Политика
Хан: Избори до април следната година – проширена
Предвремени парламентарни избори се договорени за до април следната година, изјави Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан во вторник по повеќечасовните разговори во резиденцијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Како што пренесе репортерот на Макфакс, Хан во присуство на четворицата политички лидер рече дека е договорено следната седмица во ист формат да се одржи средба во Брисел, на којашто ќе се прецизира кои ќе бидат следните чекори за излегувањето од политичката криза.
Во овој, како што го нарече Хан, транзициски период, договорено е да се направат измени во изборниот законик, и да се прочисти избирачкиот список.
„Имавме многу интензивни и конструктивни преговори со партиските лидери кои се околу мене, премиерот (Груевски), Заев, претставниците на албанските партии Ахмети и Тачи. Уште еднаш се заложивме за евроатланските перспективи на земјата и дека е важно да се надмине оваа тешка ситуација од политичката криза со цел да се зачува европската перспектива“, рече Хан.
Еврокомесарот изрази задоволство од соработката на сите лидери на политичките партии, од коишто добил уверување дека нивните политики се насочени кон евроатлантските интеграции.
„Мора да работиме во вашата земја во духот на соработката на потребниот политички компромис со цел да се постигне потребниот баланс меѓу различните партии и општествени групи, затоа се договоривме да следи транзициски период, а до крајот на април следната година треба да се одржат предвремени парламентарни избори. Но, потребно е да се подготви земјата, околу подобрувањето на Избирачкиот законик и проверка на избирачкиот список, како и почитувањето на правата на малцинствата. Понатаму ќе треба да се исполнат сите препораки од Европската комисија, кога се работи за независност на судството“, рече Хан.
Додаде дека амбасадорите на Европската унија, Аиво Орав, и на САД, Џес Бејли, го поддржале денешниот договор.
„Ќе се видиме следната седмица во Брисел, кога ќе постигнеме конечен договор“, додаде Хан.
На разговорите кои започнаа претпладнево околу девет часот присуствува и амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, а доцна попладнето им се придружи и амбасадорот на САД, Џес Бејли. Први на средбата пристигнаа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и претседателот на СДСМ Зоран Заев, а попладнево им се придружија лидерите на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.
Премиерот Груевски беше придружуван од шефот на неговиот кабинет Мартин Протуѓер и министрите за надворешни работи и за здравство, Никола Попоски и односно Никола Тодоров. Заев, пак, дојде со заменик претседателот Радмила Шекеринска и портпаролот Петре Шилегов. Ахмети беше придружуван од пратеникот Артан Груби и министерот за образование Абдилаќим Адеми, а Мендух Тачи кој последен пристигна на средбата со Хан, го придружуваше Луан Треси.
Разговорите во вторникот се продолжение на дијалогот започнат во Стразбур пред три седмици, во кои посредуваа Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Ричард Ховит. Во меѓувреме во Скопје се одржаа и три лидерски средби на кои не беше постигнат договор за начините за надминување на политичката криза во земајта./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Македонија е одземена од народот од страна на ДУИ и измеќарите од СДС, поради нивните политики луѓе гореа живи, се случуваа трагедии и иселување
„Македонија е одземена од народот, за жал наместо државата да му припадне на суверенот, а тоа е народот на кој што и треба да му припаѓа, државата во нашиот случај е украдена од народот од страна на една мала група на луѓе кои од денеска уште неколку недели ќе бидат во владата на Република Македонија. Таа група на луѓе ја предводат првенците од ДУИ на чело со Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и малкумина измеќари од СДСМ кои сеуште се таму слепи послушници на политиките на ДУИ и Али Ахмети“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Зрновци.
Претседателот Мицкоски потенцираше дека овие луѓе се виновни за неправдата, криминалот, опустошувањето, понижувањето, за целото зло кое и е нанесено на Македонија во изминатите 6 и половина години.
„Ќе ве потсетам, сетете се поради нивната неодговорна политика живи луѓе гореа во модуларната болница во Тетово; поради нивната криминална политика и начин на кој ги издаваат дозволите за да туристичките агенции управуваат со возилата десетици луѓе за жал го загубија својот живот не далеку од главниот град на нашиот источен сосед во трагедијата на „Беса транс“, се сеќавате колкумина од нив ветуваа дека ќе донесат живот какви ти се не знам услови за работа на земјоделците, загарантиран откуп по загарантирана цена, а 6 и половина години нивите ни останаа неорани, младите си заминаа, земјоделците се помалку се занимаваат со земјоделието затоа што не само што нема загарантиран откуп туку и тоа малку што денес се обработува и произведува нема кој да го купи“, дециден е Мицкоски.
Претседателот Мицкоски истакна дека дури и на СДСМ им е јасно дека победник на следните претседателски и парламентарни избори ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија и Гордана Силјановска Давкова,
„Затоа ни е потребно ова обединување, затоа ни е потребна масовна излезеност. Сите заедно најпрво на 24 април да ја направиме Македонија горда, а потоа на 8 мај да ја направиме и горда и твоја со победа на Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Твоја Македонија“, рече Мицкоски.
Македонија
Пендаровски: Тие ја сакаат Македонија само кога се на власт, ние ја сакаме и кога сме и кога не сме, бидејќи таа ни е единствената мајка
Во рамки на изборниот караван, кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска се сретна со граѓаните на село Белчишта, општина Дебрца и со граѓаните на општина Вевчани.
Говорејќи за начинот на владеење на опозицијата кога беше на власт, Пендаровски во село Белчишта истакна дека во нивно време имаше две групи на граѓани, односно нивни и наши, симпатизери на ВМРО и останати. И дека за разлика од сегашната владејачка структура која не направи крупни стратешки грешки со кои би била загрозена државата, ВМРО – ДПМНЕ и крупни и ситни грешки.
„На опозицијата и пречи што Македонија оди напред, кон развиените земји бидејќи ние сме заслужни за тие успеси, а не тие. Тие ја сакаат Македонија, само кога се на власт, а ние ја сакаме и кога сме и кога не сме на власт, бидејќи таа ни е единствената мајка“, рече Пендаровски.
Од Вевчани, кандидатот за претседател Стево Пендаровски порача дека луѓето знаат да проценат дали некој мисли само на себе и на својот џеб или мисли на нашата иднина. Зборувајќи за неговата против кандидатка, која не се појавила на митингот во Вевчани најавен за пред два дена, Пендаровски истакна дека не ни треба претседател кој има некој над себе.
„Не можам да замислам да кажуваш дека си претседател на сите, а да има некој над тебе, некој кој ќе ти кажува како да работиш. Таков е случајот со Силјановска и со Мицкоски. Овој што ја поддржува сака да биде и претседател и премиер. Ајде да го промениме уставот и да му овозможиме да биде и претседател на Собрание истовремено. Барем ќе заштедиме пари, а за ефектите понатаму ќе видиме“, додаде Пендаровски.
Денеска е предвидено Пендаровски да се обрати на митинзи и пред граѓаните на Струга и на Охрид.
Македонија
Димитриевски од Струга: Во Македонија има луѓе што можат да ги обединат граѓаните за суштестените прашања
Претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска беше во Струга.
„Струга е град сличен на градот од кадешто доаѓам. Мултиетничка средина, во која треба да се сакаме и почитуваме и да живееме заедно. Но притоа не смееме да дозволиме политиката да ги дели граѓаните и да создава чувство на граѓани од втор ред. Сведоци сме дека во нашата држава се случуваат големи неправди, а особено спрема припаданиците на македонскиот народ. Се случува еден феномен на партизација на целиот систем од оние што со пушка влегоа во Собрание, па потоа во извршната власт, а сега гледаме како ја запоседнуваат и судската власт и ги користат останатите, наводно големи партии, како привезок во коалиција, кои притоа се ставааат во целосна функција на ДУИ“.
„Токму затоа не сакам да ја оставам државата да расте и да се развива така. Затоа се одваживме да се вратиме таму каде што припаѓаме, на крушевските и АСНОМ-ските корени. Ние сакаме во суштина да ги промениме работите во
Македонија “.
Димитриевски рече дека Движењето ЗНАМ е нов политички субјект којшто сака да ги обединува, а не да ги дели граѓаните. Првенствено Македонците, а потоа и сите етнички заедници заедно. Тој посочи дека треба да се научиме како да живеме и да градиме реален соживот. Бидејќи, како што рече, соживот е да имаш права, но и обврски. Потребно е да има взаемна почит.
Тој нагласи дека целиот систем е креиран така за да биде поделен на два блока, кај македонскиот и два во албанскиот блок. И додека албанскиот блок, односно политичките субјекти, за националните прашања е секогаш единствен, македонскиот пука по сите шавови.
„Мора да се најдат луѓе коишто ќе го обединат народот. И затоа ќе ви кажам, Максим не може тоа да го направи сам. Вие сте ми потребни и не ме оставајте сам.“ потенцира тој.
„Доколку ја добијам поддршката од граѓаните на овие претстојни избори, ќе бидам Претседател на сите граѓани на Македонија. Првото нешто што ќе го направам е ќе понудам на сите политички субјекти коишто ќе ја сочинуваат идната власт, а дополнително и на опозицијата, да потпишат национална платформа за македонските национални интереси, бидејќи нам ни е тоа повеќе од потребно во овој момент“.
Тој додаде дека доколку биде избран за Претседател на државата, согласно неговата предизборна програма ќе работи на формирање на едно независно тело од експерти од Европската унија коишто ќе треба да се посветат на работење и анализа на сите пресуди од Стразбур против Република Бугарија за обесправеноста на македонските организации таму“’.
Димитриевски, исто така, рече дека согласно Програмата ќе формира и експертски тим, од наши и надворешни експерти кој ќе има за задача да поработи и на времената рамка којашто е во сила во моментот и на нејзина адаптација на општо прифатливите и општествените услови во Македонија, согласно желбата на македонските граѓани.
„Недозволиво е како народ и како држава да бидеме негирани. Ние постоиме во континуитет и како народ и како јазик, со сопствена историја, култура и тоа е одраз на заложбите и борбите на нашите претци. Недозволиво е некој во 21 век, којшто е член на Европската унија да не негира во континуитет. Затоа сметам дека следната политичка елита, која и да е на власт, а ќе биде таа на којашто граѓаните ќе и дадат мандат, треба сериозно да се посвети на ова поле, дополнително да ја разработи оваа преговарачка рамка и со Европската унија и ова билатерало прашање да го решиме на релација Скопје- Софија. Македонија мора да продолжи на патот на евроинтеграциите, но не по секоја цена, бидејќи мора да влеземе во Европската унија со крената глава, како Македонци и како засебна нација“, потенцира Димитриевски.
Караванот на ЗНАМ денеска беше и во Вевчани, каде што Димитриевски имаше средби со граѓани, а вечерва ќе биде во Охрид.