Македонија
Преку Франкфурт до Рим на продолжен викенд, Филипче се врати во Скопје и во улога на партиски портпарол глуми грижа за државата и граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Преку Франкфурт до Рим на продолжен викенд, Венко Филипче се врати во Скопје и пак во улога на партиски портпарол лие крокодилски солзи, глумејќи грижа за државата и граѓаните.
Истиот тој Филипче, кој беше дел од владата на Зоран Заев, кој ја опљачка државата, ги осиромаши граѓаните, ги уништи институциите, ја опустоши економијата, го уништи стандардот на граѓаните, така што пола милион граѓани ги донесоа на просјачки стап со по 150 денари на ден и со одвај по еден оброк дневно, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„А, Венко Филипче, како министер за здравство во таа влада на Заев, е посебна приказна. Во корона периодот, кога требаше да покаже вистинска грижа за граѓаните и државата, тој мислеше само како да намести тендери за некој процент плус да му заврши во неговиот длабок џеб.
Така, наместо здравјето на граѓаните да му е приоритет, тој избра да биде главен тендераш, лично подготвувајќи ја тендерската спецификација за модуларните болници, каде во Тетово животите ги загубија 14 македонски граѓани, поради лошите стандарди и неквалитетни материјали, за Филипче да ќари 20% од проектот“.
Според партијата на власт исто е како што велат и со приватизацијата на стерилизацијата, обидите за набавка за ковид вакцини по цена дупло повисока од пазарната, и тоа од компанија што се занимава со продажба на овошје, како желбата да ја купи приватната клиника Жан Митрев по багателна цена.
„А за криминалот и пљачката на енергетскиот сектор, јасно зборува луксузниот џип Ауди Q8, кој Филипче го доби подарок од фирмата која добила милионски тендери за набавка на јаглен за потребите на ЕСМ.
Тоа што Филипче и СДС направија евроинтеграцијата на државата е само срамната слика во авионот на владина свита, лажејќи ја македонската јавност дека ги отвориле преговорите се ЕУ, додека од друга страна најверни другари им беа прорускиот криминалец Онишченко, кому му доделија македонско државјанство, белорускиот конзул Борче Марковски, кому му доделиле 77 државни тендери од кои 66 во вредност од 141 милион евра беа од ЕСМ, како и прорускиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, за кој Заев, ден по формирањето на владата во 2020 година, менуваше ДУП во Тетово, за да му овозможи изградба на 2.000 станбени единици вредни 200 милиони евра“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС е партијата која ја остави државата со висок јавен долг и економска нестабилност, а денес Филипче, додаваат од таму, лицемерно зборува за финансиска дисциплина и бара воведување на некакви нивни предлог мерки.
Го потсетуваат како што наведуваат, дека токму нивните штетни политики доведоа до енергетска криза, инфлација, сиромаштија и нарушена бизнис клима.
„Владата предводена од Христијан Мицкоски спроведува одговорни и одржливи мерки за заштита на стандардот на граѓаните, без да го загрози буџетот и финансиската стабилност.
Во однос на евроинтеграциите, ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто определена за членство во ЕУ, но без прифаќање на штетни и понижувачки отстапки на штета на националните интереси.
За разлика од предавничката СДС, ние се залагаме за достоинствен и рамноправен европски пат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Наместо Копенхашки реформи, трошиме енергија на политичка ревизија на историјата
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата на Република Словенија, одржа предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Љубљана, на којшто докторирала, на тема: „Уставните трансформации на патот кон ЕУ: реформи или уставен инженеринг?“, пред бројни професори, студенти и претставници на дипломатскиот кор.
Предавањето се однесуваше на природата на уставот, како највисок правен акт и најширок и најважен договор меѓу граѓаните, со акцент на уставните измени како механизам за реформа на политичкиот систем или моделот на организација на власта, заради решавање на општествени проблеми од различен карактер.
Во фокусот беше македонскиот устав и неговите 36 амандмани од 1992 до денес.
Гордана Сиљановска – Давкова оцени дека, нашиот устав, иако формално-правно се вбројува во цврстите устави, често се менуваше, а промените најчесто беа диктирани однадвор, а не се креирани одвнатре, добивајќи карактер на уставен инжењеринг, а не на реформски процес во интерес на граѓаните.
Исто така, претседателката укажа на непочитувањето на процедурата за уставни измени, со што се нарушува легитимноста на новите решенија.
Најпроблематично за Сиљановска – Давкова е што “sui generis” уставните решенија ги слабеат институциите, граѓанинот и граѓанското општество, а ги јакнеат етничките водачи како арбитри во општеството.
Според претседателката, ние имаме насушна потреба од пристојна, модерна држава и демократски, функционален политички систем, сличен и компатибилен со европските.
На предолгиот пат кон Брисел, обременет со препреки врзани за идентитетски прашања, коишто, според европскиот конституционализам не може да бидат услов за евроинтеграција, ние најчесто бевме туркани во уставни измени коишто не водат напред, туку не враќаат назад, закотвувајќи не во ирационални историски ровови.
Гордана Сиљановска – Давкова, преку цитирање мислења на Венецијанската комисија, членови од основачките акти на ЕУ, пресуди на Судот за човекови права од Стразбург, одредби од уставите на други држави, ставови на професори по Уставно и Меѓународно право укажа на правната и политичка проблематичност на Преговарачката рамка и Заклучоците на Европскиот совет за нас, посочувајќи дека преку политичка и/или правна интерпретација, во духот на европското право треба да се надмине status quo состојбата во која се наоѓаме, без да бидеме втурнати во нов чин на уставен инжењеринг, губејќи ја енергијата на политичка ревизија на историјата, наместо на Копенхашки реформи!
Претседателката одговори на бројни прашања, поставени од студенти, колеги и амабасадори, по што следеше дебата со македонските студенти и професори во Словенија.
Македонија
Метеоролозите најавуваат нестабилно време со врнежи и ветер во текот на продолжениот празничен викенд
Времето утре променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните западни и источни региони ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец со брзина од 50 km/h.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови ќе се задржи променливо облачно време. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 50 km/h). Во четврток ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во петок и во деновите од продолжениот викенд на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи и силен ветер (над 60 km/h).
Македонија
Савески на Регионалниот форум за јавни обвинители во Сараево организиран од Европравда
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески денеска во Сараево учествуваше на Третиот консултативен форум на државни и специјални обвинители од Западен Балкан што се одржува во организација на Европравда. На состанокот учествуваше и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази.
Само со координирани дејствија, со брза размена на информации, со размена на искуства и знаења јавните обвинителства во регионот можат да одговорат на предизвикот што го носи борбата против организираниот криминал и корупција, оцени државниот обвинител Савески во своето обраќање на Форумот.
“Западниот Балкан одамна бил единствен регион. Близината на културите, јазиците, начинот на живеење не поврзуваат, но во исто време им овозможуваат и на сторителите на кривични дела лесно да ги префрлаат своите активности преку границите и да се обидуваат да избегнат кривичен прогон. Ги префрлаат и финансиските средства до кои дошле со коруптивни дејствија во обид да ги прикријат”, рече тој, ставајќи акцент на важноста на инструментите на меѓународната правна помош и меѓусебната правосудна соработка како одговор на овие појави.
Според Савески, размената на информации, брзата обработка на замолниците, координираните истражни активности и заедничките истражни тимови се механизми без кои денес нема ефикасна борба против криминалот и владеење на правото.
Тој ја нагласи важноста на Проектот за кривична правда на Западен Балкан, финансиран од Европравда, кој за македонското обвинителство во моментов е еден од најсилните инструменти за поддршка на овие активности и се заблагодари за поддршката од Европравда, која обезбедува оперативна, финансиска и друга помош која му е неопходна на обвинителството за ефикасно справување со прекуграничниот криминал.
Кривичните дела од областа на организираниот криминал и корупцијата се во пораст, а паралелно на тоа, статистиката укажува на раст и на бројот на предмети во кои била побарана или обезбедена меѓународна соработка со цел нивно ефикасно решавање.
На ваквите трендови укажа и Абази.
“Од перспектива на обвинител, можам да кажам дека во пракса сè почесто се соочуваме со предмети во кои криминалните структури дејствуваат истовремено во повеќе држави — преку финансиски трансакции, дигитални комуникации, транспортни рути и комплексни логистички мрежи, што бара координиран, брз и ефикасен институционален одговор. Во такви случаи, заедничките истражни тимови кои ги формираат нашите држави не се само корисен механизам, туку реална оперативна неопходност. ОЈО ГОКК во изминатиот период воспостави заеднички истражен тим со Косово во предмет од областа на недозволена трговија со наркотични дроги, како и заеднички истражен тим со Италија, Албанија и Косово во предмет од областа на тероризмот. Овие искуства покажаа дека заедничките истражни механизми овозможуваат значително поефикасна координација, побрза размена на информации и синхронизирано преземање истражни дејствија”, рече обвинителот Абази.
На маргините на Форумот во Сараево, Савески се сретна со претседателот на Европравда Мајкл Шмид, а оствари билатерални средби и со државните јавни обвинители на Црна Гора, на Босна и Херцеговина и на Косово.
