Политика
Груевски: СДСМ слават за секои избори, а секогаш губат
Народот е најсилна гаранција дека ВМРО-ДПМНЕ, ќе победи на изборите што се закажани на 24 април, вели премиерот Никола Груевски во интервју за Нетпрес.
Тој е задоволен од договорот што го потпишаа четирите политички партии за решавање на политичката криза.
„Овој договор обезбедува еден напредок за државата, обезбедува да останат евроатлантските и европските перспективи, за Република Македонија, што пак носи други свои придобивки, и што е најважно успеавме да го задржиме СДСМ на договорот од 2-ри јуни, а тоа е да се појави на избори, да не бега од избори, туку да се појави и народот да си каже кому му ја дава довербата, а тогаш ќе си каже и зошто ја дава довербата, кога ќе дојде време за тоа. Во секој случај многу сум задоволен што успеавме да се издејствува овој договор, на начин на којшто се издејствува, да се дојде до тоа потпишување, да дојде до деескалација на оваа криза, да останат европските перспективи за Македонија и НАТО перспективите, и економијата да тера во еден нормален тек. Да падне тензијата што народот ја чувствуваше во овој период, што е една нормална тензија кога има една политичка криза, така што дојде до една нормализација на состојбите“, вели Груевски.
Еуфоријата на СДСМ по договорот е за него познат стил на СДСМ и вели дека оваа партија на секои избори дигаат еуфорија, а девет години губат на изборите.
„Тоа е еден од стиловите на СДСМ во сите овие години зад нас. Тие девет – десет години дигаат еуфорија, и толку во исто време губат. Девет избори изгубија. Дури во некои од изборите, пред самиот крај на резултатите беа во еуфорија. Јас се сеќавам во една прилика, не знам на кои избори беше…јас живеам многу блиску до СДСМ, значи комшии сме со СДСМ, таму кај што живеам во Кисела Вода сме непосредни комшии, воздушно на 30-40 метри, и тие до 10 навечер, 11, славеа. Веќе ние ги имавме резултатите дека губат, а тие слават. Во десет и пол уште славеа, ечеше музика. Така што познат ми е тој концепт. Битно е да се слави, битно е да се има еуфорија, битно е да се испрати сигнал до гласачите дека нешто се во предност, дека водат, дека ќе победат, дека сега еве нова власт ќе формираат и т.н. Тоа ќе си го кажат граѓаните на 24 април. Тие ќе го дадат својот суд, за сето ова што и се правеше на државата и на целиот народ, бидејќи народот заложник во сиот овој период“ вели Груевски во интервјуто.
Гаранција за успехот на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори за Груевски е довербата во народот кој, според него, знае да направи вистински избор.
„Ние работиме многу. Ние испорачуваме тоа што сме го ветиле. Ние држиме до дадениот збор. Ние имаме програма, којашто ја реализираме. Имавме и други власти во минатото. Ништо од ова го немаше. Народот памти. Народот следи. Народот расудува. Тоа не значи дека сме идеални, дека немаме одредени грешки, дека немаме слабости, пропусти, дека нешто не можело поинаку, подобро, побрзо, дека некаде сме направиле некоја погрешна проценка. За среќа немаме стратешки грешки, грешки што не може да се исправат, но во основа, неспоредливо подобро работиме од она што го има прикажано СДСМ и од она што тие го нудат кога излегуваат на избори. Значи тоа е тоа, ние знаеме видовме дека овој народ знае да расудува, дека знае да направи проценка, дека може да издржи се’. Може да издржи разни негативни, деструктивни однесувања на некого, но кога ќе дојдат неговите пет минути, а тоа е денот на избори, знае да направи прецизна проценка кој може да ја води државата напред со најдобра брзина на движење напред, со најдобар интензитет на проекти, на решавање на проблеми, на намалување на невработеност, на отворање на нови работни места, на одржување на стабилност во државата, на одговор на некои безбедносни предизвици коишто повремено доаѓаат, ние сме држава во еден таков регион во којшто повремено неминовно се соочуваме со одредени безбедносни предизвици, на оние коишто прават максимум за земјата да се придвижи и да стане членка на НАТО и на Европската унија“ вели Груевски./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Македонија е одземена од народот од страна на ДУИ и измеќарите од СДС, поради нивните политики луѓе гореа живи, се случуваа трагедии и иселување
„Македонија е одземена од народот, за жал наместо државата да му припадне на суверенот, а тоа е народот на кој што и треба да му припаѓа, државата во нашиот случај е украдена од народот од страна на една мала група на луѓе кои од денеска уште неколку недели ќе бидат во владата на Република Македонија. Таа група на луѓе ја предводат првенците од ДУИ на чело со Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и малкумина измеќари од СДСМ кои сеуште се таму слепи послушници на политиките на ДУИ и Али Ахмети“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Зрновци.
Претседателот Мицкоски потенцираше дека овие луѓе се виновни за неправдата, криминалот, опустошувањето, понижувањето, за целото зло кое и е нанесено на Македонија во изминатите 6 и половина години.
„Ќе ве потсетам, сетете се поради нивната неодговорна политика живи луѓе гореа во модуларната болница во Тетово; поради нивната криминална политика и начин на кој ги издаваат дозволите за да туристичките агенции управуваат со возилата десетици луѓе за жал го загубија својот живот не далеку од главниот град на нашиот источен сосед во трагедијата на „Беса транс“, се сеќавате колкумина од нив ветуваа дека ќе донесат живот какви ти се не знам услови за работа на земјоделците, загарантиран откуп по загарантирана цена, а 6 и половина години нивите ни останаа неорани, младите си заминаа, земјоделците се помалку се занимаваат со земјоделието затоа што не само што нема загарантиран откуп туку и тоа малку што денес се обработува и произведува нема кој да го купи“, дециден е Мицкоски.
Претседателот Мицкоски истакна дека дури и на СДСМ им е јасно дека победник на следните претседателски и парламентарни избори ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија и Гордана Силјановска Давкова,
„Затоа ни е потребно ова обединување, затоа ни е потребна масовна излезеност. Сите заедно најпрво на 24 април да ја направиме Македонија горда, а потоа на 8 мај да ја направиме и горда и твоја со победа на Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Твоја Македонија“, рече Мицкоски.
Македонија
Пендаровски: Тие ја сакаат Македонија само кога се на власт, ние ја сакаме и кога сме и кога не сме, бидејќи таа ни е единствената мајка
Во рамки на изборниот караван, кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска се сретна со граѓаните на село Белчишта, општина Дебрца и со граѓаните на општина Вевчани.
Говорејќи за начинот на владеење на опозицијата кога беше на власт, Пендаровски во село Белчишта истакна дека во нивно време имаше две групи на граѓани, односно нивни и наши, симпатизери на ВМРО и останати. И дека за разлика од сегашната владејачка структура која не направи крупни стратешки грешки со кои би била загрозена државата, ВМРО – ДПМНЕ и крупни и ситни грешки.
„На опозицијата и пречи што Македонија оди напред, кон развиените земји бидејќи ние сме заслужни за тие успеси, а не тие. Тие ја сакаат Македонија, само кога се на власт, а ние ја сакаме и кога сме и кога не сме на власт, бидејќи таа ни е единствената мајка“, рече Пендаровски.
Од Вевчани, кандидатот за претседател Стево Пендаровски порача дека луѓето знаат да проценат дали некој мисли само на себе и на својот џеб или мисли на нашата иднина. Зборувајќи за неговата против кандидатка, која не се појавила на митингот во Вевчани најавен за пред два дена, Пендаровски истакна дека не ни треба претседател кој има некој над себе.
„Не можам да замислам да кажуваш дека си претседател на сите, а да има некој над тебе, некој кој ќе ти кажува како да работиш. Таков е случајот со Силјановска и со Мицкоски. Овој што ја поддржува сака да биде и претседател и премиер. Ајде да го промениме уставот и да му овозможиме да биде и претседател на Собрание истовремено. Барем ќе заштедиме пари, а за ефектите понатаму ќе видиме“, додаде Пендаровски.
Денеска е предвидено Пендаровски да се обрати на митинзи и пред граѓаните на Струга и на Охрид.
Македонија
Димитриевски од Струга: Во Македонија има луѓе што можат да ги обединат граѓаните за суштестените прашања
Претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска беше во Струга.
„Струга е град сличен на градот од кадешто доаѓам. Мултиетничка средина, во која треба да се сакаме и почитуваме и да живееме заедно. Но притоа не смееме да дозволиме политиката да ги дели граѓаните и да создава чувство на граѓани од втор ред. Сведоци сме дека во нашата држава се случуваат големи неправди, а особено спрема припаданиците на македонскиот народ. Се случува еден феномен на партизација на целиот систем од оние што со пушка влегоа во Собрание, па потоа во извршната власт, а сега гледаме како ја запоседнуваат и судската власт и ги користат останатите, наводно големи партии, како привезок во коалиција, кои притоа се ставааат во целосна функција на ДУИ“.
„Токму затоа не сакам да ја оставам државата да расте и да се развива така. Затоа се одваживме да се вратиме таму каде што припаѓаме, на крушевските и АСНОМ-ските корени. Ние сакаме во суштина да ги промениме работите во
Македонија “.
Димитриевски рече дека Движењето ЗНАМ е нов политички субјект којшто сака да ги обединува, а не да ги дели граѓаните. Првенствено Македонците, а потоа и сите етнички заедници заедно. Тој посочи дека треба да се научиме како да живеме и да градиме реален соживот. Бидејќи, како што рече, соживот е да имаш права, но и обврски. Потребно е да има взаемна почит.
Тој нагласи дека целиот систем е креиран така за да биде поделен на два блока, кај македонскиот и два во албанскиот блок. И додека албанскиот блок, односно политичките субјекти, за националните прашања е секогаш единствен, македонскиот пука по сите шавови.
„Мора да се најдат луѓе коишто ќе го обединат народот. И затоа ќе ви кажам, Максим не може тоа да го направи сам. Вие сте ми потребни и не ме оставајте сам.“ потенцира тој.
„Доколку ја добијам поддршката од граѓаните на овие претстојни избори, ќе бидам Претседател на сите граѓани на Македонија. Првото нешто што ќе го направам е ќе понудам на сите политички субјекти коишто ќе ја сочинуваат идната власт, а дополнително и на опозицијата, да потпишат национална платформа за македонските национални интереси, бидејќи нам ни е тоа повеќе од потребно во овој момент“.
Тој додаде дека доколку биде избран за Претседател на државата, согласно неговата предизборна програма ќе работи на формирање на едно независно тело од експерти од Европската унија коишто ќе треба да се посветат на работење и анализа на сите пресуди од Стразбур против Република Бугарија за обесправеноста на македонските организации таму“’.
Димитриевски, исто така, рече дека согласно Програмата ќе формира и експертски тим, од наши и надворешни експерти кој ќе има за задача да поработи и на времената рамка којашто е во сила во моментот и на нејзина адаптација на општо прифатливите и општествените услови во Македонија, согласно желбата на македонските граѓани.
„Недозволиво е како народ и како држава да бидеме негирани. Ние постоиме во континуитет и како народ и како јазик, со сопствена историја, култура и тоа е одраз на заложбите и борбите на нашите претци. Недозволиво е некој во 21 век, којшто е член на Европската унија да не негира во континуитет. Затоа сметам дека следната политичка елита, која и да е на власт, а ќе биде таа на којашто граѓаните ќе и дадат мандат, треба сериозно да се посвети на ова поле, дополнително да ја разработи оваа преговарачка рамка и со Европската унија и ова билатерало прашање да го решиме на релација Скопје- Софија. Македонија мора да продолжи на патот на евроинтеграциите, но не по секоја цена, бидејќи мора да влеземе во Европската унија со крената глава, како Македонци и како засебна нација“, потенцира Димитриевски.
Караванот на ЗНАМ денеска беше и во Вевчани, каде што Димитриевски имаше средби со граѓани, а вечерва ќе биде во Охрид.