина како природен пат кој ги поврзува Средна Европа со Блискиот Исток и Јужното крило на НАТО. Беа направени политички преврати во Бугарија. Албанија е природен сојузник на САД. Останува само Вардарско-Моравската Долина. И Македонија како зглобот на целата траса. Тоа е суштината, сè друго се нијанси“, вели Васко Ефтов во интервјуто за Прес24. /крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Македонија е одземена од народот од страна на ДУИ и измеќарите од СДС, поради нивните политики луѓе гореа живи, се случуваа трагедии и иселување
„Македонија е одземена од народот, за жал наместо државата да му припадне на суверенот, а тоа е народот на кој што и треба да му припаѓа, државата во нашиот случај е украдена од народот од страна на една мала група на луѓе кои од денеска уште неколку недели ќе бидат во владата на Република Македонија. Таа група на луѓе ја предводат првенците од ДУИ на чело со Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и малкумина измеќари од СДСМ кои сеуште се таму слепи послушници на политиките на ДУИ и Али Ахмети“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Зрновци.
Претседателот Мицкоски потенцираше дека овие луѓе се виновни за неправдата, криминалот, опустошувањето, понижувањето, за целото зло кое и е нанесено на Македонија во изминатите 6 и половина години.
„Ќе ве потсетам, сетете се поради нивната неодговорна политика живи луѓе гореа во модуларната болница во Тетово; поради нивната криминална политика и начин на кој ги издаваат дозволите за да туристичките агенции управуваат со возилата десетици луѓе за жал го загубија својот живот не далеку од главниот град на нашиот источен сосед во трагедијата на „Беса транс“, се сеќавате колкумина од нив ветуваа дека ќе донесат живот какви ти се не знам услови за работа на земјоделците, загарантиран откуп по загарантирана цена, а 6 и половина години нивите ни останаа неорани, младите си заминаа, земјоделците се помалку се занимаваат со земјоделието затоа што не само што нема загарантиран откуп туку и тоа малку што денес се обработува и произведува нема кој да го купи“, дециден е Мицкоски.
Претседателот Мицкоски истакна дека дури и на СДСМ им е јасно дека победник на следните претседателски и парламентарни избори ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија и Гордана Силјановска Давкова,
„Затоа ни е потребно ова обединување, затоа ни е потребна масовна излезеност. Сите заедно најпрво на 24 април да ја направиме Македонија горда, а потоа на 8 мај да ја направиме и горда и твоја со победа на Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Твоја Македонија“, рече Мицкоски.
Македонија
Пендаровски: Тие ја сакаат Македонија само кога се на власт, ние ја сакаме и кога сме и кога не сме, бидејќи таа ни е единствената мајка
Во рамки на изборниот караван, кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска се сретна со граѓаните на село Белчишта, општина Дебрца и со граѓаните на општина Вевчани.
Говорејќи за начинот на владеење на опозицијата кога беше на власт, Пендаровски во село Белчишта истакна дека во нивно време имаше две групи на граѓани, односно нивни и наши, симпатизери на ВМРО и останати. И дека за разлика од сегашната владејачка структура која не направи крупни стратешки грешки со кои би била загрозена државата, ВМРО – ДПМНЕ и крупни и ситни грешки.
„На опозицијата и пречи што Македонија оди напред, кон развиените земји бидејќи ние сме заслужни за тие успеси, а не тие. Тие ја сакаат Македонија, само кога се на власт, а ние ја сакаме и кога сме и кога не сме на власт, бидејќи таа ни е единствената мајка“, рече Пендаровски.
Од Вевчани, кандидатот за претседател Стево Пендаровски порача дека луѓето знаат да проценат дали некој мисли само на себе и на својот џеб или мисли на нашата иднина. Зборувајќи за неговата против кандидатка, која не се појавила на митингот во Вевчани најавен за пред два дена, Пендаровски истакна дека не ни треба претседател кој има некој над себе.
„Не можам да замислам да кажуваш дека си претседател на сите, а да има некој над тебе, некој кој ќе ти кажува како да работиш. Таков е случајот со Силјановска и со Мицкоски. Овој што ја поддржува сака да биде и претседател и премиер. Ајде да го промениме уставот и да му овозможиме да биде и претседател на Собрание истовремено. Барем ќе заштедиме пари, а за ефектите понатаму ќе видиме“, додаде Пендаровски.
Денеска е предвидено Пендаровски да се обрати на митинзи и пред граѓаните на Струга и на Охрид.
Македонија
Димитриевски од Струга: Во Македонија има луѓе што можат да ги обединат граѓаните за суштестените прашања
Претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска беше во Струга.
„Струга е град сличен на градот од кадешто доаѓам. Мултиетничка средина, во која треба да се сакаме и почитуваме и да живееме заедно. Но притоа не смееме да дозволиме политиката да ги дели граѓаните и да создава чувство на граѓани од втор ред. Сведоци сме дека во нашата држава се случуваат големи неправди, а особено спрема припаданиците на македонскиот народ. Се случува еден феномен на партизација на целиот систем од оние што со пушка влегоа во Собрание, па потоа во извршната власт, а сега гледаме како ја запоседнуваат и судската власт и ги користат останатите, наводно големи партии, како привезок во коалиција, кои притоа се ставааат во целосна функција на ДУИ“.
„Токму затоа не сакам да ја оставам државата да расте и да се развива така. Затоа се одваживме да се вратиме таму каде што припаѓаме, на крушевските и АСНОМ-ските корени. Ние сакаме во суштина да ги промениме работите во
Македонија “.
Димитриевски рече дека Движењето ЗНАМ е нов политички субјект којшто сака да ги обединува, а не да ги дели граѓаните. Првенствено Македонците, а потоа и сите етнички заедници заедно. Тој посочи дека треба да се научиме како да живеме и да градиме реален соживот. Бидејќи, како што рече, соживот е да имаш права, но и обврски. Потребно е да има взаемна почит.
Тој нагласи дека целиот систем е креиран така за да биде поделен на два блока, кај македонскиот и два во албанскиот блок. И додека албанскиот блок, односно политичките субјекти, за националните прашања е секогаш единствен, македонскиот пука по сите шавови.
„Мора да се најдат луѓе коишто ќе го обединат народот. И затоа ќе ви кажам, Максим не може тоа да го направи сам. Вие сте ми потребни и не ме оставајте сам.“ потенцира тој.
„Доколку ја добијам поддршката од граѓаните на овие претстојни избори, ќе бидам Претседател на сите граѓани на Македонија. Првото нешто што ќе го направам е ќе понудам на сите политички субјекти коишто ќе ја сочинуваат идната власт, а дополнително и на опозицијата, да потпишат национална платформа за македонските национални интереси, бидејќи нам ни е тоа повеќе од потребно во овој момент“.
Тој додаде дека доколку биде избран за Претседател на државата, согласно неговата предизборна програма ќе работи на формирање на едно независно тело од експерти од Европската унија коишто ќе треба да се посветат на работење и анализа на сите пресуди од Стразбур против Република Бугарија за обесправеноста на македонските организации таму“’.
Димитриевски, исто така, рече дека согласно Програмата ќе формира и експертски тим, од наши и надворешни експерти кој ќе има за задача да поработи и на времената рамка којашто е во сила во моментот и на нејзина адаптација на општо прифатливите и општествените услови во Македонија, согласно желбата на македонските граѓани.
„Недозволиво е како народ и како држава да бидеме негирани. Ние постоиме во континуитет и како народ и како јазик, со сопствена историја, култура и тоа е одраз на заложбите и борбите на нашите претци. Недозволиво е некој во 21 век, којшто е член на Европската унија да не негира во континуитет. Затоа сметам дека следната политичка елита, која и да е на власт, а ќе биде таа на којашто граѓаните ќе и дадат мандат, треба сериозно да се посвети на ова поле, дополнително да ја разработи оваа преговарачка рамка и со Европската унија и ова билатерало прашање да го решиме на релација Скопје- Софија. Македонија мора да продолжи на патот на евроинтеграциите, но не по секоја цена, бидејќи мора да влеземе во Европската унија со крената глава, како Македонци и како засебна нација“, потенцира Димитриевски.
Караванот на ЗНАМ денеска беше и во Вевчани, каде што Димитриевски имаше средби со граѓани, а вечерва ќе биде во Охрид.