Политика
Груевски: ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува и нема да ги признае резултатите од евентуалното прегласување

ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од евентуалното прегласување и нема да дозволи институциите во државата да функционираат преку фалсификување на волјата на народот, порача во саботата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, обраќајки се пред поддржувачите и симпатизерите на партијата кои беа собрани пред претсториите на Државната изборна комисија (ДИК), каде што се разгледува последниот приговор кој беше поднесен од страна на СДСМ во однос на изборните нерегуларности.
Според Груевски, Извршниот комитет на партијата донел проглас во кој се наведени неколку точки, меѓу кои и напуштање на сите преговори со останатите политички партии а каде што учествуваат и дипломатски претставници од странски земји. „ДИК донесе незаконски одлуки со цел изигрување на изборната волја на народот. Работата на ДИК се претвори во пародија. Имаме информации за вмешување на странски претставници со цел вршење на влијание врз некои членови на ДИК за пост изборен инженеринг и фалсикување на изборната волја на граѓаните. Некои од независните претставници на ДИК не се независни“, изјави Груевски.
Порача дека незаконските одлуки на ДИК може да бидат корегирани од страна на Управниот суд и дека тие како партија сега повикуваат да не се врши притисок врз ова судско тело, но дека доколку и судот подлегне на притисоците, тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува и да ги признае резултатите од евентуалното прегласување.
„Повикуваме да не се врши притисок врз Управниот суд а доколку тој подлегне на притисоците од страна и со тоа се фалсификува слободната волја на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ објавува дека нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа гласање. Нема да дозволиме аболицираниот крминалец Зоран Заев да формира влада со фалсификувана волја на граѓаните“, рече тој.
ВМРО-ДПМНЕ не е задоволна од тоа што, како што рече Груевски, „некои амбасадори премногу се мешаат во внатрешната политика на земјата“ и порача дека „државата мора суверено да ги носи одлуките“.
„Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата, ВМРО-ДПМНЕ останува отворена за комуникација за странските претставници но некои амбасадори мора да престанат да се мешаат во внатрешната политика на земјата. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи мешање во внатрешната политика на земјата. ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на преговори каде учествуваат претставници на странски држави. ВМРО-ДПМНЕ во иднина нема да прифаќа нестандарни решенија кои ги нема и во членките на ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ знема да прифати кантонизација и редефинирање на државата, под било какви услови и околости. Ќе се бориме за десоросоизација на Република Македонија и јакнење на независен граѓански сектор, кој нема да биде под ничија контрола“, додаде Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ и историски и во иднина ќе биде прозападно ориентирана, нашите цели се членество во ЕУ и НАТО и темелно пријателство со САД, а овој проглас е проглас за заштита на демократијата во Република Македонија, заклучи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба Османи – Џејн

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џејн.
Во фокусот на средбата беа повеќе теми, пред сè, актуелните претседавања на Шведска со Европската Унија и на Република Северна Македонија со ОБСЕ, зачленувањето на Шведска во НАТО и безбедносната состојба на европскиот континент, претседавањето на Шведска со ИХРА и соработката во билатералната и мултилатералната сфера, како и најновиот развој на состојбите во регионот на ЈИЕ.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот Османи информира за приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и се заблагодари за шведската продуктивна соработка и поддршка во рамките на ОБСЕ-тројката.
Министерот Османи се заблагодари за шведската континуирана поддршка за интеграција на Северна Македонија и на Западен Балкан во целина во EУ.
Потсетувајќи дека при последното претседавање на Шведска со Советот (во втората половина на 2009 година), нашата земја ги доби визната либерализација и првата препорака на ЕК за почеток на пристапните преговори, изрази уверување дека со својата прагматична и политика ориентирана кон резултати сегашното претседавање на Шведска исто така ќе остави позитивен белег во европската траекторија на нашата земја.
Македонија
(Видео) Николова: Новите инвестиции и работни места доказ за успешните политики на СДСМ

„Владата предводена од СДСМ преку навремени и одговорни економски политики успеа да се справи со последиците од глобалната економска и енергетска криза. Во најкризната година во Европа платите продолжија да растат, продолжи и зголемувањето на нови странски инвестиции и нови работни места“, рече на денешната прес-конференција Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
Таа напомена „2022 година ја завршивме со 2.300 нови работни места и над 430 милиони евра нови инвестиции во ТИР-зоните, каде што добиваат плати, кои, генерално, се повисоки од државниот просек. Речиси 16.300 наши сограѓани работат во компаниите во индустриските зони во целата држава. Извозот од ТИР-зоните во 2022 година достигна 3,7 милијарди евра, што, меѓу другото, се должи и на новоотворените работни места“.
„Според првичните анализи, на секој 1 денар вложен од државата компаниите вратиле 4 денари назад во буџетот, што значи дека за разлика од претходно, сега имаме инвестиции што носат поголема додадена вредност и за државата и за граѓаните. Со одговорен пристап овој тренд треба да продолжи и во оваа 2023 година за што показател е новата инвестиција од 400 милиони евра на компанијата ‘Магна мехатроникс’, која почна со подготовки за изградба на нова фабрика. Оваа, но и другите странски инвестиции предвидени за периодот, позитивно ќе влијаат врз раст на просечната плата, која првпат во историјата изнесува над 33.000 денари“, рече Николова.
Македонија
Таравари повикува на смирување на тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, повика да се дејствува смирено и да се смират тензиите во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, кои ескалираа по несаканите инциденти во Охрид.
Истакнувајќи дека овие настани се следат со големо внимание и загриженост, Таравари преку објава на „Твитер“ ги повика институциите да се воздржат од изјави што водат кон дополнителни тензии.
„Вознемирен од зголемувањето на политичките тензии меѓу Северна Македонија и Бугарија, ги повикувам нашите институции да се воздржат од изјави што водат кон дополнителни тензии и да се ангажираат конструктивно да придонесат во спроведувањето на договорот за добрососедство и европската интеграција на земјата“, пишува Таравари.
Concerned about rising political tensions between 🇲🇰-🇧🇬. I call on our institutions to refrain from statements that lead to further tensions and to engage in a constructive way that contributes to the implementation of the agreement on good-neighbourliness and 🇪🇺 integration. pic.twitter.com/wqwdtJvuCe
— Arben Taravari (@TaravariArben) January 27, 2023