Македонија
Просторот околу Калето прват доби урбанистичка документација, Советот на Центар усвои два нови плана
На шестата.седница на Советот на Општина Центар донесени се два нови детални урбанистички плана, за Градска четврт ЦС 14 „Кале и СРЦ Кале“ и за Градска четврт ЦС 01 „Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2“.
Донесувањето на овие ДУП-ови претставува усогласување со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012–2022. Дополнително, за првпат се носи детална урбанистичка документација за просторот околу Калето, со што се отвораат можности за современо уредување и подобра организација на просторот.
Со новите планови се унапредува сообраќајната и пешачката инфраструктура, а се предвидуваат и нови велосипедски патеки на главните улици „Самоилова“ и „Лазар Личеноски“. Тие ќе бидат поврзани со рекреативната патека покрај Вардар, со цел да се обезбеди функционална велосипедска мрежа на растојание од 200 до 300 метри. Предвидено е и подобрување на условите за пешаците, со пошироки тротоари и нови дрвореди.
На најатрактивниот дел покрај Вардар приоритет ќе имаат пешаците, со дозволен пристап на возила само за објектите кои имаат одобрение за градење со такви услови.
Во планот за ДУП Градска четврт ЦС 01 се предвидува спортски објект на државно земјиште покрај кејот, со површина од 9.295 квадратни метри. Во претходниот план на истиот простор беа предвидени хотелски комплекси.
Со ДУП Градска четврт ЦС 14, на приватното земјиште под Калето се планира изградба на пониски хотели со катност П+3, додека на државното земјиште се предвидува парковско зеленило со површина од 3.074 квадратни метри. Јужно од планираниот профил на булеварот „Климент Охридски“ се планираат содржини од јавен интерес , парковско зеленило со површина од 2.280 квадратни метри и јавен паркинг со површина од 3.765 квадратни метри.
„Со ДУП Градска четврт ЦС 14 за првпат на ниво на детално планирање се разработува просторот на Скопското Кале. Планираме да создадеме поврзан, уреден и инклузивен простор. Предвидуваме и можност за поставување музејски изложби на отворено, со што овој симбол на Скопје, богат со историја и култура, ќе го доближиме уште повеќе до граѓаните и посетителите. При подготовката на планот ги земавме предвид и сугестиите на стручните лица од Музејот на современа уметност“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Сали – Маричиќ: Реформската агенда и измените на Изборниот законик во фокусот
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба во Владата со претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, и потпретседателот Абдуш Демири, на која се разговараше за Предлог-измените на Изборниот законик.
На средбата беше истакнато дека овие измени, доставени од ДИК до Собранието и Министерството за правда, се од особено значење за унапредување на реформската агенда и спроведувањето на изборните реформи.
Присутните се осврнаа и на последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР, кој позитивно го оценува организирањето на Локалните избори 2025 година, нотирајќи напредок во демократските процеси.
Се наведува дека Владата останува посветена на реализацијата на реформите согласно предвидената динамика, со цел зајакнување на демократските стандарди и обезбедување слободни и фер изборни процеси.
Македонија
Димитров од Атина: Меѓу Скопје и Софија нема компромис, туку пакет кој не донесе решение
Дипломатскиот пристап кон решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија беше тема на остра дебата на меѓународниот форум во Атина, каде поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров му реплицираше на бугарски претставник од публиката.
Никола Димитров, во својство на претседател на невладината организација „Солуција“, оцени дека актуелниот модел на односи не претставува вистински компромис. Тој рече дека сегашната рамка, наместо решение, продуцирала најлоши билатерални односи во историјата на двете земји.
„Компромис е решение кое двете страни ќе ги направи подеднакво несреќни. Кога едната страна е еуфорична, тоа не е компромис. Прашањето не е решено, а резултатите од таквата стратегија се тажни“, изјави Димитров, реплицирајќи на ставот од бугарскиот претставник дека прашањето било затворено и државата сега треба да испорача.
„Бугарија на сите анкети кај нас е најголем непријател. Дали навистина тоа го сакате? Колку и да мислите дека ви е добра стратегијата – не е лошо да си ги погледнете резултатите“, му порача поранешниот шеф на македонската дипломатија на бугарскиот претставник на форумот.
Димитров потенцираше и дека земјите од регионот треба да се третираат како идни членки, а не како трети држави. Постепената интеграција, како што рече, треба да овозможи слободно движење на луѓе и стоки и ни треба поголема динамика и резултати преку иницијативи како пристапот до СЕПА, „зелените ленти“ и укинувањето на роаминг трошоците.
Македонија
Мицкоски од Виена: Потребни се дела, а не зборови – Европа мора активно да ги обликува правилата
Премиерот Христијан Мицкоски во Виена испрати јасна порака до европските партнери: Во услови на неизвесност, енергетски предизвици и економски притисоци, зборовите не се доволни, потребни се конкретни одлуки и дела.
Мицкоски кој се сретна со канцеларот Кристијан Стокер порача дека Европа се наоѓа во историски пресуден момент во кој мора да одбере дали само ќе реагира на кризите или активно ќе ги обликува новите глобални правила. Тој нагласи дека во услови на енергетски и економски предизвици, стабилноста зависи од заедничкиот раст.
„Европа нема да биде силна ако нејзините делови останат слаби. Ниту пак ќе биде конкурентна ако нејзините економии не растат заедно. Нашата определба е јасна: градиме држава што нуди сигурност и систем во кој работата се исплати“, истакна премиерот.
Мицкоски потенцираше дека македонската влада е подготвена да ја преземе својата одговорност во рамките на билатералната соработка, но и како дел од заедничката европска иднина. Фокусот на власта останува на проекти што ќе траат подолго од еден мандат и ќе донесат бенефит за идните генерации.
„Подготвени сме да работиме, подготвени сме да носиме одлуки и подготвени сме да испорачаме резултати,“ дециден беше Мицкоски, нагласувајќи дека партнерството мора да се темели на меѓусебна доверба и конкретни економски проекти.
