Скопје
Без вода денеска улица во Центар

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје извести дека, денеска, без вода, од 8:30 часот до завршување на работите, ќе бидат корисници од Маџир Маало.
„Поради отстранување дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цола на улицата Раде Јовчевски-Корчагин бр. 32, од 8.30 часот до завршување на работите прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населба Маџир Маало, општина Центар“, велат од „Водовод и канализација“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
По отчетот, Кисела Вода со граѓански идеи за буџетот за 2024 годинa

Во пресрет на активностите за креирање на новиот буџет за 2024 година, Општина Кисела Вода ги повикува своите жители да учествуваат со идеи и предлог-проекти, кои би можеле да им го унапредат квалитетот на живеењето. Од денес, во архивата на Општината, сместена во барака 6, достапни се анкетни ливчиња, на кои заинтересираните граѓани може да ги напишат своите потреби и предлози од сите сфери на функционирање на локалната самоуправа со цел новиот буџет да биде целосно по мерка на граѓаните. До Општината веќе пристигнаа десетици идеи од граѓаните, кои вакви анкетни ливчиња пополнија на штандот на влезот на Домот на културата „Билјана Беличанец“, кој за таа намена беше поставен на денот кога градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го презентира отчетот за својата двегодишна работа. Предлозите може да пристигнат и на електронската адреса [email protected].
„Продолжуваме да се движиме по траекторијата што ја почнавме пред две години на целосно транспарентно и отчетно раководење со Општината. Работејќи во постојана комуникација со нашите жители, досега реализиравме многубројни проекти, кои им беа приоритетни, на кои чекале и по 30 години и за кои никој претходно немал слух. Сега, кога сме во подготовки на новиот буџет за 2024 година, повторно ги користиме сите механизми за да им дадеме глас на нашите жители и да им овозможиме и тие рамноправно да учествуваат во неговото креирање. Уште минатата недела, за време на отчетот, отворивме штанд за идеи, од каде шт веќе имаме десетици анкетни ливчиња со предлози од нашите жители. Од денес вакви прашалници се достапни и во архивата на Општината, а граѓаните своите идеи може да ни ги достават и електронски на електронската адреса [email protected]. Заедно ќе ги дефинираме приоритетите, заедно ќе ги испишеме новите страници на Општина Кисела Вода“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Скопје
Герасимовски: 62 решенија по 7.000 денари за семејствата со новороденче во Центар

62 решенија за новороденчиња на барателите за остварување на правото за користење парична помош за новороденче додели денеска градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски. Оваа парична помош во висина од 7.000 денари Општина Центар ја доделува редовно во рамките на проектот на Општината за првична помош и поддршка на родителите кои се жители на општина Центар и имаат принова во семејството.
Покрај решенијата, Герасимовски на семејствата им подели и пригодни подароци од компаниите „Европа лек фарма“ ДООЕЛ Скопје, „Би-мек“ ДОО, „Веледа“, „Хип“ и бесплатни педијатриски услуги од Клиниката „Жан Митрев“.
„Дечињата се најголемата радост во секое семејство. Приновата значи нова среќа и уште поголем мотив да работиме и остваруваме повеќе за нивна подобра иднина. Нашата задача е да направиме поубаво и подобро општество за сите нови генерации во општината, а мојата заложба како градоначалник е да инвестираме во детската заштита и создавање подобри услови за нега, образование и воспитание. Мило ми е што денеска запознав дел од нашите најмлади сограѓани, им посакувам добро здравје и среќно и безгрижно детство“, рече Герасимовски.
За добивање парична помош за новороденче, според правилникот, потребно е да се поднесе барање, а во прилог да се достават на увид фотокопија од важечки лични карти или пасош за лична идентификација со адреса на живеење или престојување во општина Центар, фотокопија од извод од Матичната книга на родените за новороденчето и фотокопија од трансакциска сметка на барачот на оваа помош. Рокот за поднесување на барањето е до 6 месеци од денот на раѓањето на новороденчето.
Општина Центар и понатаму ќе продолжи да реализира проекти од областа на детската заштита и да се грижи за најмладите, кои претставуваат најголема радост за секое семејство. Во согласност со правилникот за добивање парична помош за новороденче, рокот за поднесување на барањето е 6 месеци од денот на раѓањето на новороденчето, велат од Општината.
Скопје
Наплатните пунктови на „Водовод“ во Сарај, Шуто Оризари и во Лисиче нема да работат

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ги известува корисниците на услугите дека денеска шалтерите за наплата во дирекцијата на претпријатието ќе работат од 7.30 до 14 часот, а на 30 ноември 2023, четврток од 9 до 14 часот.
Наплатните пунктови во Сарај, Шуто Оризари и во Лисиче нема да работат.
Со редовни работни активности и редовно работно време се продолжува на 1 декември 2023, петок.
Оваа одлука е во согласност со заклучоците донесени на 199. седница на Владата на Република Северна Македонија поради одржување на 30. министерски состанок на ОБСЕ, кој ќе се одржи на 30 ноември и на 1 декември 2023 година во Скопје во организација на Министерството за надворешни работи, велат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.