Македонија
Сиљановска Давкова: Словенија е наш најдоследен поддржувач на патот кон ЕУ
Македонија и Словенија се две земји чии односи ги карактеризира традиционално пријателство и длабока соработка во сите области, вклучително и во економијата. Словенија е еден од нашите најдоследни поддржувачи во евроинтеграцијата и петти најголем инвеститор, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето пред присутните на средбата на Македонско-словенечкиот бизнис клуб во Љубљана.
Според неа, она што нè прави привлечни за словенечкиот капитал, не е само поволната клима, туку и нашите традиционални врски и силната мрежа на лични контакти што одржуваат членовите на бизнис клубот.
Потенцира дека над 40 словенечки компании моментално се активни во нашите стратешки сектори.
-Вие станавте столбови на нашите банкарски и осигурителни пазари, а сега се пробивате и во енергетиката. Проектите на ГЕМ 1 и нивната работа со фотоволтаиците покажуваат дека словенечката експертиза ни помага во зелената транзиција – потенцира претседателката.

Додаде дека во 2025 година, вкупната трговска размена изнесувала околу 260 милиони евра, но, како што рече, верува дека можеме и подобро.
-Затоа треба да поставиме смела заедничка цел – да достигнеме 500 милиони евра во трговската размена. Ги имаме условите, ги познаваме навиките, референциите и работната етика, а имаме и традиционална доверба. За македонските потрошувачи, словенечките не се странски производи, туку квалитетни брендови со коишто пораснале. Слично на тоа, за словенечките компании, македонските бизнисмени се посакувани партнери. Оваа доверба е нашата најголема предност и е социјален капитал којшто може да ја олесни работата на македонско-словенечкиот бизнис клуб – нагласи Сиљановска Давкова.
Според неа, тука е и македонската дијаспора, којашто, како што рече, може да биде многу важен развоен ресурс којшто ќе помогне во нашиот економски раст.
-Свесни сме дека живееме во време на геоекономска фрагментација на глобалната економија, со енергетски кризи и ценовни шокови. Во вакво непредвидливо опкружување, за да ја направиме македонската економија поотпорна, нашиот стратешки фокус е насочен кон четири столба: првиот е енргетско поврзување. Преку изградбата на интерконекторите за природен гас со Грција и со Србија, стануваме транзитна земја за гас и регионален енергетски центар, второ со модернизацијата на коридорите 8 и 10, обезбедуваме евтин транспорт и безбеден синџир за снабдување, трето се фокусираме на дигиталната поврзаност, бидејќи иднината им припаѓа на развојните, дигитални економии коишто се темелат на знаење, технологија и конкурентност и четврто и најважно, и покрај пречките со коишто се соочуваме, работиме на европските реформи. И вие, бизнис лидерите, ни помагате на нашиот пат кон Европската Унија – рече македонската претседателка.

Драган Шибанц, претседател на бизнис клубот истакна дека со неговата ревитализација, нивната намера била јасна — не само да го оживеат името, туку да воспостават функционална платформа која на конкретен, мерлив и долгорочен начин ќе ги поврзува словенечките и македонските претприемачи.
– Процесот го водевме заедно со иницијативниот одбор уште од ноември 2023 година, при што ги усогласивме клучните чинители, повторно ја изградивме довербата и поставивме јасна стратешка насока. Нашиот фокус никогаш не беше само формална структура. Затоа создадовме модел кој се темели на таргетирани бизнис средби, поврзување на компании по дејности, стратешки настани, како и пренос на знаење што води кон конкретна имплементација. Воедно, клубот го позиционираме и во поширок екосистем. Го поврзуваме со институции, бизнис клубови, деловни совети, мрежи и партнери во двете држави – истакна тој.
Целта, додаде е јасна — да се создаде средина во која соработката нема да биде само симболична, туку и мерлива.
-Денешната средба не е само настан, таа е чекор кон долгорочно поврзување затоа што претприемништвото расте таму каде што постојат доверба, усогласеност и способност за заедничко создавање на вредност. Токму затоа, успеавме клубот, кој речиси некое време не беше функционален, повторно да го да го воспоставиме како визионерска платформа за поврзување – истакна Шибанац.

Претседателката, која е во официјална посета на Република Словенија, претходно денеска во македонската амбасада во Љубљана се сретна со наши иселеници, кои со своето знаење и работа се вградиле во словенечкото општество и денес се препознаени и ценети во науката и уметноста.
Во рамки на посетата претпладнево таа ја посети Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ и оствари средба со членовите на Сојузот на Македонските културни друштва и Црковните одбори.
Во црквата македонската претседателка присуствуваше на неделна служба. По нејзиното завршување на барање на црковната заедница таа се обрати пред присутните верници.
Сиљановска Давкова утре во Љубљана ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар.
Предвидено е претседателките да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок на македонската и словенечката делегација. Сиљановска Давкова ќе оствари средба и со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Зоран Стевановиќ.
Во рамки на посетата на Словенија предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да положи венец пред Споменикот на жртвите од сите војни и жртвите поврзани со војните.
Во вторник, претседателката Сиљановска Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет во Љубљана на тема: „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на состаноци во Германија, Обединетото Кралство и Ирска
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во периодот од утре до 18 јуни ќе оствари работни посети на Сојузна Република Германија, Обединетото Кралство и Ирска.
„Следната недела фокусот ќе биде на економската дипломатија, политичкиот дијалог и билатералните односи, јакнењето на стратешките партнерства и европската интеграција. Нашата цел е јасна: повеќе економски можности, посилни партнерства и конкретни придобивки за државата, економијата и граѓаните“, напиша министерот Муцунски во својата објава, најавувајќи ги посетите.
Утре, на покана на министерот за федерални, европски, меѓународни работи и медиуми на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински, министерот Муцунски ќе престојува во Диселдорф, главниот град на оваа германска сојузна покраина.
За време на посетата, Муцунски ќе оствари средба со министерот Лимински, по што двајцата министри ќе потпишат нова Заедничка декларација за намери за соработка меѓу Владата на Сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија и Владата на Република Северна Македонија за периодот 2026–2030 година.
На 16 јуни, министерот Муцунски ќе престојува во Лондон, каде што ќе оствари средба со својот хомолог, државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Ивет Купер.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе присуствува и на отворањето на првиот вински саем на земјите од Централна и Источна Европа во Лондон, настан што претставува значајна можност за промоција на македонското вино и за јакнење на економската и трговската соработка.
Во периодот од 16 до 18 јуни, министерот Муцунски ќе престојува и во Даблин, Ирска.
За време на посетата, ќе се сретне со министерката за надворешни работи и одбрана на Ирска, Хелен Мекенти, при што покрај билатералните односи, посебен акцент ќе биде ставен на претстојното шестмесечно претседавање на Ирска со Советот на Европската Унија, кое започнува на 1 јули.
Во ирскиот парламент, министерот Муцунски ќе оствари средби со пратеници и членови на Заедничкиот комитет за прашања поврзани со Европската Унија на двата дома на парламентот, а ќе се обрати и во Институтот за меѓународни и европски работи (IIEA), еден од водечките ирски тинк-тенк центри за меѓународни односи и европски прашања.
Посетата на Ирска се реализира во пресрет на ирското претседавање со Советот на Европската Унија и е насочена кон натамошно зајакнување на билатералната соработка, како и кон обезбедување континуирана поддршка за процесот на проширување на Европската Унија и за реформските напори на државата на патот кон полноправно членство во Унијата.
Македонија
Едно лице со полесни изгореници во пожарот меѓу Долани и Љуботен
Едно лице се здобило со полесни изгореници во пожарот што денеска избувна меѓу селата Долани и Љуботен во Општина Штип, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). На повреденото лице му била укажана медицинска помош, а нема информации за други повредени.
Од страната кон селото Долани се изорани заштитни појаси со трактори, по што пожарот е ставен под контрола и е спречено неговото ширење кон населеното место.
Според ЦУК, пожарот во моментов се шири кон селото Љуботен, при што се зафатени сува трева, нискостеблеста вегетација и борова шума.
Во гаснењето учествуваат пожарникари од ТППЕ Штип, механизација од ЈП „Стипион“, трактори, полициски службеници и екипи на Итната медицинска помош.
Македонија
Сончево и топло во Скопје, температурата ќе достигне 34 степени
Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер, кој во западните делови ќе биде од западен правец, а долж Повардарието и во источните региони од југоисток.
Утринските температури ќе се движат од 7 до 16 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 27 и 34 степени.
Во Скопје се очекува сончево и топло време со мала облачност и слаб до умерен југоисточен ветер. Температурата ќе се движи од 13 до 34 степени.
Според прогнозата, во текот на новата седмица ќе преовладува топло време. Во вторник се очекува локален развој на нестабилна облачност, а во среда на повеќе места ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Од четврток повторно ќе преовладува претежно сончево време со променлива облачност.
