Македонија
СДСМ нема да присуствува на комисијата за извештајот на СЈО
Пратениците од СДСМ и опозицијата нема да присуствуваат „на циркусот во режија на ВМРО-ДПМНЕ“, поточно на седниците на комисијата за разгледување на извештајот на СЈО, кои претседателот Влатко Ѓорчев секојдневно ги закажува и ги одложува затоа што обвинителката Катица Јанева не доаѓа да го образложи.
„ВМРО-ДПМНЕ секој ден покажува колку се плаши од соочување со одговорноста за целокупниот криминал во изминатите десет години. Секојдневниот театар на ВМРО-ДПМНЕ со тоа што не започнува дебата по Извештајот на СЈО, го потврдува хаосот во оваа партија“, рече Горан Сугарески, координаторот на пратеничката група на СДСМ. Според него, закажување на седници кои Ѓорчев нема намера да ги отпочне значат само трошење буџетски пари за да се покрие стравот на ВМРО-ДПМНЕ. „Извештајот на Зврлевски, кој патем речено го избира ова Собрание, веќе девет месеци не е ставен на дневен ред. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го прикрие незаконското работење на Зврлевски и да не се расправа за неговото непостапување по криминалите на власта. Што беше и една од причините за формирање на независната институција Специјално јавно обвинителство“, рече Сугарески, кој патем спомна и дека согласно Деловникот, присуството на Јанева не е неопходно за да се расправа по нејзиниот извештај.Појасни дека штом седницата се отвори и почне дебата по извештајот на Јанева, пратениците од СДСМ со задоволство ќе учествуваат.Од владејачката партија обвинија дека СДСМ и натаму продолжува да игра улога на портпарол и адвокат на Специјалното јавно обвинителство и на Катица Јанева.„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нималку не е изненадена што пратениците од СДСМ продолжуваат и дополнително ја охрабруваат госпоѓата Јанева да продолжи со непочитувањето на својата законска и уставна обврска, да продолжи со газењето на Уставот на Република Македонија, со игнорирањето на законодавниот дом и пратениците, со омаловажувањето на институцијата Претседател на Република Македонија, како и со непризнавањето на Уставниот суд и ред други државни институции“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.Ги потсетија пратениците од СДСМ дека во Собранието треба и мора да се борат за интересите на македонските граѓани кои што ги избрале, а не да ги бранат интересите и делегитимирањето на институциите од страна на госпоѓата Катица Јанева. „Како Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја повикуваме госпоѓата Јанева да се извини на целокупната македонска јавност за скандалозната изјава и истовремено повторно упатуваме јавна покана до госпоѓата Катица Јанева да ја испочитува својата законска и уставна одговорност и да дојде во Собранието да даде одговори за своето работење пред пратениците и јавноста“, додаваат од партијата./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување на билатерален Договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција Н.Е. Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција, со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на министерството за внатрешни работи, за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот, за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот Договор за соработка во областа на безбедноста кој е во фаза на заемно усогласување.
Скопје
Едукативен мото настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори, ќе им биде презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Низ дружење со претставници и членови од мото клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење на електрични превозни средства“, велат од општина Кисела Вода.
Македонија
Ќе се основа медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на факултетот ќе бидат Клиничката болница – Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ – Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид , Специјалната болница за нефрологија – Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти, кои ќе станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места да студираат во своето место. Значително ќе придонесе во создавањето нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.