Македонија
Савески на Регионалниот форум за јавни обвинители во Сараево организиран од Европравда
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески денеска во Сараево учествуваше на Третиот консултативен форум на државни и специјални обвинители од Западен Балкан што се одржува во организација на Европравда. На состанокот учествуваше и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази.
Само со координирани дејствија, со брза размена на информации, со размена на искуства и знаења јавните обвинителства во регионот можат да одговорат на предизвикот што го носи борбата против организираниот криминал и корупција, оцени државниот обвинител Савески во своето обраќање на Форумот.
“Западниот Балкан одамна бил единствен регион. Близината на културите, јазиците, начинот на живеење не поврзуваат, но во исто време им овозможуваат и на сторителите на кривични дела лесно да ги префрлаат своите активности преку границите и да се обидуваат да избегнат кривичен прогон. Ги префрлаат и финансиските средства до кои дошле со коруптивни дејствија во обид да ги прикријат”, рече тој, ставајќи акцент на важноста на инструментите на меѓународната правна помош и меѓусебната правосудна соработка како одговор на овие појави.
Според Савески, размената на информации, брзата обработка на замолниците, координираните истражни активности и заедничките истражни тимови се механизми без кои денес нема ефикасна борба против криминалот и владеење на правото.
Тој ја нагласи важноста на Проектот за кривична правда на Западен Балкан, финансиран од Европравда, кој за македонското обвинителство во моментов е еден од најсилните инструменти за поддршка на овие активности и се заблагодари за поддршката од Европравда, која обезбедува оперативна, финансиска и друга помош која му е неопходна на обвинителството за ефикасно справување со прекуграничниот криминал.
Кривичните дела од областа на организираниот криминал и корупцијата се во пораст, а паралелно на тоа, статистиката укажува на раст и на бројот на предмети во кои била побарана или обезбедена меѓународна соработка со цел нивно ефикасно решавање.
На ваквите трендови укажа и Абази.
“Од перспектива на обвинител, можам да кажам дека во пракса сè почесто се соочуваме со предмети во кои криминалните структури дејствуваат истовремено во повеќе држави — преку финансиски трансакции, дигитални комуникации, транспортни рути и комплексни логистички мрежи, што бара координиран, брз и ефикасен институционален одговор. Во такви случаи, заедничките истражни тимови кои ги формираат нашите држави не се само корисен механизам, туку реална оперативна неопходност. ОЈО ГОКК во изминатиот период воспостави заеднички истражен тим со Косово во предмет од областа на недозволена трговија со наркотични дроги, како и заеднички истражен тим со Италија, Албанија и Косово во предмет од областа на тероризмот. Овие искуства покажаа дека заедничките истражни механизми овозможуваат значително поефикасна координација, побрза размена на информации и синхронизирано преземање истражни дејствија”, рече обвинителот Абази.
На маргините на Форумот во Сараево, Савески се сретна со претседателот на Европравда Мајкл Шмид, а оствари билатерални средби и со државните јавни обвинители на Црна Гора, на Босна и Херцеговина и на Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на состаноци во Германија, Обединетото Кралство и Ирска
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во периодот од утре до 18 јуни ќе оствари работни посети на Сојузна Република Германија, Обединетото Кралство и Ирска.
„Следната недела фокусот ќе биде на економската дипломатија, политичкиот дијалог и билатералните односи, јакнењето на стратешките партнерства и европската интеграција. Нашата цел е јасна: повеќе економски можности, посилни партнерства и конкретни придобивки за државата, економијата и граѓаните“, напиша министерот Муцунски во својата објава, најавувајќи ги посетите.
Утре, на покана на министерот за федерални, европски, меѓународни работи и медиуми на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински, министерот Муцунски ќе престојува во Диселдорф, главниот град на оваа германска сојузна покраина.
За време на посетата, Муцунски ќе оствари средба со министерот Лимински, по што двајцата министри ќе потпишат нова Заедничка декларација за намери за соработка меѓу Владата на Сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија и Владата на Република Северна Македонија за периодот 2026–2030 година.
На 16 јуни, министерот Муцунски ќе престојува во Лондон, каде што ќе оствари средба со својот хомолог, државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Ивет Купер.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе присуствува и на отворањето на првиот вински саем на земјите од Централна и Источна Европа во Лондон, настан што претставува значајна можност за промоција на македонското вино и за јакнење на економската и трговската соработка.
Во периодот од 16 до 18 јуни, министерот Муцунски ќе престојува и во Даблин, Ирска.
За време на посетата, ќе се сретне со министерката за надворешни работи и одбрана на Ирска, Хелен Мекенти, при што покрај билатералните односи, посебен акцент ќе биде ставен на претстојното шестмесечно претседавање на Ирска со Советот на Европската Унија, кое започнува на 1 јули.
Во ирскиот парламент, министерот Муцунски ќе оствари средби со пратеници и членови на Заедничкиот комитет за прашања поврзани со Европската Унија на двата дома на парламентот, а ќе се обрати и во Институтот за меѓународни и европски работи (IIEA), еден од водечките ирски тинк-тенк центри за меѓународни односи и европски прашања.
Посетата на Ирска се реализира во пресрет на ирското претседавање со Советот на Европската Унија и е насочена кон натамошно зајакнување на билатералната соработка, како и кон обезбедување континуирана поддршка за процесот на проширување на Европската Унија и за реформските напори на државата на патот кон полноправно членство во Унијата.
Македонија
Едно лице со полесни изгореници во пожарот меѓу Долани и Љуботен
Едно лице се здобило со полесни изгореници во пожарот што денеска избувна меѓу селата Долани и Љуботен во Општина Штип, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). На повреденото лице му била укажана медицинска помош, а нема информации за други повредени.
Од страната кон селото Долани се изорани заштитни појаси со трактори, по што пожарот е ставен под контрола и е спречено неговото ширење кон населеното место.
Според ЦУК, пожарот во моментов се шири кон селото Љуботен, при што се зафатени сува трева, нискостеблеста вегетација и борова шума.
Во гаснењето учествуваат пожарникари од ТППЕ Штип, механизација од ЈП „Стипион“, трактори, полициски службеници и екипи на Итната медицинска помош.
Македонија
Сончево и топло во Скопје, температурата ќе достигне 34 степени
Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер, кој во западните делови ќе биде од западен правец, а долж Повардарието и во источните региони од југоисток.
Утринските температури ќе се движат од 7 до 16 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 27 и 34 степени.
Во Скопје се очекува сончево и топло време со мала облачност и слаб до умерен југоисточен ветер. Температурата ќе се движи од 13 до 34 степени.
Според прогнозата, во текот на новата седмица ќе преовладува топло време. Во вторник се очекува локален развој на нестабилна облачност, а во среда на повеќе места ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Од четврток повторно ќе преовладува претежно сончево време со променлива облачност.
