Македонија
Арсовска: Модернизацијa и квалитетни услови во училиштата за образование во 21 век

Унапредување на условите на образовните институции, кои ќе бидат безбедни за сите деца, родители и вработени, како приоритет во работењето на секоја градска и локална самоуправа. Условите за работа во училиштата ќе им овозможуваат квалитетен образовен, воспитен и социјален процес за нашите деца. Образовните институции во Скопје ќе бидат и места за поддршка на различностите, соработката и соживотот, најави на денешната прес-конференција кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска.
Како иден градоначалник на град Скопје, Арсовска најави изградба на модерна образовна инфраструктура и современи услови за учење. Модернизацијата на сите училишта ќе биде во согласност со ЕУ-стандардите, со цел подобрување на условите за учење и креирање образование во Скопје за 21 век!
„Општина Аеродром, конечно, ќе ја добие долго ветуваната нова гимназија во оваа општина. Ова училиште ќе овозможи доволно капацитети во пресрет на големата заинтересираност и потреба токму во овој дел на Скопје. Нашата цел е да ја подобриме пристапноста на учениците од сите делови на градот до квалитетни училишта и да ги унапредиме условите во кои учат учениците, а со тоа и квалитетот на воспитно-образовниот процес. Предвидено е и изградба на нов објект за средното училиште ‘Браќа Миладиновци’, како и за средното училиште ‘Лазар Танев’. Со изградбата ќе се обезбеди современа квалитетна настава и услови за квалитетно стручно образование”, најави Арсовска.
Програмата на Арсовска за образование за 21 век вклучува и нова градска библиотека лоцирана во општина Аеродром, опремена со најмодерна техничко-технолошка опрема, а дополнително Градот ќе работи и на модернизација и реконструкција на постојната градска библиотека „Браќа Миладиновци“.
Според оваа програма, планирано е создавање еднакви можности за сите и инвестиции и во наставниот кадар.
„Ќе обезбедиме еднакви можности за образование за сите, но и силни инвестиции во наставниот кадар. Новата градска власт ќе преземе активности за финансиска поддршка на надарените и талентирани ученици. Ќе го финансираме настапот на научни и спортски олимпијади на средношколците и младите од градот Скопје. Градот ќе овозможи финансиска поддршка на средношколците во социјален ризик во вид на стипендија, која ќе им помогне да го продолжат својот образовен процес. Поддршка ќе следува и за средношколците со попречености“, истакна Арсовска.
Изградба на мултифункционални игралишта во сите средни училишта и опрема и реквизити за деца со попречености, процес што ќе го менаџираат стручни кадри во училишните спортски сали како би биле подостапни и за децата со попречености, ќе спроведе Арсовска.
„Со цел обезбедување квалитетно образование за нашите деца, следејќи го екот на дигитализација, ќе отпочнеме со процес на квалитетна дигитализација на средните училишта преку унапредување на наставниот процес и следење на модерните технологии преку набавка на информатичка опрема и спроведување соодветна обука за наставниот кадар. Град Скопје ќе продолжи со опремување на стручните училишта со современи нагледни средства за изведување на практичната настава и поддршка на отворање реални училишни компании во средните стручни училишта за практична настава“, потенцира Арсовска.
Во образовната програма на Арсовска, Град Скопје активно ќе креира подобри услови за создавање нови идеи и концепти за развој на модерно образование, „наша обврска е да создадеме подобри услови за новите генерации“, заклучи кандидатката за градоначалник на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ахмети го посети семејството на Хашим Тачи: „Ќе го пречекаме како победник на правдата кога ќе се врати“

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на социјалните мрежи објави дека го посетил семејството на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, за, како што вели, да им даде срце и сила на неговите родители и роднини во битката за правдата.
„Нивниот син со пријателите го брани достоинството на ОВК. Правдата одложува, но не заборава. Гордо ќе го пречекаме Тачи со пријателите кога ќе се врати како победник на правдата“, напиша Ахмети на социјалните мрежи.
Хашим Тачи се изјасни за невин на судењето за воени злосторства на Косово, заедно со тројцата други членови на Главниот штаб на ОВК, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, на судскиот процес што пред неколку месеци почна во Хаг по речиси тригодишна истрага и повеќе од 20 години од војната.
Тачи се соочува со 10 обвиненија за апсење, убивање и мачење на оние кои се сметале за непријатели, вклучително и Албанци, Срби и Роми, додека се обидувале да ја преземат власта за време на ослободителната војна во 1998-99 година.
Македонија
Димитров: Северна Македонија да го сфати важното место на историската комисија за пристапувањето во ЕУ

Република Северна Македонија треба да го сфати важното место што го има работата на Мешовитата бугарско-македонска историска комисија во процесот на пристапување на земјата во Европската унија. Ова за бугарската агенција БГНЕС го изјави професорот Ангел Димитров, копретседател на Мешовитата бугарско-македонска комисија за историски прашања.
Во изјавата тој оцени дека на досегашните бројни состаноци не се постигнати резултати.
Темата на која најдолго се задржале било изнајдувањето на заедничка позиција за претставувањето на Охридската архиепископија, но како што кажа Ангелов, за жал не успеале да се договорат, пренесе БГНЕС.
Македонија
Ковачевски се сретна со американската амбасадорка: Важно е сите политички партии да го поддржат европскиот пат

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер.
Kaко што соопштија од Владата, на состанокот станало збор за суштинските прашања во врска со напредокот на Северна Македонија во евроинтеграциите.
Реафирмирана е јасната порака на Соединетите Американски Држави, дека земјава по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ, за што, нашата држава има силна и конкретна поддршка од САД.
Нагласено е дека Северна Македонија е фактор на стабилноста и безбедноста во регионот и е посочено на важноста – сите политички партии во државата да го поддржат европскиот пат на државата.
Притоа, изразено е очекувањето дека сите политички лидери ќе го имаат предвид актуелниот контекст на случувања и дека во таа насока и ќе се носат и претстојните политички одлуки во Собранието.
На средбата со американската амбасадорка Агелер, како и при средбата на премиерот Ковачевски со сенаторот Крис Марфи во Скопје и на средбите со високите американски претставници Блинкен и Ескобар во САД, е потврдено искреното долгогодишно пријателство и успешното стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД, кое што се развива на принципите на доверба и разбирање.
„Како Влада, ја почитуваме добронамерноста на нашиот голем и стратешки партнер САД, како и на другите пријателски држави, членки на НАТО и ЕУ коишто нè поддржуваат во следниот исчекор во евроинтеграциите, којшто има одредувачка насока кон полноправното членство на нашата држава во ЕУ. Реално е очекувањето тоа да се случи до 2030 година и подготвени сме со уште посилен интензитет да работиме на потребните реформски процеси. Граѓаните заслужуваат да живеат во држава членка на Европа, со европски квалитет на живот и европска иднина за младите, во родната земја“, рече премиерот Ковачевски, на средбата со амбасадорката Агелер.