Сервисни информации
Санирана штетата на мостот кај Радовиш, забрана уште има кај Пробиштип, намалена видливост на превоите
Штетата на мостот на патниот правец Радовиш – Штип е санирана и сообраќајот се одвива наизменично, по една коловозна лента, забраната за движење, поради свлечиште, на патот Киселица – Злетово во општина Пробиштип сé уште останува, но се очекува во текот на денот сообраќајот да биде воспоставен.
Поради надојдените води од реката Крива Лакавица во прекин се патните правци кон селата Степанци и Суво Грло, информираат во неделата во попладневниот извештај од АМСМ
Поради појава на магла, намалена е видливоста на Попова Шапка до 20 метри, Маврово од 40 до 50 метри, Крушево до 50 метри и Плетвар до 30 метри.
Сообраќајот, инаку, на сите државни патишта во земјата се одвива по влажни коловози, а на повисоките места со можни остатоци од снег. Слаб снег провејува на граничен премин Деве Баир и во Крива Паланка.
Од АМСМ препорачуваат внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините повремен снег
Времето денеска ќе биде, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.
Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.
Македонија
Во Скопје се возело брзо и без возачка дозвола – санкционирани 114 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (20.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 114 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 31 санкција, 10 мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење на мобилен телефон при управување…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
ЦУК: Спасен овчар заглавен на речен остров во водите на Црна Река
Спасен е овчар заглавен на речен остров во надојдените води на Црна Река, заедно со неговите стотина овци, соопштија синоќа од Центар за управување со кризи.
Оттаму нагласија дека сега овчарот и овците се на безбедно место, откако се намалило нивото на водата и тие биле евакуирани.
– Центарот за управување со кризи известува дека од единствениот број за итни случаи 112, до Секторот за операции и координација, во 17:32 часот добил информација за заглавен овчар среде Црна Река, со неговите стотина овци, на мало островче на 200 метри лоцирано под селото Манастирец во општина Росоман. Реката била надојдена заради зголемен проток при производство на електрична енергија од страна на АД „ЕЛЕМ“ ПО „ХЕЦ Тиквеш Водостопанство Тиквеш“. ЦУК презеде координативни активности за да се запре протокот на вода од Акумулација „Тиквеш“ и да се намали нивото на реката, соопштија од Центарот.
Од ЦУК веднаш биле преземени сите неопходни мерки.
– Овчарот чекаше нивото на реката да се намали за заедно со неговите овци да се засолни на безбедно место. При ваков случај, било потребно три до четири часа да се намали нивото на водата. Инаку, на лице место е испратена екипа на МВР – ПС Кавадарци, а во контакт со градоначалникот на Општина Росоман е добиена потврда дека и од таму ќе биде пратена екипа, информираа од ЦУК.