Македонија
Поради немање греење во прекин наставата во струшкото училиште „Јосип Броз Тито“
Со одлука на советот на родители, од утрово, во прекин е наставата во основното училиште „Јосип Броз Тито“ во Струга, како и во подрачните училишта во Враништа и Мислешево. Причина е немањето на нафта за греење поради што наставата во овие училишта веќе извесен период се одвива во студени училници, јавува Охридњус.
Од советот на родители најавија дека децата нема да одат на училиште сè додека не се реши проблемот.„Ставот е што побрзо да се реши случајот, да се нема прекин на наставата. Да не се губат денови бидејќи тие денови ќе треба да се одработат во саботи, затоа што побрзо треба да се донесе нафтата и да е среди ситуацијата“ изјави Крсте Бунчески, претседател на Совет на родители ООУ Ј.Б.Тито – Струга.Одговорните во училиштата изјавија дека се во постојана комуникација со надлежните во општина Струга со цел надминување на настанатиот проблем, од каде добиле уверување дека во најкраток можен рок ќе биде обезбедена нафта за греење која ќе биде доставена до училиштата каде наставата е во прекин.„Добиваме ветување дека денес треба да има дотур на нафта со што би се нормализирала наставата, доколку не стигне денес и утре нема да се работи, ќе се работи тогаш кога ќе се нормализира состојбата со нафтата“, рече Тони Савески, директор на ОУ Ј.Б. Тито.Од 13 училишта во општина Струга, 11 имаат блокирани сметки, а нивниот вкупен долг изнесува околу 1,5 милиони евра.„Општо познато е дека имавме малку потешкотии како секаде во државата поради тоа што училиштата имаат блокирани сметки затоа нè овластија нас да извршиме набавка и во секој момент очекуваме нафта, значи од денес ќе почнеме со испорака на нафта“ вели Сурија Рашити, од секторот за образование при општина Струга.Рашити информираше дека локалната самоуправа ги презела долговите на училиштата и дека во иднина таа ќе ги подмирува потребите за огрев и превоз на ученици, бидејќи блок дотациите од државата не се доволни да ги покријат сите трошоци, што го доведува во прашање нормалното функционирање на образовните установи./крај/ох
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Склучен Меморандум за соработка помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје
Денес во просториите на Економскиот факултет – Скопје, деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа состанок со г-дин Александар Манев-генерален директор на Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје и со претставници од истата институција.
Во рамки на остварената средба, се одвиваше плодна дискусија во насока на унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете институции како и обезбедување достапност на професионална размена на искуства заради остварување на заеднички цели. Во таа насока, состанокот се заокружи со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете страни со кој се официјализираше соработоката помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје.
Со ова, двете институции се согласија да соработуваат во реализација на широк спектар на активности и иницијативи од взаемен интерес за едукација и подобрување на знаењето и стручноста преку најразлични активности и проекти од взаемен и општествен интерес, реализирање на практична настава за студентите од Факултетот, презентирање на практични проблеми, решенија, предизвици и можности за студентите на Факултетот, организирање работилници и конференции, и други активности.
За време на посетата, генералниот директор, г-дин Александар Манев и останатите претставници, во придружба на деканот и продеканите на Економскиот факултет – Скопје, ги разгледаа капацитетите со кои располага Економскиот факултет – Скопје.
ПР
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.
Македонија
Апасиев: НАТО не носи демократија, НАТО е кршач на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, за декларацијата на Собранието по повод четири години од членството во НАТО истакна дека Нато не носи демократија.
Нато, според него, е кршач на меѓународното право и повелбата на Обединетите Нации.
„Без дозвола на Совет за безбедност НАТО ја нападна Југославија во 1999 година, ја нападна Либија, го нападна Ирак и редици други држави.
Последниот пункт е дека народот сакал во НАТО. Не е точно. Не е испочитуван член 120 од уставот кој што вели: Одлуката за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинство од вкупниот број на избирачи. Референдумот во 2018 беше неуспешен и немаше цензус и оттука уставниот услов за да влеземе во НАТО не е испочитуван, што значи противуставно и против волјата на народот сме влезени во НАТО”, додава Апасиев.