Македонија
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ најсилна женска организација

Под мотото „Посветено, храбро, успешно за Македонија“ во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ се одржа 17. Годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
Во спортската сала, која е во боите на партијата, пристигнаа жени од општинските комитети на владејачката партија од речиси сите градови од земјава. Настанот почна со културно-забавна програма со настап на домашни уметници и естрадни изведувачи.
На присутните им се доделени македонски знамиња, а на оградите има транспаренти кои означуваат од каде се пристигнале членки од оваа партија, од Скопје, Битола, Чаир, Прилеп, Пехчево, Велес, Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево…
Целта на оваа конференција, како што најави партијата, е да се претстават достигнувањата што до денес ги има постигнато Владата, а кои се поврзани со положбата на жената во македонското општество.
На насобраните се очекува да им се обрати Даниела Рангелова, претседателка на Унијата, која рече дека тие се најсилна женска организација во Македонија и пошироко.
Таа истакна дека благодарение на нивниот труд, гласот на жената во земјава денес се слуша многу повеќе отколку во минатото.
„Ние од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ го имаме својот глас. Ние сме силни жени и затоа сме најсилната женска организација во државава и пошироко. Гласот на жените во Македонија одамна се слуша, и за волја на вистината е вреднуван многу повеќе од претходно“, рече Рангелова.
„Уште пет недели до големата победа на македонските граѓани против сите оние кои ги потценуваа и со подготвени сценарија одлучија да му го земат мирот. Уште пет недели до изборите кои ќе бидат пример до сите дека не може со напишано сценарио да се урне држава и да се разнебити народ. Дека во една држава со слободоумен народ ни странски служби, ни некој кој однадвор те спремал, како што вели самиот мој политички опонент, не може да го прелаже народот. Уште пет недели кога ние од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ќе го почнеме новото време кое Македонија го заслужува. Свесни за работите и кои кај нас треба да ги промениме, но и промени на подобро во државата, преку реални проекти и мерки“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на денешната конференција на Унијата на жени на партијата.
Груевски рече дека на следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи со одлична програма која е реална и остварлива./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.