Македонија
Сиљановска-Давкова со турскиот претседател Ердоган: Турција секогаш била наш близок пријател
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на којашто беше констатирано дека македонско-турските односи се одликуваат со силно пријателство, доверба и континуирана меѓусебна поддршка.
Најпрво, претседателката изрази сочувство до претседателот Ердоган за жртвите во вчерашното пукање во средното училиште во Турција, посакувајќи побрзо закрепнување на настраданите. Турција секогаш била наш близок пријател и укажувала помош во најтешките моменти, како трагедијата во Кочани и се солидаризираме со турскиот народ, рече Сиљановска-Давкова.
На средбата со Ердоган, таа посочи дека преку своите институции и компании: од ТИКА, којашто имплементираше 1.320 проекти, до училиштата „Маариф“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, „Туркиш ерлајнс“, „Халкбанк“, Турција е присутна во многу области на македонското општество.
Во потпишувањето на Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво, претседателите препознаваат можност за подинамична и поструктурирана билатерална соработка, што ќе резултира со одржување на прва меѓувладина седница.
Сиљановска-Давкова ја поздрави турската дипломатска иницијатива – Балканска мировна платформа, оценувајќи ја како важен инструмент за јакнење на регионалниот дијалог и стабилност.
Таа се заблагодари за долгогодишната поддршка од Турција во модернизацијата на македонската Армија.
Обајцата се согласија дека постои простор за зголемување на трговската размена и инвестициите и во најавениот бизнис-форум во Турција препознаваат одлична можност за унапредување на економската соработка.
На средбата се разговараше за статусот на турската заедница во општествениот и политичкиот живот низ призма на правичната и соодветна застапеност, како и за функционирањето на дел од образовните институции.
Претседателите се уверени дека предизвиците со коишто се соочува турската заедница во нашата држава ќе бидат надминати.
Сиљановска-Давкова упати покана до претседателот Ердоган за официјална посета на земјата.
Претседателката престојува во Турција по повод учеството на 5. Дипломатски форум во Анталија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски: Градењето отпорност во сајбер просторот е прашање на соработка и координација
Во рамки на вториот ден од работната посета на Вилнус, Република Литванија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оствари билатерална средба со заменик-министерот за национална одбрана на Република Литванија, Томас Годлиаускас.
На средбата се разговараше за зајакнување на соработката во областа на сајбер-безбедноста, размена на искуства и градење поотпорни институционални капацитети за справување со современите дигитални закани.
Андоновски истакна дека сајбер-безбедноста е еден од клучните предуслови за успешна дигитална трансформација, доверба во дигиталните услуги и заштита на институциите и граѓаните.
„Градењето отпорност во сајбер-просторот е прашање на соработка и координација. Денешните дигитални закани не познаваат граници, затоа одговорот мора да биде заеднички, организиран и заснован на доверба меѓу институциите и партнерите. За Македонија е особено важно да учи од земји како Литванија, кои успешно ги поврзуваат одбранбените, цивилните и технолошките капацитети во единствен систем на заштита“, истакна Андоновски.
Во рамки на средбата беше одржана и презентација од Националниот центар за сајбер-безбедност на Литванија, со фокус на литванскиот модел за координација, превенција и одговор на сајбер-инциденти.
Литванија е партнерска земја со сериозно искуство во областа на националната сајбер-отпорност и дигиталната безбедност. На средбата беше нагласено дека соработката меѓу двете земји е значајна не само во рамки на НАТО-сојузништвото, туку и како партнерство засновано на пријателство, доверба и заеднички вредности.
Заменик-министерот Годлиаускас истакна дека Литванија не ја гледа Македонија само како НАТО-сојузник, туку и како пријателска земја со која постои простор за продлабочување на соработката во областите од заеднички интерес.
Средбата претставува важен чекор во продлабочувањето на соработката во областа на сајбер-безбедноста помеѓу двете држави.
Македонија
(Видео) Конески: Бројот на стипендии не се намалува, ниту партиципацијата во студентските домови се зголемува, студентите ќе добијат реновирани домови и мотивирачки стипендии
СДС продолжува со своите лаги и манипулации. Откако седум години власт не направија ништо за студенти и не исполнија ниту едно ветување, сега кога студентите имаат партнер во Владата, манипулираат дека стипендиите се намалени, оценува Тодор Конески, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Такво нешто, вели тој, нема, стипендиите не се намалени со Законот за студентскиот стандард, бројот на стипендиите не е дел од законското решение, туку истите се носат на годишно ниво, согласно Буџетот и согласно потребите на државата.
„Предложено е подобро прераспределување на стипендиите во рамките на квотата од 100%, за да им се излезе во пресрет на студентите и за да имаме стипендии кои се базираат на успех, на потребите на државата и на пазарот на трудот.
Тоа што остануваат недоделени стипендии, се должи на позитивна статистика во последните 5 години, што значи дека квотата за социјални стипендии не се исполнува, односно истите не се доделуваат во бројот кој е предвиден. А од друга страна пак, кога квотата од една група не се исполнува, таа не може да се прелее во друга група.
Измената на законот дава подлога за јасна дистинкција меѓу видовите на стипендии, за кои потоа на годишно ниво, врз основа на Програмата за развој и унапредување на студентскиот стандард и конкурсите, ќе се утврдуваат бројот на стипендии по вид и износот на стипендијата за секој посебен вид и категорија.
Затоа што, стипендиите кои се доделуваа до сега беа особено конфузни и со ист месечен износ, не се знаеше кои стипендии се за висок просек, а кои се мотивирачки за стратешки области“.
СДС, додава, лаже и за сместувањето во домовите, затоа што никаде во Предлог законот, како што истакнува, не е наведена партиципацијата која ќе ја плаќаат студентите, за да се прејудицира дека ќе биде поголема од постојаната.
Според него, и партиципацијата, исто како и стипендиите се утврдува на годишно ниво со Програмата.
„Од друга страна пак, Министерството работи на ново законско решение со кое ќе ги преземе платите на вработените во студентските домови, за да се намали товарот врз партиципацијата која ја плаќаат студентите, а од која се финансираат платите на вработените во студентските домови.
Најважно од се, е што летово ќе започне реконструкција на сите студентски домови, кои по нивното завршување ќе бидат енергетски ефикасни, со подобрен комфор и најсовремена опрема и уредување.
Владата останува посветена во подобрувањето на студентскиот стандард и условите во кои живеат студентите, учат и се развиваат.
По целосната реконструкција на сите студентски домови, студентите ќе имаат современи услови на живеење и академско надградување“.
Македонија
Управниот одбор на ЗЕЛС на седница за предизвиците со кои се соочуваат општините
На денешната редовна седница на Управниот одбор на ЗЕЛС беа разгледани актуелните предизвици со кои се соочуваат општините, при што беа донесени повеќе значајни одлуки во интерес на граѓаните и локалната самоуправа, информираат од Град Скопје.
Како една од клучните мерки, Управниот одбор донел одлука за формирање кризен противпожарен штаб при ЗЕЛС, со цел поефикасна координација меѓу општините и институциите во справувањето со евентуални пожари во текот на летниот период.
На седницата присуствуваше и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, со кого се разговараше за можностите за формирање локални енергетски претпријатија. Беше истакнато дека преку користење на енергија од соларни панели, општините ќе можат да обезбедат дополнителни приходи за реализација на локални проекти и подобрување на услугите за граѓаните.
Од ЗЕЛС порачаа дека продолжуваат со активности насочени кон посилни општини, подобра координација и поефикасни институции во интерес на сите граѓани.
