Македонија
Премиера на документарниот филм „Гласна тишина“ – 15 години мировно образование
Денес, во просториите на Кинотека на Македонија во Скопје, Првата детска амбасада во светот Меѓаши ја одбележа 15-годишнината од Програмата за мировно образование со премиерна проекција на краткиот документарен филм „Гласна тишина“.
Настанот обедини ученици, наставници, професори, практичари и активист(к)и, испраќајќи силна порака дека мирот е активен и храбар избор, практика што се гради секојдневно преку разбирање, почит и ненасилна комуникација.
Во рамки на настанот, беше потенцирана важноста на мировното образование, не само како образовна содржина, туку како сеопфатна вредносна рамка која придонесува за развој на хумани односи, градење доверба и создавање инклузивни заедници.
На проекцијата присуствуваа околу стотина ученици и нивните наставници од десетина училишта, како и претставници од институции, граѓанскиот сектор и меѓународни партнери. Филмот ги прикажува почетоците на програмата, причините за нејзиното воспоставување, начинот на вклучување на наставниот кадар и учениците, како и постигнувањата и предизвиците во изминатите години.
По проекцијата, се одржа интерактивна дискусија со учениците, на која се отворија прашања за врсничкото насилство, неговото влијание врз менталното здравје и можностите за создавање безбедна и поддржувачка средина во училиштата и заедницата. Учениците активно споделија свои искуства, ставови и предлози за справување со булингот.

Во документарниот филм говорат наставници, ученици и реализатори на програмата, прикажувајќи ја нејзината трансформативна улога, како на индивидуално ниво, така и во пошироката заедница. Посебен акцент е ставен на регионалната димензија на мировното образование и неговото значење во контекст на современите општествени предизвици.
Програмата за мировно образование веќе 15 години се спроведува во земјата и претставува уникатен пример за градење култура на мир и ненасилство. До денес, во неа се вклучени 76 училишта, над 300 наставници и повеќе од 8.000 ученици. Реализирани се над 100 обуки преку кои учесниците стекнаа практични вештини за ненасилна комуникација, управување со конфликти, градење доверба и соработка.
„Програмата за мировно образование не е само проект, туку вредносно поставена иницијатива која создава долгорочни општествени промени. Таа е од суштинско значење, особено во услови на поделби, верски, социјални, јазични и економски, бидејќи гради основа за поправедно и инклузивно општество“, беше истакнато на настанот.
Учесниците нагласија дека вклучувањето на мировното образование во образовниот систем е клучно, бидејќи значи вложување во младите и во иднината на општеството. „Мирот не е тишина, туку храбра секојдневна акција“, порачаа наставниците, истакнувајќи дека преку ваквите програми младите се развиваат во одговорни граѓани кои ги живеат и пренесуваат вредностите на почит, дијалог и разбирање.
Програмата започна во април 2011 година, а денес претставува широка мрежа на „мировни училишта“ низ Македонија , тоа е заедница која учи, соработува и расте заедно.
Проектот е поддржан од германската организација Kurve Wustrow, преку Германското министерство за економска соработка и развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петрушевски: Официјална Софија и Филипче зборуваат со ист речник – но едните ги бранат своите, а другиот нивните интереси
Венко Филипче денес се радува што Бугарија потврдила дека уставните измени биле „европско, а не билатерално прашање“, коментира пратеникот Бране Петрушевски.
„Па нормално дека ќе го потврдат тоа! Токму СДС дозволи бугарските уцени да станат дел од нашиот преговарачки процес, поради нивната сервилност, неспособност и криминално владеење. Филипче нема ниту морално право, ниту политички кредибилитет да зборува за Европа.
Официјална Софија и СДС зборуваат со ист речник и со исти тези. Разликата е што Бугарија ги брани своите, а Филипче упорно им штети на македонските национални позиции.
Со ВМРО-ДПМНЕ, Македонија ќе оди кон Европа само исправена, достоинствена и со зачуван идентитет, а не понижена и на колена како што ја остави СДС“, се вели во реакцијата.
Македонија
Алиу: Медицинските сестри и акушерките се темел на здравствениот систем
Оваа недела е потсетник на огромната улога што медицинските сестри и акушерки ја имаат во здравствениот систем и во општеството во целина. Вашата професија не е само работа, туку секојдневна грижа, посветеност, хуманост и поддршка за пациентите и нивните семејства. Вие сте столбот на здравствената заштита. Без вашата стручност, пожртвуваност и човечки пристап е невозможно да се замисли квалитетен здравствен систем – од превенција и дијагностика, до лекување, рехабилитација и нега, истакна министерот за здравство Азир Алиу на свечената академија во Тетово, во организација на Сојузот на здруженијата на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“.
Во обраќањето тој ја нагласи и заложбата за континуирано унапредување на условите за работа, професионален развој и зајакнување на кадарот во јавните здравствени установи.
Воедно, упати благодарност до сите медицински сестри и акушерки за нивната посветеност, професионалност и секојдневна грижа за пациентите.
Македонија
Казината ќе се дислоцираат од училиштата, се отстрануваат терминалите – Владата го утврди предлог-законот за игри на среќа
Владата го утврди новиот усогласен текст на Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, кој ќе биде испратен до Собранието, најавувајќи, како што се наведува, „нова, посериозна и поодлучна фаза“ во борбата против нелегалното коцкање и неговото влијание врз младите.
Како што истакна портпаролката, Венера Азизи, фокусот на законот е ставен на заштита на децата, младите и семејствата, преку значително построги правила за рекламирање и локација на објектите за игри на среќа.
Со новите решенија се забранува рекламирање надвор од деловните простории доколку тоа има за цел да поттикнува учество во игри на среќа, како и пораки кои коцкањето го прикажуваат како начин за финансиски успех или решение на животни проблеми. Дополнително, се забранува и рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници.
Една од клучните мерки е и воведувањето минимална оддалеченост од 500 метри меѓу објектите за игри на среќа и основните и средните училишта.
„Со законот се предвидува сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа во казина, автомат клубови и електронски игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Во обложувалниците кои се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување на електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа“, истакна Азизи.
Паралелно, институциите информираат дека се засилуваат и мерките против нелегалното онлајн коцкање, при што досега се затворени 358 нелегални странски платформи кои, како што се наведува, работеле без лиценца и без контрола.
Од Владата порачаа дека ќе продолжат со засилени контроли и законски мерки, со цел воспоставување „одговорен и контролиран систем“ и поголема заштита на граѓаните.
