Политика
Груевски: Повисоки пензии за 10,25 отсто и други проекти за пензионерите

Зголемување на пензиите за најмалку 10,25 отсто во наредните четири години, продолжување на проектите за бесплатна бањско-климатска рекреација, бесплатен викенд и бесплатен воз, најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата во Изборната единица 4 на коалицијата „За подобра Македонија“, Никола Груевски, во петокот на средбата со пензионерите од Прилеп.
Како што рече Груевски, за прилепските пензионери во новата програма е предвидено изградба на дневен центар за повозрасни лица што треба да почне да се гради во периодот од јули до септември 2017 година, во 2019 година е предвидено отворање на Дневен центар за возрасни лица со најтешки проблеми, како и реконструкција на Домот за стари лица во Прилеп „Киро Крстески Платник“.
„Во новата програма е предвидено и бесплатна вакцинација за грип на лицата со помали пензии, како и за лицата над 65-годишна возраст кои не се корисници на пензија. Предвидени се и денови за попусти за пензионери во одделни маркети, како и продажба на стоки и услуги на рати и тоа стоки за широка потрошувачка, лекови и медицински помагала и огревни дрва“, прецизираше Груевски.
Потсети дека приоритет на ВМРО-ДПМНЕ веднаш по доаѓањето на власт биле пензионерите и нагласи дека просечната пензија во 2006 година изнесувала 4.330 денари, а сега е 8.241 денар, односно има зголемување за 90,32 отсто, а кај просечната пензија зголемување е за 70,29 отсто, односно од 7.683 денари пораснала на 13.085 денари.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека услугата за бесплатно бањско лекување која се состои од шест полни пансиони, еден задолжителен преглед, бањска терапија и бесплатен превоз досега ја искористиле 36.700 пензионери, од кои 2.000 од Прилеп. Годишно во наредните четири години се планира по 5.500 пензионери да ја користат оваа услуга или најмалку 22.000 за наредните четири години. Бесплатен туристички викенд, како што кажа, кој е воведен минатата година, а се состои од платен превоз, ноќевање и два полни пансиони искористиле 3.000 лица, од кои 200 од Прилеп, во 2017 се очекува да искористат уште 3.000 лица, а во 2018, 2019 и 2020 година по 4.000 или нови 15.000 во наредните четири години.
Ќе продолжи и услугата за бесплатен превоз со воз на сите мажи над 64 и жени над 62 години секој втор викенд во месецот и во наредните четири години. Потсети дека во последниов период е извршено намалување на цените на 4.800 лекови, на некои од нив, како што рече, дури и за 90 отсто.
„Со оваа услуга, граѓаните, а меѓу нив и пензионерите заштедуваат по 33 милиони евра годишно“ , рече Груевски и ги потсети пензионерите дека имаат и 50-отстотен попуст при посета на културни институции.
Прашан дали се предвидува бесплатен градски превоз за пензионерите и во Прилеп, градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески истакна дека градскиот превоз во Прилеп е во зародиш и оти се планира во наредните две години да се набават нови автобуси по што и оваа услуга ќе им биде достапна на прилепските пензионери.
Пензионерите од Прилеп најмногу се интересираа за намалување на невработеноста на што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им одговори дека во последниве 10 години бројот на работни места во земјава е зголемен за 160.000, од кои во последниве 2,5 години во време на политичка криза се отворени речиси 30.000 работни места, а најави дека во наредните четири години се планира отворање на нови 70.000 работни места.
Во Прилеп, како што посочи, пред една недела е најавена инвестиција на германски „ВИК“ кој планира да отвори 1.000 работни места, „Гентерм“ кој моментално вработува 700 лица, планира нивниот број да го зголеми до 2.200, за еден месец свој капацитет отвора и „Акомплас“, а речиси е сигурно дека и нова американска компанија за производство на автоделови наскоро планира да започне изградба на објект во Прилеп во кој ќе има 600 нови вработувања./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба Османи – Џејн

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џејн.
Во фокусот на средбата беа повеќе теми, пред сè, актуелните претседавања на Шведска со Европската Унија и на Република Северна Македонија со ОБСЕ, зачленувањето на Шведска во НАТО и безбедносната состојба на европскиот континент, претседавањето на Шведска со ИХРА и соработката во билатералната и мултилатералната сфера, како и најновиот развој на состојбите во регионот на ЈИЕ.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот Османи информира за приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и се заблагодари за шведската продуктивна соработка и поддршка во рамките на ОБСЕ-тројката.
Министерот Османи се заблагодари за шведската континуирана поддршка за интеграција на Северна Македонија и на Западен Балкан во целина во EУ.
Потсетувајќи дека при последното претседавање на Шведска со Советот (во втората половина на 2009 година), нашата земја ги доби визната либерализација и првата препорака на ЕК за почеток на пристапните преговори, изрази уверување дека со својата прагматична и политика ориентирана кон резултати сегашното претседавање на Шведска исто така ќе остави позитивен белег во европската траекторија на нашата земја.
Македонија
(Видео) Николова: Новите инвестиции и работни места доказ за успешните политики на СДСМ

„Владата предводена од СДСМ преку навремени и одговорни економски политики успеа да се справи со последиците од глобалната економска и енергетска криза. Во најкризната година во Европа платите продолжија да растат, продолжи и зголемувањето на нови странски инвестиции и нови работни места“, рече на денешната прес-конференција Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
Таа напомена „2022 година ја завршивме со 2.300 нови работни места и над 430 милиони евра нови инвестиции во ТИР-зоните, каде што добиваат плати, кои, генерално, се повисоки од државниот просек. Речиси 16.300 наши сограѓани работат во компаниите во индустриските зони во целата држава. Извозот од ТИР-зоните во 2022 година достигна 3,7 милијарди евра, што, меѓу другото, се должи и на новоотворените работни места“.
„Според првичните анализи, на секој 1 денар вложен од државата компаниите вратиле 4 денари назад во буџетот, што значи дека за разлика од претходно, сега имаме инвестиции што носат поголема додадена вредност и за државата и за граѓаните. Со одговорен пристап овој тренд треба да продолжи и во оваа 2023 година за што показател е новата инвестиција од 400 милиони евра на компанијата ‘Магна мехатроникс’, која почна со подготовки за изградба на нова фабрика. Оваа, но и другите странски инвестиции предвидени за периодот, позитивно ќе влијаат врз раст на просечната плата, која првпат во историјата изнесува над 33.000 денари“, рече Николова.
Македонија
Таравари повикува на смирување на тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, повика да се дејствува смирено и да се смират тензиите во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, кои ескалираа по несаканите инциденти во Охрид.
Истакнувајќи дека овие настани се следат со големо внимание и загриженост, Таравари преку објава на „Твитер“ ги повика институциите да се воздржат од изјави што водат кон дополнителни тензии.
„Вознемирен од зголемувањето на политичките тензии меѓу Северна Македонија и Бугарија, ги повикувам нашите институции да се воздржат од изјави што водат кон дополнителни тензии и да се ангажираат конструктивно да придонесат во спроведувањето на договорот за добрососедство и европската интеграција на земјата“, пишува Таравари.
Concerned about rising political tensions between 🇲🇰-🇧🇬. I call on our institutions to refrain from statements that lead to further tensions and to engage in a constructive way that contributes to the implementation of the agreement on good-neighbourliness and 🇪🇺 integration. pic.twitter.com/wqwdtJvuCe
— Arben Taravari (@TaravariArben) January 27, 2023