Скопје
Герасимовски: Бесплатна градинка за децата Роми од ранливи семејства
Општина Центар продолжува со својата посветеност за создавање поинклузивно општество за сите граѓани. И оваа година, општината запишува 20 дечиња од ромска националност кои доаѓаат од згрижувачки семејства или приматели на социјална помош на возраст од 3 до 6 години во градинката „Раде Јовчевски – Корчагин“.
Како дел од проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и директорката на детската градинка „Раде Јовчевски – Корчагин“ Елена Устамитова, денеска ги потпишаа новите договори за соработка за учебната 2024/2025 година. Овој проект има за цел поддршка на социјално ранливи групи и инклузија за поквалитетен раст и развој на дечињата, независно од нивната социјална или етничка припадност.
„Интеграцијата на децата Роми во воспитно-образовниот процес со сите останати деца е важен за создавање инклузивно општество. Кога децата растат заедно тие учат за солидарност, толеранција и меѓусебно прифаќање – вредности кои во иднина треба ги изградат во подобри личности. Децата заслужуваат без никакви пречки да го развиваат својот потенцијал, а денешниот потпишан договор е потврда за заложбата и посветеноста за инклузивност и добросостојба на децата од ранливите групи. Општина Центар со години наназад обезбедува еднакви шанси за сите деца, ги намалува социјалните разлики и го подобрува раниот детски развој. Само со ваков пристап можеме да инвестираме во иднината на децата, создавајќи услови за социјален и образовен напредок“, рече градоначалникот Герасимовски.
Проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ се спроведува од 2011 година со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Со овој договор, Општина Центар ги покрива месечните трошоци за посетување на градинката Ј.У.Д.Г. на Општина Центар „Раде Јовчевски – Корчагин“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Разбојник напаѓал жени и девојчиња во Аеродром и Центар, им одземал чанти, ранци, паричници, накит и телефони
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишник осомничен дека сторил повеќе кривични дела против имотот – разбојништва и тешки кражби.
Жртвите биле жени или малолетни девојчиња, кои осомничениот ги напаѓал на различни локации во Центар и Аеродром и притоа им одземал чанти, ранци, паричници, накит, телефони и други вредни предмети.
Обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека тој е извршител на најмалку пет вакви кривични дела, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 100.000 денари.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност да влијае врз постапката и особено веројатност да повторува вакви и слични кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Скопје
Герасимовски: Крводарителска акција денес во општинска Сала на совет, дарувањето крв спасува животи
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека денеска во соработка со Црвен Крст ОО Центар ќе се реализира крводарителска акција од 09:00 до 14:00 часот во општинската Сала на Совет – барака 6.
„Дарувањето крв претставува највисок чин на хуманост кој може да спасува животи. Секоја доза на дарувана крв е непроценлива за пациентите кои се во животна опасност или на кои им се потребни медицински интервенции. Придобивките од дарувањето крв се огромни, покрај помагањето на оние кои им е најпотребна, исто така придонесувате и за подобрување на вашето здравје. Сите граѓани кои денеска сакаат да даруваат крв можат тоа да го направат во периодот од 09:00 до 14:00 часот во општинската Сала на совет – барака 6. Заедно да изградиме посилно и солидарно општество“, истакнува Герасимовски.
Скопје
Герасимовски: Заврши повикот за субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди и тротинети за 2024 година
Во рамки на проектот „Цел Центар на точак”, Општина Центар додели вкупно 140 субвенции за оваа година: 110 за нови велосипеди и 30 за електрични велосипеди и тротинети.
Аплицирањето за субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди и тротинети е завршено, но повикот за субвенционирање дополнителна опрема останува отворен до исцрпување на средствата или до 31.12.2024 година, извести општина Центар.
Секој полнолетен граѓанин имаше право на еднократна субвенција во висина од 30 отсто од цената, но не повеќе од 3.000 денари.
„Овој проект не само што го олеснува секојдневието на жителите на Центар, туку и го подобрува квалитетот на живот со промоција на здрави навики и алтернативни начини на транспорт. Секој нов велосипед и тротинет значи помалку сообраќаен метеж и повеќе слободни паркинг места. Продолжуваме со поддршката за сите кои се дел од оваа позитивна промена”, порача градоначалникот Герасимовски.
Општина Центар заслужено ја носи титулата највело општина, благодарение на современата велосипедска инфраструктура развиена на сервисните улици.
Истовремено, како пионер во промоцијата на алтернативниот превоз, Центар е првата општина во Македонија која, на барање на граѓаните, воведе субвенции за дополнителна опрема за велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, се додава во соопштението на општината.