Контакт

Политика

Груевски: Договорите мора да се почитуваат, никој не смее да го потценува народот

Објавено пред

Договорот постигнат во јуни и јули меѓу четирите најголеми политички партии во земјата за надминување на политичката криза треба да се почитува целосно, како што е договорено и запишан, без проширувања надвор од неговите рамки и без толкувања и дополнувања во зависност од интересите на партиите, изјави во петокот вечерта премиерот и челник на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во обраќањето на свечената академија по повод празникот Денот на македонската бора која се одржа во Македонската опера и балет и притоа порача дека никој не смее да го потценува народот.

dobivaj vesti na viber

„Договорот е јасен и напишан и треба да се почитува. Тој договор е сам посебе договор и тој не може да служи како појдовна точка за нови преговори, за нови договори од кои почетна точка е тој договор. Секој политичар и секој којшто сака да помогне во реализацијата на политичкиот договор, треба да пристапува со максимална сериозност, одговорно и посветено. Треба да го почитува тој постигнат договор. Зборот не може да биде збор за нов збор. Зборот е збор сам по себе. Тој што потсетува за зборот треба да потсети на друго место, а не пред македонскиот народ, македонскиот народ и сите граѓани на Македонија знаат што е даден збор“, рече премиерот Никола Груевски.

„Иако политичката сила која ја има оваа политичка гарнитура беше добиена на избори кои аргуметирано и правно не беа оспорени од страна ниту на опозицијата, ниту на друг субјект, и покрај поддршката во јавноста на оваа политичка гарнитура која е двојно поголема од онаа на опозициската, и покрај фактот што политичкиот легитимитет и легалитет кој го добивме е на половина од преиодот за кој го добивме, ние се согласивме да ја прекратиме атмосферата на тензија и конфликтност со создавање на можност за обраќање кон народот и можност за произјаснување на народот на избори“, проолжи Груевски

Остакна дека основна и единствена цел на договорот е да се организираат избори на кои народот ќе може да одлучува во фер и демократски услови кои нема да создадат сомнеж за некаква нееднаквост, за дискриминација или фаворизација.

„Изборите се финалната цел на тој договор, заради која постојат другите одредби од договорот, кои се патоказ како да се стигне до финалната цел – изборите. Министрите и замениците со право на вето согласно договорот треба да осигураат балансираност на институциите и одвраќање од потенцијална улога на институциите во фаворизации и дискриминации, и тоа е функцијата на овие лица. Тие треба да ја обезбедат демократијата, а не да бидат алатки во политичкатата функција. Тие треба да го бранат, а не да го напаѓаат правото на глас. Тие треба да не дозволат влијанија на институциите во изборниот процес, а не да прават влијание во изборниот процес. На ист начин треба да дејствува и специјалниот јавен обвинител, чија работа целосно ќе ја почитуваме и ќе ја подржуваме во сите елементи кои се предвидени со договореното. Ние немаме од што да стравуваме. Сакам да верувам дека и нашите политички конкурентни нема од што да стравуваат. Ако стравуваат од нас, нема потреба да стравуваат, бидејќи ние од нив не стравуваме. И не треба да стравуваме едни од други, треба да стравуваме само од народот. Јас барам народот да одлучи на кому му верува“, истакна Груевски додавајќи дека граѓаните добро ги знаат сите политичари.

„Ние немаме од што да стравуваме. Не, ние напротив се радуваме на денот на изборите и го исчекуваме, ние инвестираме политички капитал за тој ден 24-ти април да биде празник на демократијата, ден во кој сум длабоко убеден дека ќе изчезнат сите политички магли. На 24-ти април сé ќе се разјасни. Дотогаш, како што ми изгледа, ќе има уште магла, уште сеење магла, ќе има уште многу валкани обиди за уривање на државата и волјата на народот. Но ние ќе стоиме рамо до рамо со народот и нема да го изневериме. Ги знам сите теории, ги слушам сите критики, и сите шпекулации. Ние нема да го изневериме народот, за тоа ви давам збор. Знаеме што правиме и во кој правец одиме. Битката ќе ја добиеме. Ова е битка повеќе од тоа што изгледа. Не го заборавајте тоа. Сите вие, сите ние имаме одговорност пред државата пред нејзината историја, пред нејзината иднина, пред четирите свети букви ВМРО, пред идеалите на организацијата и жртвата на нејзините активисти“, рече Груевски.

Порача дека земјата им припаѓа на сите граѓани и оти за нејзината иднина не може да одлучува никој друг освен самите тие, а во делот од обраќањето посветен на празникот истакна дека „пред овој датум простум треба да застане секој Македонец“

„Македонија во минатото даде великани, имиња кои ги изговараме со смирена благонаклоност и со стравопочит. Македонија и сега создава големи по душа и неповторливи маченици и херои, подготвени за самопожртвување, пред споменот или ликот на кои им симнуваме капа. Јас лично, со своите слабости и способности, не сум направил ништо повеќе од совесно исполнување на долгот кон татковината – Македонија. Функцијата, инаку, ми помогна да работам во моментот со сила создадена од сите творци на македонската епопеја и да го претставувам идеализмот, моралната сила и цврстината на борбена Македонија“, беше цитатот од историскиот водач на ВМРО (Внатрешната македонска револуционерна организација) Тодор Александров, со кој премиерот Никола Груевски го отвори орбаќањето по повод Денот на македонската борба.

„Денеска е 23-ти октомври. Денеска ја прославуваме 122-годишнината од формирањето на организацијата која го смени текот на македонската историја и го пробуди слободарскиот дух на нашиот народ македонската револуционерна организација. Денешниот празник е празник кој со сета своја симболика и значење, со сета своја тежина и траење, претставува датум пред кој простум треба да застане секој оној кој си ја сака Македонија како своја држава, како држава издигната на плеќите на неговите предци, како држава која останува за навек на идните потомци. Затоа што без ВМРО немаше да постои македонското прашање, без постоењето на македонското прашање немаше да постои Македонија. Сите ние, сме мали фигури во сенка на големиот 23-ти октомври – денот на Македонската револуционерна борба, денот кој ги трасираше патиштата кои водат до современа, независна и самостојна Република Македонија. Во тоа име и по тој повод, денес имам исклучиво задоволство и чест да говорам за големиот празник, за идеалите и предизвиците, за времето и тежината, за минатото и иднината“, рече Груевски.

Нагласи дека личното и колективно празнување на овој празник и придобивките со кои сме задолжени од минатото, исклучиво е можно доколку секој еден поединец, секој еден граѓанин на оваа земја, индивидуално и интимно, сам за себе проба да навлезе во времето во кој е формирана и дејствувала ВМРО.

„Тоа е она време кое од старите фотографии ни е познато по мачниот земјоделски живот, борбата за опстанок и преживување, испуканите дланки на нашите предци, мачното секојдневие и живот во кој употребата на сопствениот јазик, религија и обичаи било секогаш проследено со притисок и тортура.Се земало материјалното, се земала честа и достоинството, како на поединецот, така и на семејството. Обичниот човек трпел и собирал во себе, се молел и се надевал дека времињата ќе се променат. Имало индивидуални и групни побуни, но секогаш биле стишувани и крваво задушувани. Така минувале годините, минувале вековите, се менувале генерациите, а притисокот врз населението останувал ист“, додаде Груевски.

„Како премиер на Македонија, кој ја добил довербата да раководи со процесите во еден одреден период, нема да дозволам расцепување на македонското национално ткиво и нема да дозволам определена појава да ги загрози вредностите и правците на опстанок на нашата нација. И во ситуација ако не бидам подржан во тој мој поход од другите засегнати, политичкиот капитал кој би го потрошил на краток рок преку некоја отстапка, компромис, широчина на домашен план за да успеам во остварувањето на својата цел за обединетост и заедништво за врвните точки од национален и државен интерес, е минорен во споредба со историската димензија на преземениот чекор“, истакна Груевски.

Порача дека од предизвиците се плашат само слабите, а смелите и храбрите со гордост и чест им пристапуваат и ги решаваат.

„Денес имаме држава, денес Република Македонија е суверена, независна и самостојна држава на Балканот. Сепак, треба да бидеме внимателни, затоа што минатото отсекогаш не потсетува на безвременските човечки вистини, а историјата е еден чуден систем за рано предупредување“, рече Груевски.

Според него, граѓаните треба да се свесни дека денес имаат држава и дека ја имаат историската одговорност да покажат капацитет дека се кадарни таа држава, платена со крв и солзи, со човечки животи, со изгубени младости, со многу жртви и самооткажувања, да ја одржиме и да ја направиме силна и почитувана.

„Нема проблем кој не може да се реши, работа која не може да се заврши. Нема ненадминливи разлики. Ние треба да сме свесни во секој момент од нашиот живот, дека сме пред се Македонци, граѓани на оваа земја и дека оваа наша земја ја сакаме повеќе од кој било друг“, потенцираше премиерот.

Порача дека граѓаните кои живеат тука, можат секогаш да најдат повеќе и поголем број заеднички точки и платформи отколку некој кој не е од тука.

„Да, ние имаме пријатели, кои сакаат да ни помогнат во постигнувањето на заедничките цели, но ќе покажеме слабост пред нас самите и пред другите ако ја трошиме нашата енергија да се оцрниме меѓу себе, да си напакостиме, да се закрвиме, и да се ослабиме. Не, ние мора да покажеме и капацитет и карактер кој ќе не направи и повеќе почитувани надвор и повеќе среќни дома. Не изгледа добро кога однадвор бараме помош и сојузници едни против други“, рече.

Груевски продолжи дека сегашните генерации ќе бидат вреднувани од идните поколенија како една цела генерација, при што сегашните недоразбирања ќе им изгледаат мали, или воопшто нема да ги разбираат. „Но доколку покажеме капацитет и заедништво и ако оствариме напредок за Македонија, на економски, политички, општетствен и културен план, тоа наше дело нема да може да не биде забележано. И таквото дело, нема да го препишат на поединец или група, туку на целата една генерација Македонци, и тоа ќе биде дел од нашите заеднички заслуги“, смета Груевски.

Заедништвото и слогата, почитувањето на различностите и обединување на сите расположливи капацитети во функција на идејата и денес, рече премиерот Груевски, претставуваат вредност на нашето општество, но и пример дека само сплотени можеме да ги оствариме зацртаните цели за подобра и попросперитетна Македонија.

„Тоа е интерес на сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, на сите христијани и муслимани… Сите ние сме Македонија! И токму затоа од првиот ден на мојата работа практикувам политика на отворени врати за секој оној што сака да се приклучи во нашата работа, во нашиот концепт за подобрување на сите сфери во општеството, во проектите кои се однесуваат за сите граѓани. И тоа е победничкиот концепт. Обединувањето на сите расположливи капацитети значи обединување на нашата сила во функција на нашата држава“, истакна Груевски и порача дека „само така победува Македонија“.

„Онака како што нашите предци рамо до рамо се бореле и заеднички ја граделе нашата држава, така ние продолжуваме, со слога и заедништво да се справуваме со предизвиците, со толеранција, разбирање и посветеност да ја градиме нашата држава. И во тој контекст мораме заеднички да одговориме на секој предизвик, заеднички да се справиме со секоја кризна состојба и заеднички да исчекориме кон зацртаниот пат за подобра, поуспешна и економски посилна Македонија, членка на ЕУ и НАТО“, порача премиерот Груевски.

Натаму во обраќањето, во делот на економските постигнување, премиерот посочи дека според бројките и фактите се мерат и се вреднуваат делата.

„Само економски независен човек е вистински слободен човек. Затоа лозунгот со кој јас се будам и заспивам секој ден е економија, економија и економија. Знам дека слободата мора да биде поткрепена со економски развој, и дека приоритет на секој одговорен политичар е да граби кон остварување на економските проекти кои ќе имаат реален придонес во животот на секој човек и секое семејство во Македонија. Тоа не е нималку лесно и не е едноставно, ама тоа мора да се прави и најголем дел од времето да се посветува, не само од мене и од Владата, туку од секој политичар на економијата и на одговор на прашањето како можеме ние со нашите дела да го подобриме живото на секој човек. Големо е задоволството кога фактите и бројките потврдуваат дека од залагањата и делата има резултати,иако има уште многу да се направи“, рече премиерот Груевски

„Така, на пример, за мене е многу значајно што кога дојдов во Владата во 2006 година, во Македонија имаше вработено 560.000 луѓе, а денес се врботени 700.000 луѓе. Тоа се оние новоотворени 140.000 нови работни места за кои некогаш говориме. Годинава го достигнавме историски најниското ниво на неврботеност од 26,8 отсто, најниско од осамостојувањето до денес. А да потсетам, наследивме историски највисоко ниво на невработеност од околу 38 осто во 2006-та’, посочи Груевски додавајќи дека изминатите две години Македонија споредено со другите земји во Европа има втор највисок раст на економијата.

„На почетокот на годината прогнозите на Ссветската банка и Европската комисија беа дека ќе бидеме први по економскиот раст во Европа. Политичата криза во земјата и кумановските настани ја искомпликуваа работата на економијата, но и покрај овој тежок период, можеби не први, но сигурно ќе бидеме во првите пет земји според растот на економијата. И покрај проблемите, странските инвестиции во однос наминатата година растат, опаѓа дефицитот на тековната сметка, а имаме доволно стабилно ниво на девизни резерви за покривање на 4,7 месеци увоз. Растат и депозитете на граѓаните во банките, но и довербата кон денарот. Создадовме една од најдобрите клими во светот за водење бизнис, и тоа ни го признаваат сите меѓународни финансики и економски организации, а истото се рефлектира и на терен со отворање многу нови фабрики, а со тоа и работни места, кои порано ги немаше. Затоа велам, кога ќе нé цените, цените нé според бројките и фактите. Така се мерат и се вреднуваат делата. Ова го правиме за сите граѓани, независно на нивната политичка, етничка или верска ориентација, а најмногу го правиме за младите“, рече Груевски.

Притоа премиерот најави нови инвестиции кои ќе отворат нови вработувања и жестока борба за социјална правда. „Ќе продолжиме со мерките за вработување на луѓето како најдобар гарант за излегување од социјалната неправда која ние беше оставена како структурен проблем“, рече уште Груевски во своето обраќање.

„Во оваа насока дозволете да најавам дека заменик директорот агенцијата за странски инвестиции Климент Шеќеровски ме информираше дека компанијата Мусала софт од Бугарија, која е лидер во нивната дејност, донесе одлука за инвестирање во Македонија, и веќе регистрираше компанија во Скопје, изнајми простории и започна со вработувње на висококвалификуван кадар, а нивниот план е да достигнат 300 вработувања за период од две до три години. Министерот Џери Наумов деновиве ми најави нови 120 работни места од две компании на кои тој работеше“, рече Груевски.

Станува збор за една компанија од Италија која, како што најави премиерот ќе вработ 40 луѓе, од земјоделската индустрија, која одлучила да инвестира во Битола и неодамна купила земјиште во индустриската зона „Жабени“, каде што наскоро ќе почне градба на капацитет. Компанијата користи посебна технологија за производство на преработен зеленчук за извоз, главно во Италија и Германија. Во вториот случај се работи за израелска компанија која во Скопје отвора свое претставништво и ќе вработи 80 луѓе во следните 12 до 18 месеци, со план на значително зголемување на бројот на вработените во период од пет години.

„Тие ќе работат како подршка на нивните операции за продажба за нивните европски клиенти.50 од нивните вработени ќе бидат лица кои го познаваат францускиот јазик, а другите треба да познават италијански, словенечкии и други балкански јазици. Компанијата функционира во областа на финасиската дејност и активна е во 40 земји. Во портфолиото на Виктор Мизо, како што претходно најавив, стои дека до крајот на годината две компании ќе ги објават своите донесени одлуки за инвестирање едната во Струмица за 1.500 лица, втората во Скопје за 500 лица, а ќе следат и две отворања на фабрики на компаниите кои завршуваат со градбата и ќе следи почеток на производство. Тоа е новата, втората фабрика на ‘Технохозе’ од Италија со нови 150 вработувања, а во декември и компанијата’ Кап Кон’ со 400 нови работни места, двете во Скопје. Ќе биде потпишан и најмалку еден нов договор за една нова инвестиција во Македонија, а тоа е договорот со германската ‘Костал’ за 1000 вработувања во зоната Охрид – Струга“, рече Груевски.

Истакна и дека американската компанија ‘Гентерм’ ќе ја заврши својата нова фабрика во Прилеп во која ќе отвори две илјади нови работни места и која веќе ги селектирала првите 350 лица.

Груевски се осврна и на образованието, порачувајќи дека неговата влада ќе ги прифати сите предлози со коишто сегашниот систем може да се подобри и да се унапреди.

„Ги следам со големо внимание сите реакции поврзани со образованието, ги гледам и чувствувам голема тежина. Многупати сум кажал дека ние немаме алтернативи. Немаме извори на нафта или гас, немаме излез на море, немаме којзнае какви рудни богатства, а со децении ја имаме сиромаштијата. Оттаму образованието и вложувањето во подобро обрзование ни е единствениот ресурс за конкурентност со светот и напредок на земјата. Тоа е суровата реалност која мора да ја прифатиме, наспроти лажните митови“, смета Груевски.

Дополни дека во спроведувањето на амбициозните но промислени реформи во образованието, владата се соочува со отпор. „Тоа е природно, отпорот е природна работа, и јас тоа го разбирам. Тоа е повеќе отпор кон новото и непознатото, а не е отпор затоа што сме некадарни или не можеме. Не. Ние можеме. Нашите деца не се ништо помалку од француските, англиските, финските, хрватските, чешките, романските. Ако во Европа може да има екстерно тестирање и матура, може да има и во Македонија. Ние се залагаме за екстерното тестирање и матурата, и тоа не е поради хир или суета, туку поради фактот што знаеме дека тоа ќе даде резултати. Ќе даде, и тоа какви резултати, а веќе и дава, иако имаме уште многу да работиме на негово усовршување. Ние сме подготвени, доколку е потребно и свесно да загубиме дел од политичката поддршка, и ние тоа отворено го кажуваме и тоа треба да се почитува. Ние гледаме и делуваме долгорочно, а не од денеска за утре“, порача Груевски.

Премиерот нагласи дека со индигнација ги одбива сите обвнинувања дека овој концепт владата го форисра поради наводно казнување.

„Нема логика. Ниту било така, ниту ќе биде. И децата на министрите, директорите, пратениците, го полагаат истото екестерно и истатата матура. Тука нема привилегии. И ние по домовите имаме стресни моменти, како што има во секој дом кога ќе дојде периодот на тестовите, и ние работиме со децата, помагаме, се нервираме, се радуваме. Ги разбираме сите, затоа што и ние поминуваме низ истото, немојте да мислите дека сме посебни или дека не чувствуваме. Ама мора да има мака за да има наука. А кога ќе има наука ќе има и успех“, рече Груевски и порача дека „злоупотребата на децата во политички цели е само неуспех“.

Повтори дека како Влада се убедени во исправноста на концептот и побара подршка од целото општетсво, како партнери, како сонародници, како луѓе, соседи, пријатели.

„Зошто некој да мисли дека би правеле нешто ако знаеме дека е лошо? Ние правиме нешто зошто знаеме дека е добро. Ако сме сакале некого да казниме, тогаш зошто партиципацијата на факултетите од 1.000 ја намаливме на 200 евра, зошто даваме скапи стипендии за секој кој ќе успее да се запише на врвен светски универзитет, зошто изградивме над 80 и комплетно реконсруиравме над 350 училишта, зошто трасформиравме над 9.000 привремени во трајни работни односи за наставниците, зошто изградивме над 70 спортски сали, зошто купивме комјутер пред секое дете? Зошто учебниците и превозот за учениците станаа бесплатни? За да биде подобро, и за да биде за сите подобро. Подобро сега некој нека се исплука врз нас и нека му помине, отколку по десет години кога ќе биде на интервју за работа или кога ќе треба да започне бизнис да не прекорува во себе полн со фрустрации, депресии заради неуспехот и поразите низ животот. Паролите дека Нема мир додека нема правда се добри за изговарање кога имаат суштина, но кај нас не само што ја немаат, туку имаат една фалинка. Нема правда додека нема знаење. А знаењето е мир“, рече Груевски.

Уште една ш порача дека доколку нешто може да се подобри и да се унапреди, владата тоа ќе го прифати, затоа што законите не се прават за да им одмогаат на луѓето туку да им помагаат.

-Ако е нешто добро, и ако со прифаќањето на некој предлог не се уништи суштината на концептот, ние тоа ќе го прифатиме.Ние ќе го усовршуваме системот со сите добри идеи. Но, крајниот резултат на тој систем треба да е повеќе знаење, поголема креативност и поголема конкурентност на секој млад човек, не само домачна, туку и меѓународна. Во следниот период високи државни функционери ќе ги посетат училиштата, ќе разговараат со учителите, со учениците, со родителите, ќе ги слушаат вашите предлози и забелешки, ќе бараме решенија, ќе унапредуваме и подобруваме. Ќе зборуваме по училиштата за секој проблем кој што е во образованието. Ние го сакаме образованието. Ние си ги сакаме нашите деца. Сакаме решенија кои ќе бидат квалитетни и ќе помогнат и тоа ќе го правиме заедно со родителите и со учениците, низ еден квалитетен процес. Имаме чесна намера, и вистински правец“, заклучи Груевски./крај/мф/сн

Извор: Макфакс

Македонија

Чеботарева-Николова: СДСМ овозможи зголемување на платите за 55% на наставниците

Објавено пред

За разлика од празните и нереелни ветувања на ДПМНЕ за само одредена категорија наставен кадар, Владата предводена од СДСМ потпиша колективен договор со УКИМ, а во следниот период и со останатите Универзитети за зголемување на платите. Минатата недела се донесоа и измени на законот за високото образование со кои се уредува платата на вработените во јавните високообразовни установи. СДСМ за шест години овозможи зголемување на платите за 55 % на наставниците и за првпат по речиси 20 години конечно наставниците добија регрес за годишен одмор, кој од следната година ќе биде 30% од просечната плата, рече на денешната прес конференција Ксенија Чеботарева -Николова, членка на Комисија за образование и наука на СДСМ.

dobivaj vesti na viber

Според неа, фактичката состојба покажува дека политиките на СДСМ успешно се спроведуваат и низ училиштата има повеќе од 250 наставници кои се стекнале со звање наставник-ментор.

– СДСМ го укина екстерното тестирање и ја намали административната работа на наставниците оставајќи простор за нивна автономија во организација и реализација на наставниот час и времето поминато во училиште. Овозможивме и развивање на професионалните компетенции на разни теми кои се од големо значење за унапредување на квалитетот на образовниот процес, рече Чеботарева -Николова.

Веќе од оваа 2024 година СДСМ реализира отворање на 5 Регионални центри за средно стручно образование и тоа во Струмица, Велес, Охрид, Куманово и Тетово. Во перидоот до 2025 година истите ќе бидат комплетно опремени за целосно и непречено функционирање, рече Чеботарева -Николова и додаде дека СДСМ веќе има обезбедено студентски стипендии и истите неколкупати беа зголемени во изминатиот период. Особено повисоки стипендии се доделуваат на студентите кои се запишале на дефицитарните наставнички факултети, рече таа.

– Само во академската 2023/2024, се доделени 30 стипендии за студенти запишани на студиски програми за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, 500 стипендии за студенти на студиски програми на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки, 130 стипендии за студенти запишани на студиски програми по хемија, физика и математика. За истата академска година се распиша конкурс за доделување на 1740 стипендии за редовни студенти од социјални категории запишани на додипломски студии на јавните универзитети и високообразовни установи, рече Чеботарева -Николова.

 

Прикажи повеќе...

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Негување на стратешкото партнерство со САД, полноправно членство во ЕУ, евалуација на досегашната работа на амбасадорите и конзулите

Објавено пред

Основен приоритет на нашата надворешна политика ќе биде полноправно членство на Република Македонија во Европската Унија. Една работа која што ќе ја прави идната влада е Македонија да биде држава која што ќе биде силно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика. А исто така клучен приоритет ќе ни биде негување на стратешкото партнерство со САД, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски на денешната програмска дебата насловена Дипломатски хоризонти – Реформи во политичкиот систем, стратегии за надворешната политика и дипломатија посветена на ЕУ на која се презентира програмата на ВМРО-ДПМНЕ Платформа 1198.

dobivaj vesti na viber

Муцунски потенцираше дека приоритети кои што треба да ги испорача нашата дипломатска мрежа е веднаш да се направи евалуација на работата на нашите дипломатски и конзуларни претставништва, односно како што рече тој да се виде кој какви резултати постигнал и доколку не се постигнале резултати ќе треба да бидат отповикани, а на нивно место ќе бидат поставени и професионални, стручни и компетентни кадри.

Во делот на приоритети кои што треба да ги испорача нашата дипломатска мрежа, односно една работа која мора веднаш да ја направи е евалуација на работата на нашите дипломатски и конзуларни претставништва. Знаеме за попустливоста на МНР, знаеме за стратешките грешки. Но, огромен дел од проблемот е што Македонија во моментот има катастрофална дипломатска мрежа. И затоа прво ќе треба да се направи евалуација што нашите амбасадори и конзули за кои што издвојување значителни буџетски средства прават во својата работа, кој резултати ги постигнале, дали тие успеале да донесат некој инвеститор кои што отворил работни места во Македонија. Врз основа на таа евалуација потоа ќе цениме дали некој постигнал резултати, а тие кои не постигнале резултати ќе треба да бидат отповикани, и професионални, стручни и компетентни кадри да седнат на нивно места. И во таа смисла како приоритет ќе биде економската дипломатија, научната дипломатија, образовната и културната дипломатија. Оние аспекти на надворешното политичко работење кое носат добро за граѓаните на Република Македонија, дециден е Муцунски.

Во делот на европските интеграции Муцунски рече дека дилемата на граѓаните е што ќе се прави со спорот со Бугарија, но посочи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, а тоа е дека нема уставни измени под вакви услови.

Нашиот став што го имаме до сега бил кристално јасен. Под вакви услови ние не прифаќаме уставни измени, рече тој и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ легитимна алтернатива е да се бара одложната примена на уставните измени, како и гаранција од ЕУ за македонскиот јазик и идентитет, но и гаранција дека нема да има повеќе билатерализација на европската интеграција на Македонија, истакна тој.

Без никаков сомнеж одложната примена на уставните измени е една легитимна алтернатива која што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено од наша страна ќе има гаранции од ЕУ за македонскиот јазик, идентитет, но и гаранција дека веќе нема да имаме билатерализација на европската интеграција на нашата држава, рече Муцунски и заклучи дека доаѓа крај на попустлива надворешна политика.

Она што треба да го знаат нашите сограѓани доаѓа крај на попустлива надворешна политика, која имаше само една цел во последните години, а тоа е да ги штити тесните интереси кои што беа на власт.

Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека оваа Влада пропушти да го искористи веќе воспоставениот механизам Агенција за привлекување на странски инвестиции.

Што ќе направиме ние? Прво, ќе се направи координација меѓу Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и МНР. Тимот во амбасадата ќе се зајакне со економски промотор. Второ, за да имате мотивиран тим мора и амбасадорот да е тој кој ќе ја има најсилната мотивација да ја претставува државата и не може да има амбасадори кои направиле штета на националните интереси. Ќе спомнам еден пример, тоа е со амбасадорот во Рим во ек на најголема криза со патните исправи која настана поради неспособната Влада, тој неовластен од никого упати дипломатски нота до италијанското МНР со која македонските пасоши ги прогласи за невалидни. Такви лица треба веднаш да се отповикаат и не само овој има уште неколку што треба да се отповикаат, рече Милошоски.

Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање потенцираше дека политиката која ќе ја води ВМРО-ДПМНЕ ќе биде на силни македонски позиции и дека интерес на сите е Македонија да има отворени врати каде се носат клучните одлуки на светската политика.

Македонија мора и треба да води македонска политика. Политиката која што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води ќе биде на силни македонски позиции. Интерес на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија и на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија е Македонија да има отворени врати на најважните места каде што се носат клучните одлуки на светската политика. Било кој што сака да ја спротивстави Македонија, да го спротивстави ВМРО-ДПМНЕ, да го спротивстави македонскиот народ и да ги спротивстави граѓаните на Македонија со клучните места каде што се водат најважните светските политики нема да и донесе добри резултати на Македонија. И поради тоа ние не треба да се спротивставуваме на главните фактори во светот затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе води политика која што ќе биде на линија и на ЕУ и на НАТО и на стратешкото партнерство со САД. Во наш интерес е да не им дозволиме ниту на СДСМ, ниту на ДУИ да имаат монопол во делот на надворешно политичката комуникација на Република Македонија, порача Ѓорчев.

Поради несериозноста на власта, ние во НАТО немавме три години висок воен претставник. Во мисиите во кои што учествуваат наши војници, наши старешини се испраќаат луѓе без соодветни критериуми, без соодветни вештини, без соодветни компетенции. Значи се праќаат луѓе по партиска или по друга линија. Имаме ситуации каде што се испраќаат луѓе без соодветни безбедносни проверки односно се враќани токму од нашите НАТО партнери, истакна Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачки додаде дека Македонија има стара стратегија за одбрана која што датира од пред зачленувањето во НАТО.

Тука е и реформата која што ни претстои е во безбедносниот разузнавачки систем. Зошто ова го говорам? Затоа што во изминатиов период имавме ситуации и скандали каде што едната служба, Агенцијата за разузнавање знаела за рускиот шпион Онишченко, меѓутоа не ја известила Агенцијата за национална безбедност која што дала позитивно за добивање на државјанство на овој руски шпион. Така да службите помеѓу себе не разговараат, а тоа го потврди и самиот претседател Пендаровски. И од тие причини и многу други скандали во изминатиов период кои сме ги изнесувале во јавноста, е потребна една поголема централизираност и рационализација на процесите. Или со други зборови кажано потребно е обединување на двете структури на Агенцијата за разузнавање и на Агенцијата на национална безбедност, порача Ковачки.

Викторија Трајков посочи дека македонската дијаспора е нераскинлив дел од македонското национално ткиво и секогаш кога претставници од ВМРО-ДПМНЕ се присутни меѓу македонската дијаспора навистина се добро пречекани бидејќи точно знаат кој е за Македонија а кој е против Македонија.

Неуспешните политики на оваа Влада за жал во последните неколку години го зголемија бројот на луѓе кои си заминуваат од државата и го зголемуваат бројот на македонската дијаспора што е навистина погубно за една држава со оглед на тоа дека треба да се зголемува бројот на луѓе кои живеат во Македонија, а не да се намалува. За таа цел ние во нашата програма имаме навистина импозантни проекти кои ги планираме за афирмација на македонската дијаспора, рече Трајков.

Таа продолжи и додаде дека прво и осново што треба да се направи е да се изготви мапирање во дијаспората.

Прво и основно што ќе го направиме е мапирањето точно да се преброиме каде сме и колку сме, во поглед на тоа имаме две клучни работи кои сакам да ги споменам прво е формирање на совет за економска дипломатија со цел искористување на севкупниот потенцијал Македонци кои работат во светот и се на клучни позиции и тој нивен потенцијал треба да го искористиме за доброто на државата на нивната матична држава Македонија и со афирмирање на еден таков совет ќе придонесеме да се подобри позицијата на Македонија во поглед на економската сфера. Исто така со мапирање и правење совет за научна дипломатија ќе придонесеме клучни професори, асистенти, доценти кои се на големи универзитети во светот да ни се приклучат во борбата да го направиме ова место подобро место за живеење, кажа Трајков.

Иванка Василевска пратеник од ВМРО- ДПМНЕ истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ветува темелни и суштински реформи и многу работа како и две клучни реформи за кои треба да се отпочне дебата по формирањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ а тоа е собрание од 90 пратеници и една изборна единица.

„Да понудиме една заедничка национална платформа во рамките во која ќе ги вградиме сите македонски граѓани сите оние кои што веруваат во македонската држава и во правото на шанса да бидеме онаму каде што заслужуваме. Затоа ценам дека е особено важно да се посвети внимание на политичкиот систем во Македонија. Неопходна е темелна демократска трансформација на македонскиот политички систем. Неопходно е во таа трансформација вклучување на сите политички чинители, воведување на национален консензус но пред си и над се македонските граѓани како фундамент. Сето тоа укажува на две клучни реформи од каде ќе започнеме. Правата е собрание од 90 пратеници, сметам дека бројот на пратеници треба да биде пропорционален според бројот на гласачите. Таа дебата треба да почне по формирање на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Треба да се отпочне и дебата за една изборна единица. Ветуваме темелни и суштински реформи, и многу работа“ нагласи Василевска.

Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски истакна дека за да се постигне еднаквост на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред институциите потребна е длабока реформа во правосудниот систем и реформа во државната администрација.

Правосудниот систем ќе ја претрпи својата реформа, не со политички екскурзии коишто се случуваа во последниве 7 години во коишто на 6 месеци се менуваше стратегијата за реформи, туку ќе бидат направени по највисоките препораки на Венецијанската комисија и на препораките на Европската комисија којашто прати свои претставници тука. Но за да направиме реформа потребно е да ја ревидираме постојната состојба и затоа во програмата тргнуваме од идејата дека ние мора да го распуштиме Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители на Република Македонија, свесни за седниците на овие совети каде што меѓусебно се разрешува луѓе номинирани од политички партии со незначајни критериуми и со никакво искуство, потенцираше Андоновски и додаде:

Не може истакнат правник да значи правник член на Комисијата за правни работи на СДСМ. Истакнат правник мора да биде врвот во науката, врвот во праксата во државата и тој треба да исполни сериозни критериуми и да помине сериозна постапка во Собранието и затоа ќе предвидиме една многу детална постапка за избор на овие кадри во Собранието на Република Македонија по врвни критериуми.

Прикажи повеќе...

Македонија

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа 1198“ фокусот е во реализација на капитални инвестиции во износ од 3 милијарди евра, ниски и рамни даноци и намалување на стапката на невработеност на 7.5%

Објавено пред

Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната програмска дебата насловена „Патоказ кон иднината – Зајакнување на економијата, инфраструктурата и енергетиката“ на која се презентира програмата на ВМРО-ДПМНЕ наречена Платформа 1198 посочи дека фокусот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде насочен капитални инвестиции, кон политиката на ниски и рамни даноци, силна борба против сивата економија и намалување на стапката на невработеност на 7.5%.

dobivaj vesti na viber

Морам да кажам дека за економскиот тим беше голем предизвик да се направат проекциите за буџетот 2024-2028 година имајќи предвид дека владата на СДСМ и ДУИ ќе остави пустош во буџетот и речиси банкротиран буџет. Но сепак знаејќи дека ВМРО-ДПМНЕ навистина има квалитетни економисти се потрудивме да извлече она што е најдобро. Најголемиот фокус ќе ни биде кон капиталните инвестиции, кон поддршка на инвестиции за приватниот сектор особено за производните компании и компаниите кои што извезуваат и понатаму остануваме на ставот за привлекување на странски директни инвестиции и нашата цел е до 2028 година да имате стапка на раст на бруто домашниот производ од 5%. Нашиот фокус се сведува кон инвестициите, а не кон потрошувачката како што беше до сега. Прво што планиравме како ВМРО-ДПМНЕ е реализација на капитални инвестиции во износ од 3 милијарди евра, значи станува збор за инфраструктурни проекти, за проекти во образование, во здравство, проекти кои ќе имаат вистинска додаден вредност. Исто така остануваме и на политика за ниски и рамни даноци, затоа што сметаме дека тие создаваат фер услови за приватниот сектор. Исто така најавуваме и силна борба со сивата економија. Она што е клучно е што ВМРО-ДПМНЕ во следниот период проектира и планира до 2028 година да креира нови 55 илјади работни места односно стапката на невработеност да се спушти на 7.5%, посочи Димитриеска Кочоска.

Елена Петрова дополнителниот заменик министер за финансии кажа дека во следниот период клучна улога ќе има УЈП за која што ВМРО-ДПМНЕ има сет на мерки за УЈП реформа која ќе се протега во 4 столба, даночни обврзници, даночни приходи, даночна администрација и дигитализација.

„Програмата која содржи над 1000 мерки и проекти за подобрување на македонската економија и македонското општество. Она што е основно потребно за да можеме да ги реализираме мерките и проектите е да имаме стабилни јавни финансии а за обезбедување на тој финансиски потенцијал и капацитет во следниот период клучна улога ќе има УЈП. Затоа во нашата програма имаме еден цел дел за УЈП именуван како ефикасна праведна и дигитализирана даночна администрација. Имаме испумпување на пари од буџетот заради злоупотреби на поврат на ДДВ, за што УЈП не покажа капацитет да ги детектира и да ги спречи однапред ваквите појави. Од друга страна компаниите кои работат чесно не навремено го добиваат својот поврат и тоа има одраз врз нивната ликвидност. Затоа ние смисливме сет на мерки за УЈП именувани како 4 Д реформа на УЈП, реформа која ќе се протега во 4 столбови, даночни обврзници, даночни приходи, даночна администрација и дигитализација“ кажа Петрова.

Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Маја Кадиевска Војновиќ во своето обраќање рече дека ВМРО-ДПМНЕ го слушна бизнис секторот и барањата ги преточи во новата програма на Платформа 1198, бидејќи како што рече приватниот сектор е стожарот на македонската економија бидејќи го полни државниот буџет и вработува најголем дел од населението.

Важна е нашата визија, бидејќи гледаме дека нашата конкуренција е безидејна и ја донесе Македонија во пропаст. Можам да кажам дека за прв пат во оваа програма на ВМРО-ДПМНЕ и воопшто на било која политичка партија, го слушнавме бизнис секторот. И може ќе прашате зошто бизнис секторот, а не граѓаните. Но, бизнис секторот односно приватниот сектор создаваат над 90 проценти од додадената вредност во економијата и вработуваат најголем дел од населението или над 70 проценти се вработени во приватниот сектор. Приватниот сектор е стожарот на македонската економија кој што го полни Буџетот. И затоа ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период дава сериозна поддршка за развој, за зголемување на конкурентноста за подобрување на усовршувањето, дигитализацијата на претпријатијата и за иновации, децидна е Кадиевска Војновиќ.

Кадиевска Војновиќ истакна дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе креира 10 годишна нова стратегија за привлекување на гринфилд и браунфилд инвестиции и ќе направи реформа во системот на поддршка на странските инвестиции и на извозот.

Во делот на компаниите за прв пат како политичка партија ги таргетираме сите компании, од почетниот стадиум на развој, како што се стар- апите, па се до позрелите компании како што се извозно ориентирани капацитети. Потоа микро малите и средни претпријатија кои што се најбројни и кои што исто така вработуваат најголем дел од вработеноста, додаде таа и порача:

Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе креира 10 годишна нова стратегија за привлекување на гринфилд и браунфилд инвестиции и ќе направи реформа во системот на поддршка на странските инвестиции и на извозот, значи и за домашните компании. Реформа која што ќе опфати спојување на повеќе рашткани агенции во моментот на едно место. Значи не ни треба голема бирократија за една работа. Ни требаат квалитетни луѓе и квалитетни програми.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија4 часа

ВМРО-ДПМНЕ ги утврди пратеничките листи за изборите: „Се работи за луѓе со кредибилитет, искусни и енергични“

Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржаа седница на која беа усвоени пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за претстојните...

Македонија4 часа

Села оди во коалиција со Ахмети

На седница на Централното собрание на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села, беше одлучено да коалицираат со...

Македонија6 часа

Македонија треба да и’ врати 2,2 милиони евра на Европската Комисија кои биле злоупотребени преку „Еразмус“

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара Македонија да врати 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата „Еразмус+“. Директорот на...

Македонија7 часа

Вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, ќе добијат можност да се вратат во фабриката, новите газди со производството почнуваат во јуни

Речиси 600 вработени во кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“ ќе добијат можност повторно да се вратат на работа во следните 90...

Македонија8 часа

Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на...

Економија10 часа

Трендафилов најави неколку протести: Во вторник ќе ги охрабриме судиите да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска, на прес-конференција, за 2 април најави протест, кој ќе почне пред седиштето на ССМ...

Топ11 часа

Го оградил државното земјиште зад Поликлиниката „Бит-пазар“ и наплаќал за приватен паркинг: кривична за скопјанец

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А. Р. (62) од Скопје и против...

Македонија11 часа

(Видео) „ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“, вели Талевски

„Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде раководењето со Министерството за внатрешни работи, безбедносната состојба во Прилеп никогаш не била полоша....

Економија11 часа

„Растот на платите со кои се фали Битиќи е лага, платите се стопија со порастот на трошоците на живот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Уште една голема манипулација на СДСМ кои се во очај! Во отсуство на било какви економски резултати, Фатмир Битиќи на...

Македонија14 часа

Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори

Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека...

Свет14 часа

Масовен руски напад врз Харков: Бомби паѓаа цела ноќ, две лица загинаа

Во текот на ноќта руските војници гранатираа 17 населени места во областа Херсон, при што загинаа две лица, а четворица...

Свет14 часа

Две тела пронајдени во автомобил под урнатиот мост во Балтимор, паднале од височина од 50 метри во водата

Полицијата во американската сојузна држава Мериленд објави дека две тела биле пронајдени во автомобил во реката Патапско, каде што мостот...

Македонија14 часа

Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф...

Регион15 часа

Потрагата по Данка Илиќ продолжува трет ден, се проверуваат телефоните на родителите

И покрај прекинатата теренска потрага по Данка во Бањско Поле и околината, полицијата продолжува со интензивна оперативна работа за утврдување...

Свет15 часа

Путин: Обвинувањата дека Русија ќе ја нападне Европа по Украина се целосна глупост

Рускиот претседател Владимир Путин ги осуди обвинувањата на Западот дека Русија планира да се бори против Европа. Ги нарече „целосна...

Свет15 часа

Маж во Илиноис уби четири лица и избоде петмина, нападот траел 20 минути

Четири лица загинаа, а пет се повредени во напад во Рокфорд, Илиноис, додека 22-годишен осомничен е уапсен. Полицијата, исто така,...

Македонија1 ден

Турската демократска партија се приклучува на Европскиот фронт, Ахмети: Овој сојуз е историски

По потпишувањето на коалицијата за Европскиот фронт со ДПА на Мендух Тачи, Народното движење на Скендер Реџепи Зејд, ПДЕ на...

Македонија1 ден

Тошковски: Ќе сторам сè МВР да гарантира организирање на безбедни избори

Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше на панел дискусија „Зајакнување на соработката помеѓу институциите за проценка на изборните...

Македонија1 ден

Дисциплински постапки за петмина полицајци за пукањето пред тетовската болница

Поднесени се две две кривични пријави од СВР Тетово против М. Т., полициски службеник во Полициската станица за граничен надзор...

Македонија1 ден

ГРОМ, Интегра и ПЦЕР се здружија: коалицијата „Храбро за Македонија“ нема да поддржи уставни промени ниту пред ниту по изборите

Политичките партии Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) денес се здружија во...