Македонија
Сиљановска-Давкова: Оваа иницијатива има поширока општествена цел од образовната: да создава поактивни, посвесни и поздрави генерации
Во дворот на претседателскиот Кабинет денеска се одржа спортски настан, во организација на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а со поддршка на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Настанот е дел од поширока и далекусежна иницијатива чија цел е да се развие, имплементира и евалуира национален модел за промоција на физичката активност, здравите навики и менталното здравје кај децата од 6 до 14 години.
Деца од предучилишна возраст, како и ученици од основното и средното образование учествуваа во бројни спортско-рекреативни содржини: физички вежби, тимски игри, музички и танцови изведби, како и атлетска трка што ја донесе натпреварувачката возбуда и радост.
При обиколката на групите, распоредени според возраста и интересите, претседателката со особено внимание ги проследи активностите, изразувајќи искрено задоволство од ентузијазмот, посветеноста и позитивната енергија на учесниците.
Според неа, иницијативата го покрива не само само образованието, туку има поширока општествена цел: да создава поактивни, посвесни и поздрави генерации.
„Она што нè обединува сите е квалитетното образование, физичката култура и доброто здравје“, рече претседателката.
За неа, има насушна потреба од поздрав модел на живеење, во којшто младите ќе бидат физички поактивни, подолго ќе престојуваат во природата, третирајќи ја како рамноправен партнер, и кон сопственото здравје ќе се однесуваат како кон највреден личен и социјален капитал.
Говорејќи за значењето на физичкото образование, Сиљановска-Давкова нагласи дека спортот истовремено и подеднакво ги зајакнува телото, умот, карактерот и духот.
Деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Влатко Неделковски, поздравувајќи ја идејата на Сиљановска-Давкова, за спортско-културен настан во дворот на Кабинетот, ги образложи мотивите на иницијативата со очекување на добри резултати преку интензивна институционална соработка.
За него, основната причина за физичка активност е градењето здрава нација, неопходна не само во нижењето успеси во спортот, туку и како движечка сила на економскиот и севкупниот општествен развој.
Деканот очекува дека заедно со експертски групи од Хрватска и Словенија, а во соработка со Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, како и Владата, веќе по три години ќе имаме видливи резултати со коишто ќе се гордееме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Четири лица уапсени, вкупно пет пријави за семејно насилство во последното деноноќие
Четири лица се уапсени, а вкупно имало пет пријави за семејно насилство во последното деноноќие, соопшти МВР.
На 13.05.2026 во 23:15 часот во Штип, полициски службеници од СВр штип го лишиле од слобода Р.С.(39) од Штип,. постапувајќи по претходна пријава дека агресивно се однесувал и се заканувал на неговата поранешна 35-годишна сопруга.
На 13.05.2026 во 19:00 часот, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија од слобода Г.А.(38) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека физички го нападнал неговиот малолетен син. Лицето е задржано во Полициската станица Гевгелија и за настанот се известени јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и Центар за социјални работи Гевгелија.
На 13.05.2026 во 20:30 часот во Радовиш, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш го лишија од слобода Ѓ.С.(29) од Радовиш. Според пријавеното, тој во семејниот дом агресивно се однесувал кон неговата мајка. Лицето е задржано во Полициската станица Радовиш и за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш.
На 13.05.2026 во 23:10 часот во струмичко село, полициски службеници од СВР Струмица лишија од слобода 71-годишна жителка на селото, постапувајќи по претходна пријава дека околу 21:00 часот во семејниот дом физички ја нападнала нејзината 43-годишна снаа. Лицето е задржано во Полициската станица Струмица и за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица.
На 14.05.2026 во 06:00 часот во СВР Скопје, 33-годишна жена од Скопје пријави дека околу 00:30 часот во семејниот дом на подрачјето на Карпош била физички нападната од нејзиниот 49-годишен сопруг, кој и претходно психички и физички ја малтретирал, но досега не го пријавила. Додека, пак, во 06:55 часот во СВР Скопје, 49-годишниот маж пријави дека околу 00:30 часот во семејниот дом на подрачјето на Карпош бил физички нападнат од неговата 33-годишна сопруга и напоменал дека во изминатиот период бил психички и физички малтретиран од неа.
„Се преземаат мерки за расчистување на случаите и по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави“, велат од МВР.
Македонија
Уапсени 10 возачи, петмина возеле без дозвола
Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода 10 возачи за безобѕирно управување возило, петмина возеле без возачка дозвола (двајца малолетници), четири под дејство на алкохол, а еден во забранета насока.
Двајца возачи во Тетово (еден малолетник) и по еден Неготино, Битола и прилепско (малолетник) управувале возило без возачка дозвола.
По еден возач во Скопје, Кавадарци, Охрид и Кичево возеле под дејство на алкохол. Додека, еден возач во Битола управувал возило во забранета насока. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Велковски во посета на Центарот за социјална работа во Велес: Помошта да стигне до оние на кои им е најпотребна
Заменик – министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денес оствари работна посета на Центарот за социјална работа во Велес, со цел да изврши увид во спроведувањето на задолженијата поврзани со постапките за остварување и користење на правото на гарантирана минимална помош и правото на социјална сигурност за старите лица.
Во рамки на активностите, центрите за социјална работа имаат обврска итно и координирано да спроведат проверка, утврдување и потврдување на статусот и исполнувањето на условите кај корисниците на овие права.
Согласно законските рокови, директорите на центрите формираат стручни тимови составени од социјални работници и други стручни лица кои ги повикуваат корисниците, вршат непосреден увид преку разговор и проверка на документација, ја утврдуваат фактичката состојба и предлагаат мерки согласно закон.
„Нашата цел е јасна – средствата предвидени за социјална заштита да стигнат до оние на кои навистина им се најпотребни. Само со одговорен, транспарентен и професионален пристап можеме да изградиме систем кој ќе биде праведен и ефикасен за сите граѓани“, истакна Велковски.
