Македонија
Потпишана петта Програма за културна соработка меѓу Македонија и Хрватска за периодот 2016-2019 година
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во неделата во рамките на еднодневната работна посета на Хрватска, во Дубровник оствари билатерална средба со хрватскиот министер за култура, Златко Хасанбеговиќ.
На средбата, двајцата министри за култура ја потпишаа петта по ред Програма за културна соработка меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Хрватска за периодот 2016-2019 година, која претставува правна рамка за интензивирање на заемната соработка меѓу институциите и соодветните здруженија од сите области на културата и уметноста во двете земји.
На средбата двајцата министри за култура изразија задоволство од досегашната соработка помеѓу Република Македонија и Република Хрватска постигната во сите области на културата, која претставува плод на дведеценискиот труд на дипломатските односи кои ги негуваат двете држави. Канческа-Милевска и Хасанбеговиќ се согласија дека Програмите за соработка кои досега беа потпишани дадоа одлични резултати што се конкретизираше со богата соработка помеѓу инстутуциите од областа на културата, при што голем број на македонски уметници континуирано се презентираат во Хрватска, но и значаен број на хрватски автори се редовни гости во нашите институции и на најзначајните манифестации во нашата земја.
Министерката за култура на средбата нагласи дека Министерството за култура редовно ги поддржува активностите на здруженијата на Хрватите во Република Македонија, но поддршка добиваат и македонските здруженија во оваа земја за што упати благодарност до својот хрватски колега. Канческа-Милевска ја истакна и одличната соработка меѓу НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје и Националната универзитетска библиотека од Загреб, кои во 2014 година потпишаа Договор за соработка, во чии рамки беа организирани Денови на хрватска книжевност во Македонија, но и Денови на македонската книжевност во Хрватска.
Со особено внимание беше потенцирана и финансиската поддршка која ја обезбедува Министерството за култура за издавање на преводи на македонски јазик на реномирани хрватски автори и во тој контекст за македонската читателска јавност се достапни делата на Дубравка Угрешиќ, Бранко Чегец, Ренато Баретиќ, Златко Крамариќ и многу други автори.
Министерката за култура потенцираше дека на Конкурсот за откуп на публикации во последниве две години, откупени се преводите на книги од хрватски автори, а дела на некои од најпознатите писатели од оваа земја се застапени и во капиталниот проект на Владата на Република Македонија „Ѕвезди на светската книжевност“. Канческа-Милевска на средбата својот хрватски колега го запозна и со Конкурсот за финансирање на преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици, преку кој на хрватскиот книжевен пазар веќе се достапни делата на Игор Исаковски и Христо Петревски.
Беа истакнати гостувањата на македонските театри на фестивалите во Хрватска, како и признанијата за Македонскиот народен театар и Театарот Комедија доделени на фестивалите во оваа земја. Беше потенцирана и одличната соработка во областа на музичката дејност, во чии рамки минатата година, Македонската филхармонија имаше исклучителен настап во најголемата концертната сала во Загреб, „Ватрослав Лисински“, каде пак годинава впечатлив настап имаше и детскиот хор „Златно славејче“ кој настапи заедно со реномираниот хрватски детски хор „Децата од Рибњак“. Канческа-Милевска го поздрави и редовното учество на хрватските уметници на фестивалот „Охридско лето“ каде публиката изминатите години имаше можност да ги проследи исклучителните изведби на врвни уметници како Максим Мрвица, Иво Погорелиќ, Звонимир Шестак, Един Карамазов и многу други. Реномирани автори од Хрватска редовно се претставуваат и на „Струшките вечери на поезијата“, како и на театарските фестивали „МНТ Фест“ и “МОТ“.
Во контекст на интензивирање на соработката помеѓу двете земји, двајцата министри за култура разговараа и околу соработката помеѓу манифестациите „Охридско лето“ и „Дубровнички летни игри“, кои се членки на европската асоцијација на фестивали и потписници на „Которската иницијатива“. На средбата беше иницирана и соработка помеѓу Музејот на современа уметност, Националната галерија на Македонија и Археолошкиот музеј на Македонија со сродни институции од Хрватска што ќе претставува платформа за размена на конкретни проекти. Министерката за култура нагласи дека треба да продлолжи и одличната соработка во филмската дејност во чии рамки се реализираа неколку копродукции.
На средбата беше подвлечена и плодната релација што се остварува во областа на заштитата на културното наследство и размената на стручни кадри во рамките на меѓуинституционалната соработка, потоа соработката во рамките на УНЕСКО, во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство и подводната археологија. Беше истакната и одличната соработка помеѓу двете земји во рамките на Форумот на словенските култури при што беше нагласено дека во септември годинава во Задар, ќе се одржи церемонијата за доделување на наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј, а македонски кандидат е Заводот и Музеј од Штип.
Министерката за култура, Канческа-Милевска на покана на хрватскиот министер за култура, вечерва ќе присуствува и на свеченото отворање на 67-то издание на реномираната манифестација „Дубровнички летни игри“. Истовремено, таа упати и покана до нејзиниот хрватски колега да биде гостин на годинашното издание на најзначајната музичко-сценска манифестација во нашата држава, фестивалот „Охридско лето“, како и на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Демири и Манолева во Охрид: Здравствениот дом со реновирана служба за вакцинации и две нови амбулантни возила
Министерот за здравство Илир Демири и заменик министерката Маја Манолева, денеска се во работна посета на Охрид, каде што ги посетуваат Здравствениот Дом во Охрид и Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“–Охрид.
„Во изминатиот период, Здравствениот дом значително ги унапреди условите со реновирање на просториите во Службата за вакцинации, како и зголемување на нивото на здравствена заштита, рече министерот Демири.
Со обнова на опремата за лабораторија и медицинска апаратура се прошири делокругот на анализи кои сега се вршат во зздравствената установа.
„Како што ме информираше директорката, набавени се две амбулантни возила за Итната медицинска помош од сопствени средства, со што се изврши обнова на возниот парк, поефикасно, побрзо и навремено реализирање на здравствените услуги за пациентите“, изјави Манолева.
Со цел подостоинствени услови за пациентите и вработените, потпишан е договор за поправки, санација на објектот „Маларична“ со примена на фасада, кров и партерно уредување. Исто така, спроведена е постапка за санација на објектот амбуланта Белчишта во вредност од 7.665.280.00 денари од сопствени средства.
Скопје
(Видео) „Прифатена Иницијативата за конфискација на дивоградби, ова е голема победа на општината“, вели Герасимовски
Општина Центар извојува победа. Една година по поднесувањето на Иницијативата за регулирање, конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти од градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски до ЗЕЛС, Собранието го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.
Станува збор за Иницијатива со која на сите локални самоуправи во државата им се дава можност за конфискација на бесправно изградените објекти на нивна територија и нивна пренамена во функција на општината.
„Општина Центар е лидер во промени, лидер во храбри и позитивни одлуки и решенија во полза на граѓаните. Прифаќањето на Иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти и нејзино преточување во Законско решение е победа на Општина Центар но и сите други општини во државата. Собранието на 19 овој месец, го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имот на корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, каде во Членот 66 е преточена Иницијативата која ја поднесов до ЗЕЛС со која се дава можност Агенцијата за конфискуван имот врз основа на одлука на Владата дивоградбата да ја предаде на општината. Ова значи дека ние општините имаме две можности или да го легализираме објектот или доколку има услови истиот да го урнеме во рок од 6 месеци од прием. Доколку одлучиме да го легализираме, ќе можеме да го дадеме на социјално ранливи категории на граѓаните или на користење за разни културни, пензионерски, младински домови“, посочи Герасимовски денеска пред медиумите.
Герасимовски појаснува дека новото Законско решение налага локалните самоуправи да не можат да го ОТУЃАТ објектот на градежни фирми или други субјекти кои се работат со недвижности, што всушност значи дека се иззема било каква можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти. Новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка не се однесува за дивоградбите кои се на приватно земјиште, за кои веќе се води инспекциска постапка за рушење или се води постапка за легализација.
На прес-конференцијата Герасимовски потсети дека иако поднесувањето на Иницијативата беше широко прифатена од градоначалниците сепак мораше да ги помине институционалните процедури во Министерството за транспорт и врски, Министерството за правда и Собранието како законодавен дом.
„Во државата има близу 100 илјади дивоградби, еве во Општина Центар има дивоизградени објекти и на државно земјиште и во зелена зона. За онеспособување на два такви поголеми објекти сумите се енормно високи, околу 5,5 милиони денари за две згради да ги оневозможиме да бидат функционални. Но сега со новото законско решение наместо дувло на бездомници како што најчеста е реалноста дивоградбите ќе можат да се пренаменат и за други потреби односно да бидат или пензионерски домови, креативни работилници или клубови за млади или пак предадени за социјално загрозени семејства“, потенцира Герасимовски.
Герасимовски напоменува дека со донесувањето на ова законско решение ќе се превенира урбанистичкиот хаос, а градежниците ќе треба да се запрашаат дали ќе градат без одобрение за градба. Воедно потсетува градоначалникот дека средствата планирани за уривање на нелегални објекти општините ќе може да ги пренаменат во други потреби за граѓаните.
Македонија
ЛДП в петок организира Pet Friendly ден во канцеларијата „Либерално ќоше“
Во новоотворената канцеларија на ЛДП „Либерално ќоше“ во срцето на Скопје в петок од 18:00 часот ќе се одржи „Pet Friendly“ ден за дружење, разговори и идеи на граѓаните со претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова.
– Водејќи се од нашата совесност, свесност и одговорност, покренавме иницијатива за носење на нов закон за благосостојба на животните. Милениците, се семејство, не потрошен предмет и затоа секој сопственик кој го остава својот миленик на улица треба да сноси одговорност и да се обезбеди регулиран систем на одговорно одгледување и размножување. Воедно да се обезбедат соодветни услови за бездомните кучиња и мачки и при тоа да ги заштити граѓаните од несакани повреди, е пораката на Зајкова.
Граѓаните се добредојдени на петочното дружење заедно со своите миленици, а своите идеи и предлози може да ги споделат и во писмена форма.
На полето на заштита на животните, ЛДП до Собранието поднесе и предлог за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, којшто ќе воведе построги мерки против оставање животни на улица, поодговорно сопствеништво и ќе ги подобри нивните услови.