Скопје
(Видео) „Беше ставена жолта лента, но инвеститорот продолжи со градба“, Герасимовски за акцијата на градилиштето зад Универзалната сала

Градоначалникот Горан Герасимовски е дециден дека земјиштето на улицата 9 Мај зад Универзалната сала ќе се врати во првобитна состојба и нема да се гради. Тој посочи дека градежните инспектори на Општина Центар констатирале дека фирмата инвеститор не постапила според дадените насоки за да се заштитат околните објекти. Наспроти ова, тој продолжил со градба.
„Во оваа држава постојат закони и мора сите да ги почитуваат. Пред неколку месеци настана проблем од страна на фирмата што го има одобрението за градба. Јамата што требаше да се спроведе – не се спроведе. Не беше заштитена зградата. Немаше ‘шипови’ за стабилизација на целото земјиште. Наместо -2 направен е -1 кат. Беше ставена жолта лента, но инвеститорот продолжи со градба. По решението од градежниот инспектор за враќање на земјиштето во првобитна состојба, тоа се прави денеска“, рече Герасимовски.
Штетата на улицата која пропадна поради градилиштето треба да ја санира инвеститорот. Ако тоа не го направи до крајот на рокот, штетата ќе ја санираат „Улици и патишта“, а ќе се фактурира на фирмата инвеститор.
„Има неколку казни, со вкупна вредност од 12.000 вредност. Дадена е во судска постапка, таа мора да се плати“, рече Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Дрес од „МЗТ Скопје Аеродром“ за градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс

Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, изминативе неколку дена учествуваше на светскиот самит, кој се организира во рамките на Мрежата на силните градови, каде што членува и Општина Аеродром. Во рамките на учеството тој на градоначалникот на Њујорк, кој истовремено е домаќин на настанот, му врачи дрес од кошаркарскиот клуб „МЗТ Скопје Аеродром“, извести Општината.
Настанот, кој е финансиран од страна на Европската Унија и Стејт департментот во Њујорк, на едно место ги собра повеќе од 70 градоначалници на општини и градови. Домаќин на настанот беше градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, кој е голем фан на кошарката. По тој повод, од страна на градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, му беше врачен дрес од македонскиот кошаркарски шампион, „МЗТ Скопје Аеродром“.
Градоначалникот Тимчо Муцунски во својата објава на „Инстаграм“ истакна дека дресот на „МЗТ Скопје Аеродром“ треба биде поттик за нови победи и симбол за меѓусебната поддршка и соработка.
„Сино-белата боја на македонскиот шампион ќе биде дел од неговата канцеларија и во духот на спортот и спортските успеси на МЗТ, таа нека биде поттик за идни победи и симбол на меѓусебната соработка, поддршка и пријателство“, истакна Муцунски во објавата.
Муцунски упати и апел до навивачите и до љубителите на спортот, в сабота, во СРЦ „Кале“, да дадат поддршка за „МЗТ Скопје Аеродром“ во финалето од Суперкупот.
Македонија
„Ако имаш место во срцето, имаш и во домот“ – кампања на ЈП „Лајка“ за посвојување бездомни кучиња

Јавното претпријатие „Лајка“ го објави почетокот на својата најнова општествено-одговорна иницијатива во соработка со креативната агенција „Њу момент“, со цел промоција на посвојувањето на кучињата скитници.
Кампањата симболично почнува утре, 23 септември, Интернационалниот ден на удомените кучиња.
Кампањата е со мотото „Ако имаш место во срцето, имаш и во домот“. Дизајнирана да ја зголеми стапката на посвоени кучиња, но и да ја подигне свеста на јавноста за работата на „Лајка“, градското јавно претпријатие за третман на улични кучиња.
Главната цел на кампањата е удомување што поголем број бездомни кучиња и реален придонес кон решавање на овој проблем, со конкретни резултати на крајот од кампањата.
Во согласност со бројките од претпријатието, во просек месечно се удомуваат 40 кучиња, минатата година се удомени над 400 улични кучиња, а за оваа година се очекува бројката да биде уште поголема.
Скопје
Денеска без струја делови од Чаир и Кисела Вода

„ЕВН Македонија“ известува дека, денеска, без електрична енергија ќе останат улици во општините Чаир и Кисела Вода.
Во периодот од 8 до 10 часот, без струја ќе бидат корисниците од улицата Роналд Реган, од бр. 4 до бр. 20, како и корисниците од улицата Благоја Паровиќ, од бр. 4 до бр. 20, во општина Чаир.
Во периодот од 9 до 11 часот, без струја ќе останат и дел од корисниците од улиците Серска и Востаничка, а во периодот од 12 до 15 часот дел од корисниците од улицата Невена Георгиева-Дуња во општина Кисела Вода.