Македонија
Промовиран Националниот гео-портал на Република Македонија
Втора седница на Советот на Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП), со која претседаваше заменикот претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, Владимир Пешевски, се одржа во четврток.
На седницата на Советот на НИПП беше извршена и промоција на Националниот гео-портал на Република Македонија.
Вицепремиерот Пешевски, во своето воведно обраќање истакна дека со воспоставување на Националниот гео-портал, Владата на Република Македонија продолжува со успешна реализација на проекти со кои се олеснува пристапот до податоци на граѓаните, се подигнува ефикасноста и ефективноста на јавната администрација и се постигнува интеропарбилност со институциите на земјите членки на Европската Унија.
„Гео-порталот позитивно ќе влијае на зголемувањето на нивото на достапност до геопросторните податоци до сите заинтересирани субјекти и ќе го поттикне отворениот пристап кон објавувањето на геопросторни податоци. Гео-порталот претставува платформа која е важен предуслов за подигнување на нивото на техничката интероперабилност помеѓу институциите и развивањето на електронските мрежни сервиси за дистрибуција на геопросторни податоци“, потенцираше Пешевски.
Вoедно нагласи дека Република Македонија е во чекор со земјите членки на Европската Унија и процесот на реализација се одвива согласно утврдената динамика во европската INSPIRE директива донесена од страна на Европската Комисија.
Директорот на Агенцијата за катастер на недвижности, Славче Трпески изјави дека постигнатиот успех во областа на националната инфраструктура е резултат на неколку успешно реализирани проекти во Агенцијата за катастар на недвижности од оваа област. За тоа говори и првата награда доделена во март 2013 година, во рамите на проектот ИНСПИРАЦИЈА за земјите од Западен Балкан, проект финансиран со средства од Европската унија. Наградата се однесува на веб-апликацијата за поврзување податоци „да ја заштитиме животната средина“ која ги комбинира, обединува и визуелизира податоците од катастарот, со податоците од Министерството за животна средина, правејќи ги корисни и приспособливи за потребите на корисниците.
Националниот гео-портал е веб-решение кое овозможува да се врши пребарување и публикување на просторните податоци и сервиси.
Агенцијата за катастар на недвижности на гео-порталот ги постави геопросторните податоци кои се однесуваат на: државната граница, статистичките региони, единиците на локалната самоуправа, населените места и дигиталниот модел на терен, како и нивните соодветни веб-услуги. Со оглед на фактот дека податоците поставени на гео-порталот се изработени по европските стандарди, тие се компатибилни и подготвени за поврзување со INSPIRE порталот на Европската Комисија, со влезот на Република Македонија во Европската унија.
Со воспоставувањето на Националниот гео-портал придобивките од функционирањето на Советот на НИПП ќе бидат уште повидливи и особено значајни за подобрено донесување одлуки – подобрено планирање, спроведување на политиката и следење, поедноставување на процесот на соодветното планирање, управувањето со ризиците, како и зачувувањето и искористувањето на ресурсите, побрз одговор на итни ситуации, подобрено планирање и управување со транспортот и врските, развој на голем број владини електронски услуги кои се наменети за граѓаните, особено преку еВлада, како и за меѓународната соработка. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЛДП в петок организира „Pet Friendly“ ден во канцеларијата „Либерално ќоше“
Во новоотворената канцеларија на ЛДП „Либерално ќоше“ во срцето на Скопје в петок од 18:00 часот ќе се одржи „Pet Friendly“ ден за дружење, разговори и идеи на граѓаните со претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова.
– Водејќи се од нашата совесност, свесност и одговорност, покренавме иницијатива за носење на нов закон за благосостојба на животните. Милениците, се семејство, не потрошен предмет и затоа секој сопственик кој го остава својот миленик на улица треба да сноси одговорност и да се обезбеди регулиран систем на одговорно одгледување и размножување. Воедно да се обезбедат соодветни услови за бездомните кучиња и мачки и при тоа да ги заштити граѓаните од несакани повреди, е пораката на Зајкова.
Граѓаните се добредојдени на петочното дружење заедно со своите миленици, а своите идеи и предлози може да ги споделат и во писмена форма.
На полето на заштита на животните, ЛДП до Собранието поднесе и предлог за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, којшто ќе воведе построги мерки против оставање животни на улица, поодговорно сопствеништво и ќе ги подобри нивните услови.
Скопје
„Маски, смеа, рингишпил- дојди во Шеговил!“ – голема забава под маски во Кисела Вода
Под слоганот „Маски, смеа, рингишпил- дојди во Шеговил!“ општина Кисела Вода, в понеделник, на први април, организира голема забава под маски за најмладите.
Пред салата Расадник ќе биде поставен забавен парк со најразлични реквизити, ќе има кловнови и аниматори, а за музичкиот дел се задолжени „Поточиња”.
Настанот започнува во 11 часот, а за изборот на најдобра маска ќе одлучи жири комисија од општината. Најдобрите маски ќе добијат награди, велат од општината и ги покануваат сите дечиња да дојдат во Шеговил и со своите насмевки, шеги и маски да поминат еден прекрасен ден.
Македонија
Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори
Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.