Македонија
СДСМ: Мицкоски не го сака Груевски назад за да не му ја преземе партијата, Филков си ја штити фотелјата
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека премиерот Христијан Мицкоски и министерот за правда Игор Филков, намерно го кочат процесот за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија.
Од партијата прават паралела со актуелните случувања во Будимпешта, каде што новиот унгарски премиер Петер Маѓар открива детали за бегството на полски министер кој имаше заштита од Виктор Орбан, а сега преку Србија пребегал во САД.
Според СДСМ, главната причина за тактизирањето со документите за екстрадиција е внатрепартискиот страв во ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски не го сака враќањето на Груевски затоа што тогаш би можел повторно да ја преземе партијата. Тој веќе ги отстрани сите потпретседатели, а од општинските организации направи свои лични фан-клубови“, се вели во партиското соопштение.
Од друга страна, за министерот за правда Филков, СДСМ тврди дека со пасивноста се обидува да ја зачува својата позиција во извршната власт:
Партијата посочува дека со оваа блокада министерот се обидува да го задржи министерското место, со оглед на тоа што веќе е таргетиран за смена во најавената реконструкција на Владата.
Од опозициската партија нагласуваат дека ова не е случајност, туку „свесна заштита на Груевски“.
СДСМ јавно прашува и бара итен одговор од надлежните: Дали документите за екстрадиција на Груевски се воопшто испратени или не?
„Нема повеќе одлагања. Нема повеќе заштита на бегалците. Испратете ги документите за Груевски веднаш! Вистината излегува на виделина, а доаѓа времето на правдата и одговорноста“, децидни се од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сонце наутро, нестабилност попладне: Следуваат неколку дена со дожд и грмежи
Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Попладне ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 33 степена.
До четврток, времето претпладне ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Поради големата енергија и влага во атмосферата во попладневните часови ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во петок се очекува процесите да бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд и изолирано невреме со појава на град, а температурата ќе опадне за неколку степени. Од петок ќе дува засилен, повремено силен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
МП: Цветановски од ЛДП присуствува на сите средби за реформите во изборното законодавство, невистинити се тврдењата дека процесот се води зад „затворени врати“
Министерството за правда констатира дека Дејанчо Цветановски од ЛДП пласира невистинити и тенденциозни тврдења во врска со работата на Работната група за подготовка на измените на Изборниот законик.
„Особено е нејасно како Цветановски зборува за процес што наводно се водел „зад затворени врати“, кога токму тој како претставник на ЛДП активно учествува во работата на групата, присуствува на состаноците и има можност директно да ги изнесе своите ставови и предлози.
Работната група функционира транспарентно, со учество на претставници на парламентарните политички партии и независни пратеници. Секој предлог и од институциите и граѓанскиот сектор е разгледуван и дискутиран, а процесот се води исклучиво во насока на усогласување на Изборниот законик со препораките на ОБСЕ/ОДИХР
Оттука, обидите за создавање перцепција дека процесот е нетранспарентен претставуваат политички спин кој не соодветствува со фактите. Факт е дека Цветановски беше дел од дискусиите, ги слушна сите аргументи и имаше еднаква можност како и останатите учесници да придонесе во процесот.
Министерството за правда останува посветено на инклузивен, отворен и демократски процес и ги повикува сите учесници наместо политички квалификации да придонесуваат со конструктивни предлози во интерес на граѓаните и на изборниот систем“, велат од Министерството преку допис до медиумите.
Македонија
Комисиите во прво читање ги поддржаа законите за судска и јавнообвинителска служба: Нов статус, кариерен развој и нов систем на плати
Собраниските комисии за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија во прво читање ги поддржаа Предлог-законот за судска служба и Предлог-законот за јавнообвинителска служба, кои претставуваат дел од клучниот реформски пакет за зајакнување на независноста, професионалноста и ефикасноста на правосудството.
Двата закона се подготвени во рамки на обврските утврдени во Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028 и имаат за цел да создадат современ и функционален систем за управување со човечките ресурси во судовите и јавните обвинителства.
Меѓу најзначајните новини се издвојуваат:
• Воспоставување посебен статус на судските и јавнообвинителските службеници како посебни административни службеници, со што се признава специфичноста на нивната работа и се напушта моделот преземен од општиот систем на административни службеници;
• Нов систем за вработување и унапредување, прилагоден на потребите на судовите и јавните обвинителства, кој обезбедува избор на најстручни и најквалитетни кадри;
• Воспоставување реален кариерен развој и можности за напредување во рамки на службата, особено за стручните кадри и правниците;
• Зајакнување на кадровската автономија и намалување на зависноста од извршната власт при планирањето на вработувањата;
• Нов систем на пресметка на платите со кој зголемувањата обезбедени преку колективните договори стануваат составен дел од основната плата;
• Зајакнување на дисциплинската одговорност, интегритетот и механизмите за заштита на правата на вработените;
• Подобро уредување на статусот на судската полиција и другите категории вработени во правосудните институции.
Заменик министерот за правда Ален Деребан истакна дека донесувањето на овие закони претставува важен чекор кон создавање стабилна и професионална правосудна администрација.
„Со овие законски решенија за првпат воспоставуваме систем кој ја препознава специфичноста на работата на судските и јавнообвинителските службеници. Создаваме услови за професионален развој, правично вреднување на трудот, поголема институционална независност и поефикасно функционирање на судовите и јавните обвинителства. Нашата цел е силни институции поддржани од стручна и мотивирана служба која ќе придонесе за поквалитетни услуги за граѓаните и зајакната доверба во правосудниот систем“, изјави Деребан.
Во следната фаза од собраниската постапка ќе бидат организирани јавни расправи на кои ќе учествуваат претставници на судската и јавнообвинителската служба, институциите, стручната јавност, академската заедница и граѓанскиот сектор, со цел дополнително унапредување на предложените законски решенија преку инклузивен и транспарентен дијалог.
Предлог-законите се финансиски одржливи и нивната примена не предизвикува дополнителни буџетски импликации над веќе планираните средства.
