Македонија
Пријавени и шестмина исчезнати, нема податоци за штетите од невремето
Се уште нема официјални информации колку штета и каде е направена во вчерашното невреме што го зафати скопскиот регион, во кое најмалку 15 лица загинаа, а шест лица се пријавени за исчезнати.
Советот на Град Скопје за во недела попладне во 14 часот закажа вонредна седница на којашто ќе се расправа за мерките кои ќе се преземат за санирање на штетите од невремето кое беше најголемо во реонот на Стајковци, Сингелиќ, Смилковци.
На социјалните мрежи се објавуваат фотографии од жртви, потонати автомобили, разрушени и поплавени домови, а голем дел од овој регион остана и без електрична енергија.
Сообраќајот по обиколница од клучка Хиподром до клучка Сарај се уште е во прекин и се расчистува, соопштуваат од АМСМ.
Од 01:45 часот на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје кај клучка Југ патничкиот сообраќај е пренасочен преку градско подрачје до клучка Север.
Освен скопскиот, невремето го зафати и тетовскиот регион, а зафатени се селото Бродец и село Шипковица. Патот меѓу двете села е отсечен во должина од 200 метри и оштетен во должина од 10 метри.
Во Скопје каде се измерени 93 литри на метар квадратен, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи за мерењата на наврнат воден талог до 8 часот утрово.
За во недела повторно се најавуваат врнежи и грмежи, а стабилизација на времето се очекува во среда.
Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, најпрво ќе бидат зафатени западните делови, а потоа кон крајот на денот и во вечерните часови ќе се прошират и во централните и североисточните делови.
Процесите се очекува да бидат поинтензивни локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, особено во западните делови. Ќе дува повремено и умерен до засилен ветер.
Дневната температура ќе биде во интервал од 25 до 32 степена.
Во Скопската котлина времето ќе биде променливо а попладне нестабилно со врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни и со грмежи. Врнежите се очекува да бидат поинтензивни кон крајот на денот и во вечерните часови. Дневната температура ќе достигне до 29 степени.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ: Мицкоски сака враќање на државата пред 2001 година, Македонија без Албанци
Мицкоски и ВМРО јавно бараат Македонија без Албанци. Тој дури отворено ги повикува сите Македонци да се обединат против Али Ахмети и ДУИ, се вели во партиското соопштение од ДУИ.
– Мицковски на митингот во Кратово побара обединување на сите Македонци за Албанците да не добијат ниту еден пратеник во третата изборна зона. Вокабуларот на Мицкоски не е само против Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, туку и против Охридскиот рамковен договор, барајќи конкретно враќање на државата пред 23 години, се вели во соопштението.
Во соопштението се додава дека „ДУИ и Европскиот фронт изразуваат длабока загриженост за националистичкиот и антиевропскиот речник на ВРМО, кој чувствувајќи го поразот на 24 април и 8 мај, поттикнува меѓуетничка и антиевропска омраза во Северна Македонија“.
Исто така, тие ја повикаа албанската опозиција „да се вразуми и да не стане алатка на руската агенда што ја прокламира ВМРО и нивните гласноговорници“.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.