Региони
Брнабиќ: Опколени сме од членки на ЕУ, логично е Западен Балкан да биде дел од европското семејство

Српската премиерка – Ана Брнабиќ смета дека денес, 65 години по Римскиот договор, не може да се каже дека Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана, без целосна интеграција, односно како што посочува, опфаќање на Западен Балкан.
„Ние сме опколени од членки на ЕУ и затоа логично е да се прими Западен Балкан во европското семејство на нации колку што е можно побрзо. Тоа е политички економски, но и стратешки исправна одлука. Тоа е за наше добро и за добро на ЕУ. Во ова време ова подеднакво треба да биде важно на нашата агенда како и на агендата на ЕУ. Затоа сакам повторно да ги повикам нашите европски партнери да почнат преговори со Македонија и Албанија колку што е можно поскоро бидејќи тоа е исправно. Исто така, тоа е важно и за нас Србија, затоа што напредувањето на целиот регион кон ЕУ е крајно важно за регионалната безбедност и мирот и економскиот просперитет. Ова е и во политичка и во економска смисла. Србија им дава стопроцентна поддршка на сите наши партнери во регионот да продолжат со преговорите колку што е можно побрзо, ова ја вклучува и БиХ“ – рече Брнабиќ, на панелот „65 години по Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“ – во рамки на Преспа форумот за дијалог во Охрид.
Таа нагласи дека за Србија на економски план двата клучни приоритети се економската соработка со ЕУ и со нашите партнери во регионот, бидејќи над 65 проценти од трговија и инвестициите за земјата е со ЕУ.
„Ако ги оставиме перцепциите на страна мислам дека е јасно дека ЕУ и регионот се таму каде што е нашето срце, каде што се нашите интереси и политички и економски“, рече меѓу другото Брнабиќ во Охрид.
Го истакна и значењето на Отворен Балкан како економски многу важен проект и ги повика сите од регионот кои не се дел од него да и се приклучат.
„Мислам дека тоа ќе влијае на нашите економии со зголемување на нашиот севкупен БДП од над 7 процени. Тоа е уникатна можност. Ако останеме како што сме сега Албанија, Македонија и Србија, ќе биде од 1 – 3 проценти. Се надевам дека и другите ќе го препознаат потенцијалот на Отворен Балкан и ќе ни се придружат. Важен е и политички затоа што ќе им даде сигнал на нашите партнери од ЕУ дека кога ние самите ќе се здружиме ќе правиме работи кои ќе бидат барани од нас кога ќе се зачлениме во ЕУ. Намалување на бирократијата, градење на Балкан без граници, слободен проток на луѓе, стока и капитал и на крај најважната работа – ќе покаже на младите дека ние денес како политичари можеме да создадеме различна иднина и дека и можат да останат на Западен Балкан“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почна асфалтирањето на превојот Плетвар

Градежништвото не смее да застане и затоа оваа Влада, овој тим од ресорот транспорт, силно е посветена на она што сме го зацртале во нашите програми, а тоа е подобрување на целокупната инфраструктура во државата, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, изврши увид во рехабилитација на регионалниот пат Градско – Прилеп.
Овој дел од регионалниот пат кон Прилеп, превојот Плетвар, се рехабилитира во должина од 19 километри за што се инвестираат 4 милиони евра.
„Ниту еден проект не е прекинат, напротив, се работи со силно темпо, само во овој момент инвестираме над 420 милиони евра во модернизација на патната мрежа во земјата. Денеска сме на увид во асфалтирање на превојот Плетвар, инвестиција од 4 милиони евра. Реконструкцијата на превојот Плетвар следува кога активно го градиме експресниот пат од Градско кон Прилеп. Во меѓувреме, активно работиме и на подготовка на документацијата и за проширување на патот со уште една лента на Плетвар онаму каде што не постои трета лента. Генерално, интензивно се работи на моденизација на целата патна врска“, изјави Благој Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта истакнa дека овој пат се очекува да се заврши до почетокот на зимската сезона.
„Граѓаните што гравитираат кон Прилеп и Битола многу добро знаат дека овие 20-ина километри се најтешките за возење, особено во зимскиот период. За да им ја олесниме рутата и да го забрзаме протокот на возила, почнавме со рехабилитација на делницата Фариш – Прилеп во должина од 19 километри за што издвоивме средства со помош на ЕБОР во висина од 4,07 милиони евра. Изведувачот на работите, ‘Стентон градба’ и „Грин лајн’, со надзорот ‘Диви’, веќе работи на механичко сечење на асфалтот, поставување нови рабници, машинско гребење на постојниот асфалт, по што почна и процесот на афалтирање. Очекуваме на почетокот од зимата граѓаните од овој регион да возат по нова рехабилитирана делница, што ќе значи и нивна поголема сигурност и безбедност“, изјави директорот Ејуп Рустеми.
Македонија
Одрон на патот Росоман – Прилеп, сообраќајот во прекин

Поради одрон и поплава сообраќајот кај Плетвар е во прекин. На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа големиот одрон и колона возила.
На снимките објавени на приватни профили се гледаат големи наноси и вода која носи камења и земја.
„Од 05:55 часот регионалниот пат Росоман-Прилеп, кај местото викано Трите ленти е затворен за сообраќај поради одрон на патот“, соопштија од АМСМ.
Засега нема информции колку време ќе биде потребно за расчистување и нормализација на сообраќајот.
Македонија
Привремен прекин на сообраќајот од Св. Стефан до Св. Наум во Охрид

СВР Охрид ги известува жителите на Охрид дека денеска за редовен сообраќај привремено ќе биде затворен дел од регионалниот пат Охрид – Св. Наум.
Привременото затворање ќе почне во 15 часот на потегот од туристичкиот комплекс Св. Стефан сè до туристичкиот комплекс Св. Наум кај Љубаништа, од каде што сообраќајната полиција ќе врши пропуштање само на возилата со приоритет наменети за обезбедуваните лица – учесници на самитот „Отворен Балкан“, што се одржува во Охрид.
СВР Охрид апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на овој патен потег, но и по другите сообраќајници, каде што се преземаат соодветни сообраќајно-безбедносни мерки.