Политика
Иванов: Мора да се стави крај на политичката криза и на погубната политичка поделеност во Македонија
Испраќање јасна порака дека мигрантските коридори се затворени, создавање услови за мир и стабилност и одржлив економски развој во земјите на потекло, како и примена на заеднички пристап во борбата против нелегалната миграција се неопходни за решавање на бегалската криза, порача претседателот Ѓорге Иванов во понеделникот во своето обраќање на конференцијата „Геостратегиската и геополитичката положба на Република Македонија во услови на мигрантската и бегалската криза“.
Иванов во своето обраќање во Македонската академија на науките и уметностите порача дека освен предизвик, мигрантската криза е и можност за враќање на чувството за државност и одговорност кај политичките партии во Македонија, и од власта, и од опозицијата.
„Партиите не смеат да ја злоупотребуваат кризата за теснопартиски интереси и освојување евтини дневнополитички поени во предизборниот период. Мора да и се стави крај на политичката криза и на погубната политичка поделеност во Македонија“, рече Иванов.
Според претседателот Иванов специфично за бегалските рути е тоа што кога ќе се затвори една, се отвораат други рути, како и дека ние знаеме од каде доаѓаат бегалските рути, но не знаеме од каде поаѓаат, поради што е неопходен научен пристап кон се тоа што се случува во Африка, Блискиот Исток и Азија.
„Се додека постојат економски раздвижувања, безбедносни ризици и конфликти ќе бидеме изложени на овие мигрантски кризи. Интервјуата на нашите служби на границата покажуваат дека 90 проценти од сите мигранти што минаа низ Македонија користеле услуга од криминални групи, додека според последниот извештај на ЕУРОПОЛ профитот на криминалните структури со нудење услуги на мигрантите минатата година е шест милијади евра“, рече Иванов.
Иванов како решенија на кризата ги посочи најпрво неопходноста од испраќање јасни пораки до земјите на потекло на мигранти и бегалци дека мигрантските коридори се затворени, како што е договорот меѓу Европската унија и Турција, но и дека државите мора да го почитуваат договореното и да градат заеднички позиции.
„Второ, неопходно е создавање услови за мир и стабилност и одржлив економски развој во земјите на потекло. Неопходен е нов Маршалов план за Блискиот Исток и Северна Африка што ќе им ја врати надежта на луѓето во овие региони за квалитетен живот. Истовремено, европските држави мора да применуваат одржливи политики за интеграција без асимилација, за да ја избегнат опасноста од гетоизација“, рече Иванов.
Како трето, Иванов посочи дека клучот за успешно менаџирање на мигрантската криза е кај транзитните земји и дека мора да научиме да си веруваме, да ги имплементираме договорите, да примениме заеднички пристап во борбата против нелегалната миграција, бидејќи ниту една држава сама не може да го носи товарот. – Во таа смисла, кризата претставува и можност за соседите да ја надминат недовербата и да почнат да соработуваат. Кризата е можност и за Европската унија бирократизацијата да ја замени со механизми за носење одлуки во услови на криза, истакна Иванов.
Претседателот на МАНУ Таки Фити на отворањето на конференцијата смета дека темата е многу значајна бидејќи се одржува во едно вонредно сензитивно време, кога земјата, како што рече проаѓа низ внатрешна, политичка и општествена криза, која дополнително се усложнува со постоењето на бегалската криза.
Раководителот на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ Владо Камбовски рече дека специфичната геостратегиска положба на Македонија треба да се земе како битна одредница при преземањето неопходни државни, надворешни политички, економски и други мерки и активности за нејзино надминување.
„Масовната миграција и движење на народите и бегалците и жртвите на војните се денеска константа реалност што глобалната слика на светот ја менува не само во демографска, туку и во културолошка и цивилизациска смисла. Соочени сме со појава на големи преселби и сознание дека Македонија се наоѓа на нивниот правец на движење. И самата е вовлечена во нив, како попатна станица за мигранти, а во иднина како членка на ЕУ и како потенцијална крајна дестинација“, нагласи Камбовски, истакнувајќи дека Македонија не смее да се изолира и остане без стратешки партнери во овој геополитички предизвик.
Директорот на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР Абдулкадар Мемеди изрази задоволство од можноста за одржување заедничка конференција на толку важна тема и потпишување на меморандум за соработка./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Чаир: На Македонија ѝ треба обединување и единство, а не поделби, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи 1 милијарда евра за проекти во сите општини
Се чувствува победничка атмосфера и енергија, тоа е важно за сите нас и ни дава мотив да продолжиме посилно да се бориме. Овие денови кои ни преостануваат треба максимално да се мобилизираме, а најновите анкети кои ги добив утрово велат дека ќе биде голема победата и на 24 април и на 8 мај, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Чаир.
Мицкоски истакна дека сега во Македонија имаме политичка гарнитура која повеќе од две децении е на власт, тоа се ДУИ чија суштина се поделби и грабеж на народот.
– Кога ќе анализирате која е суштината на ДУИ, Али Ахмети и Артан Груби, Бујар Османи, Талат Џафери и останатите, кај нив нема ништо посебно тие само го делат народот по етничка основа и така опстојуваат. Дали некој може да се сети некоја добра работа која Али Ахмети и Артан Груби ја имаат направено, но можам да кажам десетици лоши работи, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека сега ДУИ сериозно ќе бидат изненадени на овие избори, а им се познава нервозата затоа што после 8 мај треба да одговараат за сето она што му го направија на народот, за целиот грабеж.
Мицкоски се осврна на проектите кои ги планира идната влада од ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека се планира да се инвестира 250 милиони евра секоја година во општините, 1 милијарда во 4 годишен мандат.
– Во Чаир ќе има висока сума, еден од проектите е проширување на булеварското решение на влезот од Бит Пазар кон Чаир и тоа мора да се направи и го повикувам градоначалникот да се пријави со повеќе проекти. Тоа ќе додаде вредност во квалитетот на живеење. На Македонија и треба обединување и единство не поделба, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ планира да отвори нови 55.000 работни места, да функционира со владеење на правото на целата територија и нема да има територии каде ќе владејат шерифи.
Да обезбедиме пристојни услови за поголем инвестициски бран и од странство и од домашни инвеститори за да може децата да останат тука. Мораме и тие кои си отидоа да ги вратиме назад. Да обезбедиме надеж. Ве повикувам на 24 април сите да се обединиме околу број 2 и да гласаме за Гордана Силјановска Давкова, а потоа да се обединиме и заедно на 8 мај да испишеме историја за коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.
Македонија
Доц. д-р Бобан Карапејовски: Ќе обезбедиме вработување на најдобрите 200 студенти, како и стипендии од 500 евра месечно
Носителот на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 1, Бобан Карапејовски на денешната прес конференција рече дека во програмата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за парламентарните избори, наречена „Проглас за достоинствена Македонија“ еден од приоритетите се образованието и науката, кои се суштински за градењето силна и просперитетна држава.
„Во Прогласот за достоинствена Македонија на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, предвидовме два сегменти: зголемување на достоинството на вработените во образованието и во науката и поставување нов систем, со кој овој сектор ќе се врати во фокусот и ќе помогне во создавањето функционално писмен и високообучен кадар, како и продлабочување на
научните истражувања“, рече Карапејовски и додаде: „Во однос на првиот постулат, достоинството на вработените во образовниот сектор, е предвидено платите на наставниците и на професорите да се зголемат до 100 % од актуелните. И, тоа е најмалку што можеме да направиме за да му го вратиме угледот на учителот и да ги привлечеме најдобрите да бидат
даскали на нашите деца“.
Тој потенцира дека за најдобрите студенти ќе се обезбедат стипендии во износ од 500 евра месечно, а за најдобрите двесте студенти вработување во научните и во институциите на системот.
„Партиските вработувања мора да запрат! Не смее партиската книшка да биде услов за вработување. На универзитетите и во државните институции треба да работат најдобрите за најдоброто за сите нас. Ни треба научен подмладок веднаш, како и
ревизија на условите и зголемување на квалитетот на акредитираните универзитети, кои се множат на секој чекор, а не даваат квалитет“, рече тој.
Карапејовски рече дека наставните програми и планови ќе се усогласат со модерните технологии и достигнувања и појасни дека ќе се изгради систем што ќе поттикнува креативно, аналитичко и логичко размислување кај учениците, но и ќе поттикнува креативност во областа на бизнисот и на финансиската едукација. Учебниците ќе бидат усогласени со новите наставни планови и програми и напишани од најдобрите автори, навреме доставени до учениците.
Тој исто така рече дека издвојувањата од буџетот за науката ќе се зголемат, а ќе има и посебни стимулации за оние што успеваат да објавуваат во најпрестижните списанија и да соработуваат со колегите од најдобрите светски универзитети, како и посебни субвенции за таканаречните национални дисциплини.
Македонија
Пендаровски: Ги знам нивните лажни анкети, ги знам и реалните анкети и реално ви кажувам дека на 8 мај победуваме!
На само неколку дена пред првиот круг на гласање, од Скопје кандидатот за претседател Стево Пендаровски искажа верување дека по повеќе од три децении независност, македонските граѓани многу добро знаат да препознаат чија програма е реална, а која е во расчекор со времето во кое живееме.
„Овој претседател и оваа политичка гарнитура никогаш не давале лажни надежи и ветувања за брза реализација на стратешките цели на државата. И денес пред вас, не велам дека Македонија за само неколку години ќе биде најразвиената држава во Европа, не ветувам дека целиот тој процес ќе трае само неколку месеци, но, говорам и повторувам секаде дека најголемиот ризик е ако на изборите им дадеме шанса на оние за кои претходно веќе видовме како владеат со луѓето цели 11 години“, истакна Пендаровски.
Пендаровски денеска повика на масовна излезност на 24 април и на 8 мај, за како што рече, да не се враќаме во режим.
„Ги знам нивните лажни анкети, ги знам и реалните анкети и реално ви кажувам дека победуваме на 8 мај. Со заокружување на бројот 1 продолжуваме кон Европа и кон развиениот свет и дефинитивно не се враќаме назад во режим и заробена држава“, рече Пендаровски.