Скопје
(Видео) Јанчева: ВМРО-ДПМНЕ да ја прекине блокадата на Советот и да ги гласа клучните проекти за Скопје

Скопје цели три години е заглавен град на кој му се случува историска катастрофа, која му ја нанесоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Првин ја донесоа Арсовска на градоначалничката позиција, а потоа, откако се скараа за рацете во медот, почнаа да ја блокираат работата на Град Скопје преку мнозинството во Советот, вели Љубица Јанчева од СДСМ.
Затоа Скопје е во ваква хаотична состојба.
Наместо, како што вели, да носат одлуки и да работат за доброто на скопјани, оние што го уништија Скопје веќе подолг период меѓусебно се расправаат врз грбот на скопјани кој е виновен за хаосот што тие го направија.
„Тоа денеска треба да заврши. Ниту ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ниту, пак, Арсовска не може да побегне од одговорноста за хаосот што го направија во Скопје.
Советничката група на СДСМ и коалицијата на денешната седница на Советот очекува престрелките за тоа кој е виновен да завршат конечно и колку толку во периодот што следува, до крајот на мандатот, да направат нешто за Скопје и скопјани. Затоа, впрочем, и беше средбата на Арсовска со Мицкоски“, додава таа.
Од ВМРО-ДПМНЕ како мнозинство и од Арсовска, како што нагласи, очекуваат, конечно, да се усогласат, да се договорат и да ги поддржат проектите и програмите што се во интерес на скопјани. Наместо блокади, според неа, ВМРО-ДПМНЕ во Советот да ја поддржи одлуката за потреба од набавка на нови еколошки автобуси, кои заедно со Арсовска им ги ветија на скопјани, како што заедно го ветија и бесплатниот јавен превоз за кој абер нема да се реализира.
Очекуваат да го поддржат проектот за модерен еколошки транспорт – БРТ.
„Да ги поддржат:
Програмата за дополнителни активности на ЈП „Комунална хигиена“; Програмата за заштита на животната средина,
Програмата за активности од областа на сообраќајот; Развојниот план за јавен превоз на патници во град Скопје;
Програмата за локален економски развој;
Програмата за заштита на Паркот на природата Гази Баба;
Програмата за заштита на природата за заштитниот предел Водно;
Програмата за енергетска ефикасност и сите измени и дополни на програмите што произлегуваат од ребалансот на буџетот, кој е изгласан.
Заглавени се многубројни и значајни проекти. Скопје е во тотален хаос, скопјани тоа не го заслужуваат.
Блокадите на советниците на ДПМНЕ и меѓусебните опструкции прават огромна штета и мора да прекинат.
Скопје се дави во смет, нечисто е, секојдневно никнуваат нови депонии, нема трага од исчистените 82 во првите 82 дена, нема ново зеленило, нема нови велосипедски патеки, нема нови булевари, нема ништо од ветеното во програмата „За модерно Скопје“.
Јавниот превоз е во катастрофална состојба и пред колапс, недостигаат стотина автобуси за редовното одвивање на возниот ред, а оние што ги има, се нередовни, се расипуваат, па дури и се палат, со што се и небезбедни.
Се наоѓаме пред почетокот на новата учебна година, изгласувањето на одлуките е најмалку што во овој момент може да направат ДПМНЕ и Арсовска.
Советничката група на СДСМ и коалицијата се и ќе бидат конструктивни како опозиција во Советот.
Ќе ги поддржиме овие одлуки за доброто на скопјани“, децидна е Јанчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Јавен повик за доделување локации за поставување подвижни објекти во Центар, ги поддржуваме малите бизниси

Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека Општина Центар и годинава објави јавен повик за доделување на локации за поставување подвижни објекти, подвижни апарати и други подвижни направи на 14 локации во централната градска зона.
Право на учество имаат сите правни и физички лица со регистрирана дејност и сите лица што вршат занаетчиска дејност, а подвижните објекти може да се користат за угостителски услуги (продажба на јадења, напитоци, сладолед, и слично).
„Јавниот повик е одлична можност за сите заинтересирани лица да основаат или да го прошират својот бизнис во срцето на градот. Со обезбедување на локации во Центар не само што го поддржуваме развојот на малите бизниси, туку и создаваме простор за иновации и креативност во угостителскиот сектор. Преку нашиот повик, се залагаме за подобрување на урбаната средина, создавајќи современи и еколошки прифатливи решенија што ќе ја збогатат понудата за граѓаните и туристите. Ги повикувам оние коишто сакаат да аплицираат да не контактираат“, вели Герасимовски.
Барателите за локација треба да достават соодветна документација, вклучително и барање за издавање на одобрение, доказ за регистрирана дејност, потврда за исполнување на минимално технички услови, скица со димензии и фотографија од подвижниот објект, како и уплатница од 1.000 денари.
Локациите ќе се даваат за користење на период од 12 месеци, а подвижните објекти треба да исполнуваат минимални еколошки стандарди и да не го нарушуваат амбиентот. Повикот ќе трае цела година, се додека има слободни локации, информираат од општината.
Сите заинтересирани може да аплицираат според принципот „Прв дојден – прв услужен“. За повеќе информации на линкот.
Скопје
Ѓорѓиевски: По 30 години, конечно започнува реконструкцијата на „Румена Хаџипанзова“

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска присуствуваше на почетокот на градежните активности за реконструкција на улицата “Румена Хаџипанзова’ и нејзините краци во населбата Драчево. Овој значаен инфраструктурен зафат опфаќа површина од 6500 квадратни метри, односно 1500 метри должина, каде што во еден дел се врши комплетна реконструкција, додека во друг дел се гради сосема нова улица.
По цели три децении, жителите на овој дел од Драчево конечно ќе добијат модерна и безбедна сообраќајница. Според динамиката на изведба, работите се очекува да завршат во наредните две седмици.
Реконструкцијата на улицата “Румена Хаџипанзова” е дел од пошироката стратегија на градоначалникот Ѓорѓиевски за асфалтирање на сите улици во oпштина Кисела Вода, со цел постигнување на рамномерен развој и подеднакви услови за живот во сите населени места. Овој пристап гарантира декa сите населби и населени места ќе добијат еднаков третман, што значи дека сите граѓани ќе добијат современа инфраструктура
– Денес започнуваме со реализација на уште едно важно ветување – комплетна реконструкција на улицата “Румена Хаџипанзова” во Драчево, која жителите ја чекаа повеќе од 30 години. Ова не е само реконструкција на улица, туку враќање на достоинството на граѓаните кои со децении се соочуваа со лоша инфраструктура. Ова е само уште еден доказ дека нашата стратегија за целосна инфраструктурна обнова на Кисела Вода не е само ветување, туку реалност што ја градиме чекор по чекор. Продолжуваме со силно темпо, затоа што секој дел од општината заслужува подеднакво внимание и развој- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Скопје
Герасимовски: Владата во најбрз можен рок да ја преточи нашата иницијатива во закон

„Очекувам иницијативата на Општина Центар за поригорозни мерки и зголемена одговорност за малолетничкиот вандализам да добие зелено светло на владината седница. Следното е да се оформи работна група, составена од повеќе министерства, која ќе работи на нејзиното преточување во законски одредби. Со тоа, оваа иницијатива ќе стане функционална и применлива“, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во изјава за МРТВ.
Во врска со проверките кои се спроведуваат со колегите и надлежните служби на терен, Герасимовски посочи дека цел е уште од сега да се преземат мерки и да има што поголемо полициско присуство на одредени точки, за во потоплите денови, кога ваквите појави зачестуваат, да спречиме нивно повторување.
,,Навременото делување е клучно за обезбедување безбедна и уредна средина за сите граѓани”, истакна градоначалникот.
Герасимовски е дециден дека одговорноста мора да биде индивидуализирана, а мерките праведни и ефикасни.
„Не се виновни сите деца, но оние што намерно оштетуваат јавен имот треба да сносат одговорност. Затоа предлагаме мерка според која сторителите, заедно со родителите, ќе мораат да ги поправат реквизитите што ги уништиле. Вака ќе поттикнеме поголема свест и почит кон јавниот простор,“ рече Герасимовски.
Тој подвлече дека иницијативата не е насочена против децата, туку кон нивно подобро воспитување и насочување кон спортот и позитивните вредности.
„Важно е сите заедно да ја негуваме јавната одговорност и да создадеме безбедна и уредна средина за нашите најмлади. Верувам дека оваа иницијатива ќе добие поддршка и наскоро ќе стане реалност”, заклучи Герасимовски.